Напредок во користењето огледала за производство на соларна енергија

29.11.2023 12:16
Пробив во користењето огледала за производство на соларна енергија

Сме слушнале за производство на енергија од соларни панели, но енергија може да се произведе и со соларни колектори, односно големи огледала или леќи кои ја насочуваат сончевата светлина во тесен простор, познат како приемник. Соларните колектори имаат различни форми, различни дизајни (кули за соларна енергија, параболични корита и слично) и техники за насочување на светлината.

Приемникот ја апсорбира и претвора концентрираната сончева светлина во топлина. Процесот е едноставен, но истовремено и тежок за успешно извршување. Ваквите системи најчесто се скапи и бараат совршени климатски услови, со постојана сончева светлина, за да функционираат добро.

Националната научна агенција ЦСИРО во Австралија направила клучен напредок во технологијата што може да ја направи попристапна. Истражувачите за првпат успеале да ја достигнат клучната температура на приемникот од 803 Целзиусови степени и им биле потребни осум години за да го постигнат тоа.

„Ова достигнување е значајно бидејќи создава можност за поголемо складирање на обновлива енергија кога се комбинира со нашиот патентиран разменувач на топлина”, вели д-р Џин-Со Ким, кој го води тимот за соларни технологии на агенцијата.

„Оваа технологија е клучна за испорака на евтина обновлива енергија на скалата за декарбонизација на тешката индустрија во Австралија. Беа вложени повеќе од осум години развој и илјадници часови за да се постигне овој исход” – додава д-р Џин-Со Ким

Новост во системот се керамички делови кои толерираат високи температури и придонесуваат за поголемо апсорбирање и чување на сончевата топлина, со што се намалуваат трошоците. Досега ваквите системи можеле да издржат температури до 600 Целзиусови степени.

Иновацијата сега може да и понуди на Австралија силна алтернатива на PV (соларна енергија со фотоволтаици) сончевата енергија која на многу начини е ограничена.
„Оваа технологија не е конкуренција на технологијата за производство на енергија со фотоволтаици”, посочува Доминик Заал, директор на австралискиот Институт за истражувања за соларна термална енергија.

„Фотоволтаиците ви даваат енергија кога свети сонцето, додека концентрираната сончева термална технологија зема енергија од сонцето, ја чува и потоа му дозволува на корисникот да ја користи таа енергија кога сонцето не свети, ноќе или во облачни денови” - појаснува Заал.

Моментално, системот во Австралија е составен од 400 огледала, а кога би бил целосен (со 10.000 големи огледала), би произведувал електрична енергија како термоелектрана со моќност од 100 мегавати. Се проценува дека инвестицијата би била вратена за помалку од пет години.

Извор: https://interestingengineering.com/

ОкоБоли главаВицФото