Прашања од граѓански организации пред следниот изборен круг

26.04.2024 13:40
Прашања од граѓански организации пред следниот изборен круг

Десетина граѓански организации и независни иницијативи кои учествуваа на локалните избори и еко-здруженија со досегашното делување стекнаа искуство, но и големо знаење за состојбите и потребите за промени. Тие утрово доставија 18 прашања до политичките партии што ќе учествуваат на парламентарните избори, на кои, како што велат, наместо флоскули и демагогија, очекуваат конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности.

„Неброено пати ги повикувавме институциите за да бидеме заедно на страната на промените, за да се подобрува, унапредува и да се обезбеди квалитетен живот на сите граѓани.

Скоро 70% од законите се спроведуваат на локално ниво, во нашите општини. На прагот сме на парламентарни избори, а одлуките кои следните парламентарци ќе ги носат, директно ќе влијаат и на политиката на локално ниво.

Ние на овие избори не учествуваме директно, но и ние и останатите граѓани гласаме. И сакаме информирано да гласаме!”, велат од О2 Иницијатива.

Прашањата на организациите се поврзани со загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото и квалитетот на животот. Одговорите од партиите ги очекуваат до 2 мај. Јавно и во целост ќе бидат објавени пред гласањата на 8 мај за да бидат патоказ, но и обврска за периодот кој следи.

Вклучените организации се: Граѓанската иницијатива Шанса за Центар – Скопје, O2 Иницијатива, Граѓанска иницијатива Зелен хуман град – Скопје, Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба – Скопје, Граѓанска иницијатива Независни за Карпош – За заштита на Карпош- Скопје , Граѓанска иницијатива Заедно за промена – Скопје, Граѓанска иницијатива Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село, Граѓанска иницијатива За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода – Скопје, Граѓанската иницијатива Охрид SOS – Охрид и Граѓанската иницијатива Грин.Орг – Кочани.

„Нашите заложби се јасни: транспарентно, чесно, законито и правично општество за сите, политики кои ги штитат граѓанинот и јавниот интерес, обезбедуваат и стимулираат активно граѓанско вклучување и обезбедуваат здрава животна средина и подеднакви квалитетни услуги за сите граѓани низ државата. Во исчекување сме да ги чуеме конкретните одговори од учесниците на изборите. Од нивниот одговор зависи и нашиот одговор на гласањето”, велат здружените организации и иницијативи.

Нивните прашања до политичките партии – учесници на изборите, на кои велат дека очекуваат одговор до 2 мај, се:

Загадување:

Што конкретно ќе преземете во текот на следната година, во следните 3 и 5 години за бројката од 5600 жртви од загадувањето да не расте, туку да се намалува и дали ги знаете економските последици од загадувањето и како ќе се справувате со нив?

Кога ќе почнете и во кој рок ќе го завршите префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање и така ќе го спречите континуираното труење на граѓаните?

Кои се вашите конкретни чекори за справување со отпадот во кој се гуши државата и како ќе се санкционираат општините коишто не се справуваат со отпадот?

Дали имате јасен план за организирање на незагадувачки јавен транспорт во Скопје и поголемите градови?

Дали ќе го „одмрзнете“ проектот за обележување на старите загадувачки автомобили, и нивно скалесто отстранување од сообраќај во денови на зголемено аерозагадување?

Како ќе овозможите конечно да се спроведува Законот за бучава кој предвидува и со него предвидената државна мониторинг мрежа за мерење на бучава и како ќе воспоставите ефикасен систем за контрола и санкционирање?

Кој е вашиот став за рудници во земјоделски региони, во близина на населени места и заштитени подрачја, како и за малите хидроцентрали по реките?

Каде и колку пречистителни станици за отпадни води ќе изградите во овој мандат?

Кога ќе направите фонд за животна средина од сите еколошки такси во државата?

Урбанизам:

Кога ќе го смените Законот за градежно земјиште со кој се дозволува оној кој има 30% да може да откупи 70% од градежна парцела со државно земјиште?

Како ќе спречите приватизација на атрактивно државно земјиште по багателни цени?

Кога и како ќе ја запрете легализацијата на дивоградбите и како ќе се справите со постоечките дивоградби и дивеењето на инвеститорскиот урбанизам?

Која е вашата стратегија во неколку конкретни чекори да ја прекинете финансиската зависност на општините само од комуналии и издавање нови градежни дозволи?

Што ќе правите со проектот Скопје 2014?

Владеење на право:

Како ќе овозможите полесно да се спроведуваат локални референдуми и облици на непосредно изјаснување на граѓаните и следење на политиките?

Дали ќе поддржите јавна расправа во Собранието за Изборниот законик по изборите?

Сообраќај:

Како ќе го намалите бројот на жртви во сообраќајот и сообраќајниот хаос?

Како ќе го вратите комуналниот ред во општините?

Дали имате јасен план за справување со кучињата скитници на национално ниво?