Драмска уметност

29.04.2024 12:00

Те ставаат во некое споредно собиче
со флуоресцентно светло и маса за преглед,
со обичен бел умивалник и најмодерен компјутер
и потоа сосема те забораваат;

медицинската сестра заминува,
загледана во таблата со штипка,
и почнуваш да чекаш да дојде лекарот
и да ти каже за ракот и како

со шмукалка ќе го исцица од стомакот
или ќе го отруе и соструже како ’рѓа
или ќе го циклонизира од твојот крвоток со посебен пестицид
или ќе ти соопшти дека тој тука ништо не може да направи

и токму тука часовите по актерство од факултетот
конечно му исплаќаат дивиденда ‒
начинот на кој рацете му висат крај боковите
и уморот што со темно светло му зрачи од лицето

‒ движења кои ги усвоил во деведесеттите кога
три пати по ред ја гледал Смртта на трговскиот патник
и кои сега ги користи да ти даде до знаење како
нашол достоен противник во твојот лимфом...

Изведбата му е толку добра
што ти доаѓа да станеш и ти него да го утешиш,
да го залулееш во скут
додека не се сетиш дека си сам во таа соба,
сместен тука и заборавен
како заплетот да бара инкубација
во страв и самотија

сè додека конечно и надежта не ја загубиш
и додека не ти останат само
верноста спрема самиот себе
и ироничниот хумор

и самосожалувањето
кое е облик на сочувствување
‒ скуден но сигурен репертоар за кој знаеш
дека, благодарение на годините пракса,

ќе ти помогне да истуркаш речиси сè.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото