Како интернетот ја уништува планетата

15.11.2021 18:34
Како интернетот ја уништува планетата


Девелоперите од Силиконската долина и производителите на полупроводници, Европската комисија и одборот на консултантската куќа Мекински, Џо Бајден и Си Џинпинг, британските либерали и германските Зелени - во одговорот на климатската криза стапија во света алијанса со една идеја: потреба од огромен пресврт кон дигитализација, за благосостојба на планетата. „До таа мера што постои сè поголемо уверување дека нема да биде можно да се соочиме со климатските промени без огромно потпирање на дигиталната индустрија“, истакнува здружението The Shift Project(1), кое не се сложува со ваквото гледиште. Новото евангелие ветува спасување во вид на „паметни“ градови натрупани со сензори и автономни електрични возила, а неговите моќни апостоли ја шират новата вера. Еден од нив е и Global e-Sustainability Initiative (GeSI), бизнис лоби со седиште во Брисел, кое смета дека „сумата емисии на штетни гасови елиминирана со користење информациски и комуникациски технологии е десетпати поголема од штетните ефекти кои настануваат како последица на нивното производство или поставување(2)“. Меѓутоа, независните истражувачи ја доведуваат во прашање веродостојноста на овие наоди објавени насекаде, како и објективноста на научниците кои со нив излегоа во јавност.

Ако ги игнорираме претставниците на „зелениот маркетинг“ во кој компаниите и нивните гласноговорници се вложија со сите сили, тогаш колкаво е еколошкото влијание на дигиталната технологија? Дали новите комуникациски мрежи воопшто се компатибилни со „еколошката транзиција“? Откако спроведовме истражување во десетина различни земји, вистината гласи: дигиталното загадување веќе е огромно, но исто така бележи најбрз раст.

„Кога дознав за какви бројки се работи, се прашав: 'Како е можно?'“, се присетува Франсоа Бертуд, инженерка за информатички истражувања. Пред сè, огромната штета што ѝ се нанесува на животната средина е резултат на милијарди конзоли (таблети, компјутери, паметни телефони) кои ни овозможуваат пристап до интернет. Згора, таа настанува како резултат на постојаното производство на податоци - нивно испраќање, складирање и обработка во големи центри кои ненаситно трошат енергија. Сите тие податоци ни овозможуваат да создаваме нова дигитална содржина која пак бара... сè повеќе конзоли!

За да извршуваме крајно неопипливи акции, како испраќање мејлови преку Gmal, пораки преку WhatsApp, емотикони преку Facebook, видео клипови преку TikTok или слики со мачиња преку Snapchat, изградивме инфраструктура која, со зборовите на организацијата Гринпис, „наскоро веројатно ќе стане најголемото нешто создадено од човечката раса(3)“.

 

Бројките се неверојатни: глобалната дигитална индустрија троши толку вода, сировини и енергија, што нејзиниот јаглероден отпечаток е трипати поголем во однос на земјите како Франција или Велика Британија. Дигиталната технологија денес користи 10 проценти од вкупното глобално производство на електрична енергија и е одговорна за околу 4 проценти од светските емисии на јаглерод диоксид, што е речиси двапати повеќе во однос на вкупните емисии на сите светски цивилни авиокомпании(4). „Доколку дигиталните компании се покажат како помоќни во однос на регулаторните тела кои треба да им вршат надзор, постои опасност дека веќе нема да бидеме во состојба да го контролираме нивното еколошко влијание“, признава Јан Талин, основачот на Скајп и институтот Future of Life, кој се занимава со технолошка етика(5).

Јенс Тојблер, истражувач на институтот Вупертал, ни ден денес не може да се оттргне од сличен впечаток. Пред неколку години овој германски научник учествувал на конференција на својот матичен институт, во истоимениот град на сојузната држава Вестфалија, на западот од Германија. Тогаш „останал затекнат од илустрацијата на човек кој носи бурма... и огромен ранец, кој претставува реален јаглероден отпечаток на неговиот брак. Таа слика ми се врежа во сеќавањето“. На тој начин институтот го претстави новиот метод за пресметување на материјалните последици од нашите потрошувачки навики, развиен во деведесеттите години од минатиот век: material input per service unit (МИПС), односно количина потребни ресурси за производство на некоја стока или услуга(6).

За да го пресметаат своето еколошко влијание, компаниите најмногу се служат со следење на емисиите на јаглеродниот диоксид. Меѓутоа, овој квантитативен метод често во сенка ги фрла другите видови загадувања, како оние кои се однесуваат на влијанието на отпадните материи од хемиската индустрија во однос на квалитетот на водата. Од деведесеттите, МИПС го промени фокусот кон загрозувањето на животната средина кое настанува како последица на производството на стоки и услуги. Ако набљудуваме што сè влегува во некој предмет, наместо што излегува од него, би извршиле комплетна промена на перспективата.

Конкретно, МИПС ја мери сумата ресурси кои се користат во текот на производството, користењето и рециклирањето на некоја облека, шише сок од портокал, тепих, паметен телефон... Тој опфаќа сè: обновливите (растителни), како и необновливите (минерални) ресурси, ерозијата на тлото која се појавува како последица на земјоделските активности, водата и потрошените хемикалии итн. Да земеме како пример една маица: нејзината изработка во фабрика во Индија бара електрична енергија, која се создава со согорување јаглени хидрати, кои се вадат од тлото од кое претходно е исечена борова шума...

 

Еколошкиот ранец

Овој пристап е изразен со мерната единица наречена „еколошки ранец“, односно повеќекратен коефициент за секоја наша потрошувачка акција. Методологијата е далеку од совршена: „Повеќето податоци кои се користат за пресметување на МИПС се добиваат врз основа на мислења и проценки на стручњаци“ па затоа непрецизноста е редовна појава, нервозен е Јенс Тојблер. Па, повторно, добиените бројки нè оставаат без зборови - МИПС прстенот кој содржи само неколку грама злато е тежок... три тона! МИПС може да се мери и за услугите или потрошувачката: еден километар возење со автомобил или еден час гледање телевизија користат еден, односно два килограми ресурси. Една минута телефонски разговор „чини“ 200 грама. Кога станува збор за смс пораките, секоја тежи 632 грама. МИПС може да биде низок за разни производи. На пример, производството на челични лостови бара „само“ десетпати повеќе ресурси во однос на нивната конечна маса. Меѓутоа, „кога ќе се вклучи технологијата, МИПС почнува да скока“, објаснува Тојблер. Дигиталните технологии јасно го покажуваат тоа, особено земајќи предвид колку различни метали користат, најпрвин „ретки метали кои тешко можат да се најдат од Земјината кора“, продолжува тој. Со самото тоа, еден компјутер кој тежи два килограми, меѓу другото, бара 22 килограми хемиски производи, 240 килограми гориво и 1,5 тони чиста вода(7). МИПС на еден телевизор се јавува во распон од 200 до 1000 спрема 1, додека за еден паметен телефон тој размер изнесува 1200/1 (183 килограми сировини за 150 грама финален производ). Меѓутоа, светскиот рекорд го држи МИПС на електронскиот чип: 32 килограми сировини за интегрално коло од само два грама, односно размер од 16000/1.

„Луѓето често ги изненадува јазот помеѓу цената и реалното влијание на потрошувачкото добро кое се купува“, тврди Тојблер. Со право: географските предели кои трпат најголема материјална штета се наоѓаат блиску до почетокот од производствениот ланец, многу далеку од продавниците каде што се продаваат производите. Така, електронските уреди на крајно невидлив начин доведоа до експанзија на нашиот „материјален отпечаток“. Милијарди сервери, антени, ви-фи рутери и приемници кои во моментов се наоѓаат во погон, значат дека оваа „нематеријална“ технологија не само што троши ресурси туку и станува еден од најголемите потфати на материјалната потрошувачка во историјата на човештвото.

 

Исклучително место во оваа мошне реална инфраструктура играат дата центрите. Овие чудовишта од челик и бетон полни со сервери, никнуваат како печурки по дожд, а сето тоа во ритамот на вистинската поплава од информации предизвикана од нашиот дигитален универзум: пет 
милијарди бајти дневно, што е еднакво на сите податоци од почетокот на информатиката како дисциплина до 2003 година. Тоа би било доволно за да се пополни меморијата на десет милиони блу-реј дискови кои, наредени еден до друг, би биле четири пати повисоки од Ајфеловата кула. Сеедно, ова е ситница во однос на количината податоци кои ќе ги произведуваат стотина милијарди уреди поврзани на 5Г мрежата која се гради ширум светот. За да може да се разбере тој скок, доволно е да се погледнат некои од бројните париски јавни електрични скутери.

Колку корисници на ова превозно средство знаат дека компаниите кои ги даваат на користење „собираат огромна количина податоци за транспортните навики на луѓето кои се возат со нив“, објаснува Мохамад Тажсар, адвокат од Американскиот сојуз за заштита на граѓанските слободи (АЦЛУ). Кога ќе отворите профил на соодветната апликација, внесувате име, презиме, мејл адреса, поштенска адреса, број на телефон, број на кредитна картичка, историја на плаќања итн. Потоа компанијата која го изнајмува тротинетот има можност да ги собира сите информации за движењето на вашето возење благодарение на приемниците на тротинетот и податоците кои ги испраќа вашиот мобилен телефон. Групата Бирд исто така бара дозвола за да го збогати вашиот профил со информации добиени од други компании кои веќе поседуваат податоци за вас, како и да добие проценка на вашата кредитна способност кај компаниите кои пружаат такви услуги! Кога ќе застанете на ова превозно средство со две тркала, прифаќате дека операторот ќе споделува одредени податоци за вас „со трети лица за истражувачки, комерцијални и други цели“, штуро објаснува, на пример, групата Лајм. Сите овие наоди „испишани со нем и непрецизиран јазик во условите за користење, нужно им остануваат нејасни на корисниците“, забележува Тажсар. Ваквиот тек на информациите, полнејќи ги индивидуалните профили кои по баснословни цени им се продаваат на разни корпорации, неизбежно се движи кон дата центрите - поточно завршува на клауд (облак).

 

Систематското прибирање разновидни податоци ширум светот „за десетпати ја зголеми побарувачката за дата центрите“, анализира еден стручњак од компанијата Болт. Cloud cities („градови облаци“), специјализирани за складирање податоци, никнуваат ширум Кина. Покрај тоа, најголемиот светски дата центар се наоѓа во Лангфанг, град на еден час возење јужно од Пекинг. Неговата површина изнесува 600.000 квадратни метри, што е како 110 фудбалски терени! Количината вода и електрична енергија кои ја трошат дата центрите за да ги ладат машините расте сè побрзо зашто провајдерите повеќе се трудат по секоја цена да го избегнат тоа што во оваа бранша се нарекува „тотално гаснење“: сеопшт дефект кој се јавува како последица на прекин на електрична енергија, течење вода од системите за ладење, информатички баг, итн. На пример, во 2017 година, огромен дефект во дата центарот на компанијата Бритиш Ервејс доведе до откажување 400 летови и блокираше 75.000 патници и патнички на лондонскиот аеродром Хитроу. Еден долготраен пад на серверите на Амазон би претставувал сериозен економски проблем за западниот свет.

Во контекстот обележан со сè пожестока конкуренција, компаниите кои складираат податоци се обврзуваат дека нивната инфраструктура ќе оперира 99,995 проценти од времето, што значи само 26 минути недостапност на услугите годишно. „Оние кои често доживуваат тотални гаснења брзо се истиснати од пазарот“, проценува Филип Лис, претседател на институтот Датацентар. За да ја остварат оваа апсолутна веродостојност, провајдерите воведуваат сè повеќе мерки на претпазливост. Тоа вклучува и „вишок“ струјни мрежи. „Обезбедете два дотоци на електрична енергија, две групи генератори и простории големи како просечна библиотека полна со оловни батерии за да се погрижите системот да не падне пред да се вклучат генераторите“, објаснува Пол Беноа од компанијата Карно Компјутинг. Овие мерки често се појавуваат заедно со огромни логистички мрежи.

Така покривите на некои дата центри во самото срце на Њујорк „се претрупани со огромни структури“, кои вклучуваат „водени кули за разладни системи [...], резервоари со вода во случај на прекин на стандардното снабдување, кранови со кои од улиците можат да се креваат дизел мотори... Нивните подруми се полни со кабли како и резервоари со стотици илјади литри гориво наменето за генераторите“, набројуваат Сесил Диге и Фени Лопез, две истражувачки кои спроведоа глобална студија за дата центрите(8). Јасно е, заклучува Лис, „дека не постои зграда чиј квадратен метар чини повеќе од еден врвен дата центар“.

 

„Зомби сервери“

Како да не е доволно, компаниите за складирање податоци почнаа да ги дуплираат и самите дата центри, претходно осигурувајќи паралелната постројка да се наоѓа на друга тектонска плоча! Не дај боже некој земјотрес да нè спречи на Инстаграм да ја објавиме содржината на нашата чинија или да задоцниме на состанок закажан преку Тиндер. На конференцијата одржана 2010 година инженерите на Гугл објаснија дека содржината на Gmail сервисот се бекапува шест пати, додека денес општо правило е просечен видео клип со мачки да се чува во најмалку седум дата центри ширум планетата. Значи, индустријата е составена и од „зомби сервери“ кои не трошат помалку од останатите.

Најпосле, службите за складирање податоци градат инфраструктура со непотребно големи размери за да им се прилагодат на шпицовите во протокот. Како резултат на тоа, „еден рутер никогаш не оперира со повеќе од 60 проценти од својот капацитет“, смета истражувачката Ан-Сесил Оржери. Нуспроизвод на оваа неумереност е и неверојатното расипничко трошење електрична енергија. Веќе прилично старата студија која ја спроведе Њујорк Тајмс (22 септември 2021 година), покажа дека одредени слабо користени дата центри трошат до 90 проценти од електричната енергија што им е на располагање. За време на конференцијата одржана кон крајот на 2019 година во салонот на Data Centre World (еден од најголемите собири на професионалците од доменот на клауд технологијата) во Париз, еден од присутните го изнесе следното неверојатно тврдење: „Проценивме дека дата центрите ќе користат една третина од вкупната енергија од поширокиот регион на Париз(9)“.

Кога станува збор за Веб Сервисот Амазон, кој од 2017 година го покрива и Il de Frans „тој потпиша договор за снабдување за 155 мегавати електрична енергија, што е еднакво на потребите на еден повеќемилионски град“, ни откри стручњак кој нè замоли да остане анонимен. Секторот за дигитални технологии денес е заслужен за 1 до 3 проценти од светската потрошувачка на електрична енергија, што, земајќи ја предвид брзината на растот на клаудот, е бројка која до 2030 година може да се зголеми четирипати(10). Со други зборови, заклучуваат Сесил Диге и Фени Лопез, дата центрите претставуваат „едни од најголемите потрошувачи на електрична енергија во 21 век(11)“. Покрај тоа, главен извор на енергија за производство на струја се фосилните горива(12).

 

Интернетот го обликува светот во кој човечката активност во строга смисла на зборот веќе не е единствената движечка сила во дигиталниот универзум. „Компјутерите и другите уреди меѓусебно комуницираат без никаква човечка интервенција. Произведувањето податоци веќе не е поврзано со каква било активност од наша страна“, потврдува Мајк Хазас, професор на Универзитетот во Ланкастер(13). Сосема очекувано, тој феномен со себе носи и еколошко влијание... кое не сме во состојба ни да го пресметаме, а камо ли да го контролираме. Се поставува мошне вознемирувачко прашање: дали може да се случи дигиталните активности да доведат до тоа роботите еден ден да имаат поголем еколошки отпечаток од самите луѓе? Повеќе од 40 проценти од онлајн активностите веќе се случуваат како резултат на автоматизирани процеси или од луѓе платени да генерираат вештачки содржини. „Троловите“, „ботнетите“ и „спамботовите“ испраќаат несакани мејлови, шират гласини на социјалните мрежи или вештачки ја надувуваат популарноста на одредени видео клипови. Интернетот сосема очекувано го прошири опфатот на овие активности: до 2023 година, врските помеѓу машината (позната и како М2М, односно „machine to machine“), која најчесто ја среќаваме во таканаречените паметни куќи или возила, ќе претставува половина од сите врски на интернет(14). Кога станува збор за податоците, оние кои настауваат како последица на нечовечка активност веќе се мнозинство, и тоа уште од 2021 година.

Ова е само почеток, зашто во иднина против ботовите ќе се борат... други ботови. Од 2014 година „генеративните сопарнички мрежи“ (ГАН) овозможија создавање софтвер кој може да произведе лажни видео-снимки кои ги менуваат лицата или зборовите на личностите во нив (познати како deepfakes). На тие мрежи сега им се спротивставуваат други алгоритми задолжени да ги уништуваат. „Ниеден човек не напишал код со чија помош се создаваат такви содржини, а машините сега работат за да ги разоткриваат deepfake снимките. Тоа е војна на машините“, заклучува Лиам Њукомб, британски инженер и стручњак за интернет. Уште еден пример: за да се бори против спамерите (кои и самите најчесто се ботови), една новозеландска компанија неодамна ја разви програмата Рескам, која започнува бескраен разговор со автоматизираните измамници за да им го троши времето(15). Во финансискиот сектор, автоматизираните шпекулации претставуваат 70 проценти од светските трансакции, односно до 40 проценти од вкупната размена на вредностите. Преминавме од мрежа која ја користат луѓето и која им користи на луѓето, на интернет кој го користат машините и кој дури е наменет за нив.

 

Домените на инвестициските фондови сè помалку се територија на брокерите кои се натпреваруваат меѓусебно за да остварат најголем профит. Во тој свет, истакнува професорот Хуан Пабло Пардо-Гета, автор на книгата која се занимава со оваа тема, „во најдобар случај поединците играат споредна улога(16)“... Еден некогашен аналитичар смета дека „најголем сон на квантитативните фондови е да се ослободат од потребата за сите вработени освен за мал број од нив кои со текот на времето би притискале неколку копчиња за да може да функционира сè“. Следното предвидување се наметнува само по себе: „Кога таквата инфраструктура еднаш ќе проработи, ќе биде сосема очекувано да се каже: 'А можеби компјутерот може сам да донесе одлука [за инвестирање]“, вели Мајкл Кернс, професор по информатичка теорија.

Покрај таканаречените „активни“ фондови во кои проценките во најголема мера сè уште ги прават луѓето, има сè повеќе „пасивни фондови“ во кои финансиските операции сè повеќе се ставаат на авто-пилот. Често станува збор за индексни фондови кои ги следат берзанските индекси (на пример, S&P500, заснован на 500 највисоко рангирани компании на американските берзи) и прават долгорочни инвестиции во компании кои се наоѓаат на нив. Меѓу нив се и BlackRock, Vanguard, Renaissance Technologies или дури Two Sigma. Инвестициите кои ги вршат пасивните фондови денес во САД се пообемни во однос на оние кои доаѓаат од активните(17). Со самото тоа, целиот финансиски пазар сè повеќе станува предмет на кодови, алгоритми и компјутери.

 

Робот во управниот одбор

Покрај тоа, фондовите со кои управуваат машините уште попогубно влијаат на животната средина во однос на оние кои се наоѓаат под контрола на луѓето. До тој заклучок дошол Томас О'Нил, истражувач кој од 2018 година води истрага по налог на британската организација Инфлуенс Мап(18). Со особено внимание кон пасивните фондови на Блек Рок, тој заклучил дека тие во 2018 година бележеле: „'јаглеродна потрошувачка со повеќе од 650 тони на милион долари, додека активните фондови [...] имале далеку помал интензитет од околу 300 тони на милион долари“. Според зборовите на овој истражувач, сите пасивни фондови во светот премногу зависат од фосилните горива - во значително поголема мера од активните. Проектирани да создаваат профит, а не да го спречуваат топењето на гллечерите, алгоритамските фондови ја забрзуваат климатската криза.

Нема сомнеж дека во насока на декарбонизирано решение би можело да се користи поинакво програмирање. Меѓутоа, предводниците на споменатите финансиски институции се противат на такво решение, повикувајќи се на обврските спрема своите клиенти, за чии инвестиции се одговорни, како што велат. Наскоро ова прашање можеби нема ни да се поставува. Во 2017 година еден фонд од Хонг Конг, Deep Knowledge Ventures, најави дека поставил робот наречен Vital на место во управниот одбор(19). Оттогаш ниедна одлука не може да се донесе а да не пројде низ неговата анализа. Исто така, американската компанија EquBot, според зборовите на својот основач, од неодамна ги користи услугите на „вештачката интелигенција“ бидејќи таа не е ограничена од „емотивните и психолошките слабости кои го потиснуваат човечкото размислување(20)“.

 

Какво ќе биде еколошкото влијание во светот во кој флоти празни автономни автомобили ноќе ќе крстарат низ заспаните градови и во кои армии програми 24 часа дневно ќе војуваат на интернет, додека ние ги живееме своите животи? Едноставно кажано, огромно. Веројатно многу поголемо од вкупното загадување кое се создава како последица на човечките дигитални активности. Како показател може да послужи тоа што истражувачите неодама пресметаа дека уфрлувањето неопходни количини податоци во вештачката интелигенција може да доведе до иста количина емитуван јаглероден диоксид, колку што ќе исфрлат пет автомобили во текот на нивниот животен век(21). Исто така, фокусирањето врз последиците на нашите дигитални навики во момент во кој 5Г се заканува потполно да ги измени правилата на игра, може да се покаже како илузорно и залудно.

Дигиталната технологија претставува рефлексија на нашите современи грижи, нашата нова екологија на стравот. Па повторно, таа е и носител на огромна надеж во напредокот на човештвото и ни помага дополнително да го продолжиме животниот век, да го истражиме потеклото на универзумот, да ја прошириме достапноста на образованието и да изградиме модели за идни пандемии. Допрва ќе видиме каков поттик ќе им даде дигиталната технологија на моќните еколошки иницијативи.

Првпат во историјата една генерација се крена за да ја „спаси“ планетата, ги повика државите на одговорност заради климатската неодговорност и почна со масовно садење дрвја. Родителите се жалат дека дома имаат „три Грети Тунберг“ кои го критикуваат нивното купување месо, пластика или авионски билети. Истовремено, оваа генерација користи онлајн купување, виртуелна реалност и гејминг технологија многу повеќе од сите останати. Таа обожава онлајн видео-снимки и за неа високотехнолошкиот свет е единствениот свет што го познава.

Значи, дали треба да се откажеме од искреноста кон себеси за да се фрлиме во главната борба на нашиот век? Дигиталната технологија во обликот во кој се развива пред наши очи најчесто не е во служба на зачувување на планетата и климата. Иако на прв поглед минимална, токму таа, парадоксално, е она што ќе нè доведе до крајните физички и биолошки граници на нашиот заеднички дом.

 


Гијом Питрон е новинар и автор на книгата L'Enfer numerique. Voyage au bout d'un like. Les Liens qui liberent, Париз, 2021, чија централна теза е изнесена во оваа статија.

Референци:

(1) „Lean ICT: pour une sobriete numerique“, извештај на работната група која ја водеше Хјуз Фербуф за здружението The Shift Project, Париз, октомври 2018.
(2) „#SMARTer2030 opportunity: ICT soultions for 21st century challenges", GeSI et Accenture Strategu, Брисел, 2015.
(3) „Clicking clean: Who is winning the race to build a green Internet?“, Greenpeace International, Амстердам, 2017.
(4) „Lean ICT: pour une sobriete numerique“.
(5) Доколку не е поинаку наведено, сите цитати се извлечени од разговори со личностите на кои им се припишани.
(6) Микаел Ритхог, Холгер Рон и Криста Лидке, „Calculating MIPS: Resource productivity of products and services", Wuppetral Spezial 27e, Институт за клима, животна средина и енергија во Вупертал, јануари 2002.
(7) Фредерик Бордаж, Орели Понтал, Орнела Триду, „Quelle demarche Green IT pour les grandes enterprises francaises?“, студија на WeGreen IT спроведена во соработка со WWF France, октомври 2018.
(8) Сесил Диге и Фени Лопез, „L'impact spatial et energetique des data centres sur les territoires", извештај на Агенцијата за животна средина и управување со енергијата (Ademe), Анже, февруари 2019.
(9) Коментар на Хозе Гињар, вработен во Gaz reseau distribution France (GRDF), Data Centre World, ноември 2019.
(10) Бен Тарнов, „To decarbonize we must decomupterize: Why we need a Luddite Revolution“, The Guardian, Лондон, 18 септември 2019.
(11) Сесил Диге и Фени Лопез.
(12) Прочитај: Себастијан Брока, „Le numerique carbure au charbon“, Le Monde diplomatique, март 2020.
(13) Мајк Хазас, коментар на конференцијата „Drowning in data - digital pollution, green IT, and sustainable access“, EuroDIG, Талин (Естонија), 7 јуни 2017.
(14) „Cisco Annual Internet Report (2018-2023) White Paper“, Сан Хозе (САД), објавен на 9 март 2020.
(15) Џејмс Винсент, „Send scam emails to this chatbot and it'll waste their time for you", The Verge, Вашингтон, О.К, 10 ноември 2017.
(16) Хуан Пабло Пардо-Гера, Automating Finance: Infrastructures, Engineers, and the making of Electronic Markets, Cambridge University Press, 2019.
(17) „The passives problem and Paris goals: How index investing trends threaten climate action", извештај на Sunrise Project, Сари Хилс (Австралија), 2020.
(18) „Who owns the world of fossil fuels? A forensic look at the operators and shareholders of the listed fossil fuel reserves", InfluenceMap, Лондон, декември 2018 (објавено на 4 јануари 2019).
(19) Ники Бариџ, „Artificial intelligence gets a seat in the boardroom“, Nikkei Asia, Токио, 10 мај 2017.
(20) Конрад Де Енл, „A.I has arrived in investing. Humans are still dominating“, The New York Times, 12 јануари 2018.
(21) Карен Хао, „Training a single AI model can emit as much carbon as five cars in their lifetimes“, MIT Technology Review, Стенфорд, 6 јуни 2019.

 

Слики: Aurora Robson - Junk Mail Collage
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Le Monde diplomatique

 

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Технологија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото