Kонцертна промоција на деби албумот на „Строг пост”

15.01.2024 10:10
Kонцертна промоција на деби албумот на „Строг пост”

На 16 јануари, вторник, од 21 часот, во „Котур” ќе се одржи концертната промоција на деби албумот (CD) на составот „Строг пост”, кој воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома”.

„Строг пост” е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Тие создаваат музика која осцилира на честопати невидливите граници помеѓу ионака провизорните жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, панк џез, амбиент и слично, сите филтрирани низ внимателно изработено, експериментално сито и решето. Музиката е набиена со брутални и заразни рифови, стегнати во ритам секција која би наликувала на менгеме, кога би сакале визуелно да си ја претставиме.

Албумот го сними Ивица Јанкуловски, во студиото „Алшар”, во Скопје, на 27 февруари 2023 година. Јанкуловски, исто така, го направи миксот и мастерингот на албумот, во периодот март-јули 2023 година. Сите песни се компонирани и продуцирани од триото Букршлиев, Омерагиќ и Новковски. Дизајнот на омотот е дело на Кристијан Новковски, а извршен продуцент за „Аксиома” е Вангел Ноневски. Ова ќе биде деби албум на „Строг пост” и прво музичко издание на „Аксиома”.

Инаку, посебно или заедно, Букршлиев, Омерагиќ и Новковски свират и во Светлост (и нивниот проширен Odron Ritual Orchestra), Taxi Consilium, Fighting Windmills, The Local Blue, групите на Јордан Костов, Филип Букршлиев трио, Palindrom... и кој знае уште колку неформални состави. Во 2021 година, Филип Букршлиев ја доби наградата „Најдобар млад џез музичар” од светски реномираниот Скопски џез фестивал. Во 2019 година, Омерагиќ и Новковски, заедно со Нинослав Спировски и проширениот Svetlost Odron Ritual Orchestra, го издадоа нивниот деби албум, кој подоцна беше избран меѓу најдобрите 15 џез албуми за 2019 година на светско ниво, од музичката платформа Bandcamp. Слично се случи и со деби албумот на Taxi Consilium (ноар џез составот на Букршлиев), Essential Sunday Gloom, кој беше избран меѓу најдобрите џез албуми за месец мај 2021 година, исто така од Bandcamp. Сите тројца, со своите бројни бендови, редовно свират во регионот, а уште почесто и на бројните фри импров и џем сесии во повеќе скопски клубови.

„Аксиома” е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс културата, критичките теории исл., организира изложби и работилници за млади и потајно навива современата авангардна, т.н. „терсене” музика да стане идеја-водилка на сите уметности.