Што влијае на мојот политички глас?

29.04.2024 01:40
Што влијае на мојот политички глас?

Сите сакаме да веруваме дека како гласачи сме мошне рационални личности. Својот кандидат го избираме според програмата, идеите и докажаното искуство. Дали сме сигурни дека ништо не се вмешува во нашиот избор? Тоа е поле на интерес на бројни истражувачи во психологијата на изборното однесување.

Краус (2013) ја опиша политичката атмосфера во САД во шеесеттите; Кенеди и Никсон се соочуваа во телевизиски дебати, а за една од нив граѓаните се поделија околу тоа кој победил. Оние што ја следеле дебатата на телевизија за победник го сметале Кенеди. Меѓутоа, граѓаните кои го слушале преносот преку радио за победник го сметале Никсон.

Се чини дека тој ден некои визуелни обележја играле улога во тоа кој од нив ги импресионирал граѓаните. Будесхајм и Депаола покажуваат нешто слично во истражувањето од 1994-та година, во кое попривлечните политички кандидати биле проценувани попозитивно. Изгледа дека изгледот е важна и интересна компонента во политиката.

„Убавото е добро“

„Убавото е добро“ е стереотип за физичката привлечност и една од најпознатите кратенки во размислувањето. Убавиот и/или привлечен изглед го поврзуваме со позитивните карактеристики како високата моралност и интелиганцијата, а „помалку убавите/привлечни“ поединци ги поврзуваме со спротивните карактеристики - попрво ќе ги сметаме за криминалци, помалку интелигентни и слично. Секако, ваквите стереотипи не се правило секогаш, но им подлегнуваме повеќе отколку што сме можеби свесни за тоа, а истражувањата ја поткрепуваат присутноста на овој стереотип. Лев-он (2016) во своето истражување ја релативизира важноста на привлечноста. Ако учесниците воопшто не ги познавале кандидатите во симулирани избори (за нив дознале во истражувањето), предност им давале на попривлечните кандидати, а ако кандидатите веќе им биле познати, привлечноста не била важна.

Интеракција помеѓу возраста и привлечноста како предиктор на веројатноста на гласовите на гласачите (YA - млади гласачи, OA - постари гласачи), преземено од истражувањето на Литл и соработниците (2013)

 

Како донесуваат одлуки младите, а како постарите гласачи?

Постојат големи разлики помеѓу помладите и постарите гласачи. Додека младите луѓе често се критикуваат за апатија кон политичките теми, постарите гласачи пак се критикуваат како премногу ригидни и неподготвени за промени. Какви се разликите помеѓу нив? Во интересното истражување на Френклин и Зебровиц (2015), група постари и група помлади гласачи ги проценувале привлечноста и компетенцијата на кандидатите и веројатноста на гласањето за одреден кандидат.

Двете возрасни групи за покомпетентни и подоверливи ги сметале попривлечните кандидати. Сепак, кај постарите гласачи изборот почесто зависел од привлечноста на кандидатите, додека помладите гласачи повеќе го вреднувале доживувањето на компетенциите на кандидатот.

Иако високата компетенција ќе ги импресионира и старите и младите гласачи, помладите гласачи ќе ги одбие недостатокот на компетенции. Во некои други истражувања постарите гласачи повеќе ги ценат моралните вредности на кандидатот отколку компетенциите, па токму тоа може да биде објеснување за таквиот наод.

Дали постои лице на нацијата?

Да се тргнеме за момент од привлечноста и да разгледаме некои од карактеристиките на лицето. Интересни се податоците за изгледот и гласањето во истражувањето на Литл и соработниците (2007), каде во хипотетична ситуација на мир, луѓето порадо гласале за фемини лица, а во ситуација на војна за маскулини. Инаку, фемините лица ги поврзуваме со просоцијални однесувања (на пример, алтруизам, помагање, друштвеност), а маскулините со доминацијата. Авторите на истражувањето (Вен и соработниците, 2020) објаснуваат дека во воена ситуација оние со фемини карактеристики потсвесно ги перципираме како можни губитници од страна на агресорот.

Да не заборавиме, сето ова се субјективни перцепции околу нечија компетентност, доверливост, привлечност итн, а податоците ни покажуваат дека таквите вредности во нашата перцепција често се појавуваат заедно - попривлечните кандидати ги сметаме за подоверливи, покомпетентни и, најпосле, тие го освојуваат нашиот глас.

Пред да помислите дека згодните политичари се ретки и дека ова нема смисла, имајте предвид дека тука не разговараме нужно за романтично-сексуалната привлечност на секој гласач.

Како што ни покажуваат низа истражувања, одредени карактеристики навистина влијаат дали некому ќе го дадеме својот глас, свесно или не, карактеристиките за физичкиот изглед за нас имаат значајни импликации за нивниот карактер и вештините.

Интеракција помеѓу возраста и компетенцијата како предиктор на веројатноста на гласањето (YA - млади гласачи, OA - постари гласачи), преземено од истражувањето на Литл и соработниците (2013)

 

Кои карактеристики нè импресионираат?

Пред да ги претставиме најценетите црти на личностите на кандидатите, да запамтиме дека генерално ја преценуваме сопствената способност за проценка над другите луѓе. За себеси сакаме да веруваме дека „никој не може да нè измами“ и дека „секогаш чуствуваме кога не е нешто во ред“. Затоа во истражувањето се служиме со нашата перцепција на карактеристиките (каков е нашиот впечаток за тоа каква е другата личност, во случајов, политичкиот кандидат). На пример, во едно истражување (Копенстајнер и Стефан, 2014) на симулирани избори, спроведени со студенти, резултатите покажаа дека екстраверзијата/интроверзијата и совесноста не биле важни карактеристики на кандидатите. Од друга страна, пријатноста била преферирана особина на кандидатите и се поврзувала со повисока стапка на гласање.

А, дали кандидатите гласале за оние кои биле слични на нив? Според податоците, изгледа дека тоа се случува кога сметаме дека сме слични со кандидатот според емоционалната стабилност. Поистоветувањето со кандидатот според оваа карактеристика предвидува најголема веројатност при гласањето, во споредба со другите карактеристики.

Не заборавајте кои сте

Како и за кого ќе гласате зависи и од вашите карактеристики. Во домените на особините на личноста и склоноста кон политичкото лево или десно, отворените луѓе според искуствата поверојатно ќе гласаат за лево ориентирани политичари и тоа се покажа како доследен наод во низа истражувања. Пријатноста исто така се поврзува со левото крило, додека екстраверзијата и совесноста се поврзуваат со десното.

Сите наведени истражувања имаат недостатоци кои ги истакнуваат и самите автори. Иако тоа не е ништо ново во науката, важно е да се разбере дека треба да запреме во формирањето нови стереотипни размислувања кога ги толкуваме овие податоци. Ако ништо друго, треба да нè инспирираат добро да размислиме што ни е важно во сите следни избори и поосвестено да ги користиме своите алати за проценка на кандидатите. Сите сме луѓе и општеството е динамичен процес, вечно реципрочен однос помеѓу поединците и општествените системи. Ако за себеси мислите дека сте целосно лишени од каков било притисок, дури тогаш сте во замка.

И покрај тоа што никој не може да ви каже за кого да гласате, можеме да ви кажеме како точно да гласате. Точното гласање е гласање за кандидатот кој се совпаѓа со вашите вредности и приоритети. Разни причини можат да влијаат на тоа да се оддалечиме од она што ни е важно. Кога станува збор за нашата личност, според Ха и Лау (2015) точно ќе гласаат гласачите кои се емоционално постабилни и поотворени кон нови искуства. Но, од точното гласање нè оддалечуваат конформизмот (прилагодувањето на околината заради страв од осуда/отфрлање) и недоволната информираност.

Недоволна информираност во морето презаситено со информации. Иронично е само по себе, а на тоа додајте ги сите механизми кои ги споменавме, како привлечноста и цртите на лицата на кандидатите, а кои го обликуваат нашиот глас - рецептот за гласање не е баш ни едноставен.

Превод: Алек Кузмановски

Насловна карикатура: Oguz Gurel

Извор: https://nepopularna.org/

ОкоБоли главаВицФото