Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

07.05.2024 09:31
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

„Издигнување”, Игор Раиден, „Темплум”

 

Додека седнуваше назад на столчето, Нериан помисли дека можеби и не би било лоша идеја да му ѕирне во мислите. Сепак, неговата насмевка ѝ докажа дека нема потреба од тоа. Почувствува дека неговиот спокој е контраст на претходната состојба. Почувствува бранови од него кои можеа да дојдат само по дејството на алгоритмот. Се насмевна и таа. Токму тука им беа очекувањата, ваков почеток, разбирање, отворен простор.

„Значи, јасно ти е“, му рече мирно. Тој отвори едно од столчињата на расклопување, го стави со потпирката свртена кон Нериан и седнувајќи, се потпре со рацете. Седеа, очи в очи. Тој не рече ништо, само тивко гледаше, главата инстиктивно му отиде малку настрана. Беше како мало дете кое гледа нешто што не знае што е, а и нема кој да му каже. Не го тргаа погледот еден од друг. Врската беше воспоставена и посакуваше заемно добредојде.Тој почувствува како да го прашува како дошол дотука, па остави од него да протече живиот интерес и копнежот. Тоа беше и желба и потреба. Сѐ уште ја имаше желбата да ја прегрне, само за да добие физички контакт со некој толку централно поврзан со неговото јадро. Желбата да се исплаче се претвори во желба само да земе здив додека трае прегратката, само да се почувствува како дома. Исто како што се чувствуваше во врска со статуата во Едфу, езерото во Карнак и столбовите на Луксор. Но, не се осмели. Се задржа на почитта и потребата да разбере, наместо потребата само да се предаде на чувството.

Таа го гледаше него со еднаков интерес, не само затоа што луѓето ѝ ја будеа љубопитноста, ниту, пак, затоа што тој беше Фјарон. Сакаше само да ја почувствува чистината на моментот. Ја удираа бранови емоции од него, ова ѝ беше повеќе од јасно. Испрати свои бранови како одговор, а сите одеднаш се споија во пораката дека сѐ ќе биде во ред и дека може да посвети онолку време колку што му треба. По некое време, забележа дека има простор за разговор, па ја прекина тишината.

„Што виде?“

„Апсолутност, но во прашања. Ми требаат одговори. Те молам... Кажи ми зошто си овде.“

Гласот му беше скромен, мек, срамежлив, воопшто не личеше на него да зборува така. Нериан почувствува дека ова е моментот на отворање.

„Дојдовме да те најдеме, да ти го покажеме она што, еве, веќе и сам го гледаш. Сите тие нешта веќе беа во твојот ум, сами излегуваа едно по едно.“

„Да... Да дојдеа однадвор, сигурно немаше да поверувам. Ќе мислев дека е тотално лудо. Ама нели е малку...?“ Таа се насмеа отворено.

„Па, не. Би ти се чинело само хаотично на прв поглед.“

„Е сега многу ми помогна“.

„Хаосот е збир од шеми кои сѐ уште не ги разбираш, а редот е збир од шеми кои ги разбираш и ги препознаваш. Познатите шеми ги поврзуваш со новите и така од хаосот создаваш ред. Така сите учиме. Наука, еволуција, напредок. Сѐ е на истиот принцип.

Затоа сѐ што си видел ќе ти стане појасно.“

„Напредокот е гледање ред во хаосот, значи. Во она што изгледа како хаос, а всушност... тој хаос е само неразбран ред.“

„Колку помалку хаос, повеќе познати шеми, толку е понапредно едно битие, или уред, или цивилизација. Во редот има рамнотежа, а секоја новост доаѓа од хаосот, па потоа рамнотежата се враќа.“

Рајан направи пауза. Му стана јасно. Изминатите денови си го најдоа своето место.

„Добро, а зошто?“

„Ќе ти кажам директно. Многу си ни потребен.“

   

                                           ***

 

„Излегувањето од сенка: тајното женско училиште”, Дијана Петрова, „Антолог”

 

Училиштето уште работеше на ист начин, се учеше додека жените переа на реката. Главни учителки беа Митра, Султана, Јанинка, Трајанка, Ведрана, и Стојка, и секој ден имаа по една или две нови, млади помошнички. Ќе се навртеа жените околу реката во неколку купчиња и до секое купче ќе стоеше некоја од учителките, која останатите жени ја закриваа, за да не се гледаат книгите што им ги вадеше учителката и од кои читаа. Учењето не идеше секако лесно, бидејќи дома мораа сите да се вратат со завршена работа, а мислите од умор им бегаа од облеката во буквите, од буквите на облеката, по реката до горе до устието... Жените кои беа одбрале да учат, переа погоре на реката од останатите жени, за сета таа работа да се одржи во својата тајност.Некои од првите ученички сега и самите беа станале учителки, но секоја учителка подучуваше најмногу по три ученички.

Учителките неуморно работеа, но уморот често ги совладуваше.Ученичките неуморно учеа, но уморот пред наученото ги освојуваше. Собирањето на песните се развлекуваше, бидејќи доучувањето на буквите се отежнуваше, а требаше да се слушнат и запишат различни песни или исти песни но од различни краеви. Да можеа жените да седнат в клупи како вистински ученици и да ги ислушаат внимателно лекциите и правилата за буквите и зборовите, и да можеа веднаш тие работи да ги запишат, полесно ќе одеше.Но сега, секоја жена додека переше, в глава се обидуваше да го задржи тоа што учителките им го зборуваа и во мислите да ја замислува формата на буквата, а со очите во воздух да го вежба нејзиното испишување. Сите тие работи не ја предомислуваа Митра, туку ја тераа постојано да бара решение за сѐ што ќе им излезеше на патот на постоењето на Тајното женско училиште – Ученољубие.

Денот кога стигна одговор и од последното писмо што Митра го прати, ги собра Султана, Јанинка, Трајанка, Ведрана и Стојка, и им кажа до сите групи каде што тие подучуваа да им го пренесе следното: за да се побрза со изучувањето на писмото и описменувањето на што повеќе жени, но и на другите важни работи, неизбежно е да се има училиштен простор каде што ќе може да се работи без прекини и паузи. Затоа, во името на сите жени и на иднината која ќе ја создадеме подобра за нашите ќерки, ќе мораме да го жртвуваме времето од сегашноста. Жртвата која мора да ја дадеме е единственото оружје со кое можеме да се избориме за слободата, која, хранета од нашите жртви, ќе ја донесе иднината.Сите групи да ослободат по една ученичка, независно од која возраст, а ќе ги ослободат со тоа што ќе ги завршат и нивните работи за перење кои ќе ги носат тој ден.

Секоја група заедно ќе одлучи која жена ќе ја ослободи. Жените кои ќе бидат ослободени од перењето, жртвата ќе ја дадат на тој начин што откако за неколку месеци ќе го завршат училиштето, ќе бидат пратени по различни краишта, да ја шират идејата за писмото, собирањето на песните и женското училиште. Бидејќи сето тоа ќе мора да остане тајна, не смеат јавно да одат како учителки, туку во секој град или село каде што ќе бидат пратени, ќе работат повторно како слугинки. Откако ќе ја запознаат средината, првото нешто коешто ќе го направат е да најдат ученички кои нема да се исплашат и силно ќе ја поддржат идејата. Тие ученички ќе најдат други и така ќе се шири училиштето. Секаде каде што ќе одат, ќе мора да испратат адреса на Митра, на која таа ќе им испраќа учебници и книги потребни за учењето, а тие ќе ѝ праќаат информации за тоа како се одвиваат работите и како напредуваат. Но сето тоа мора да биде многу строго и доверливо, за никој да не се посомнева. Секоја што ќе сака да биде дел од училиштето и да учествува во неговото проширување, ќе биде како досега – мора да остави нешто што ѝ значи, како гаранција дека ќе ја чува тајната. Едно од најважните правила ќе биде тоа кога ќе пишуваат писма од таму каде што ќе бидат, да се потпишуваат со машки имиња за никој да не се посомнева и да не ги чита писмата.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.