Промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ

08.05.2024 11:39
Промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ

По повод денот на победата над фашизмот, 9 мај, што е воедно и последниот ден од изложбата „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ, Контрапункт (Скопје) во рамки на КРИК 09 со наслов „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“ и Мултумедијалниот институт (Загреб) организира промоција на 4 книги (box-set) во авторство на авторката Дубравка Угрешиќ, а во превод на Владимир Јанковски и Алек Кузмановски.

На промоцијата која ќе се одржи во КСП Центрар Јадро, со почеток во 19:30 часот, ќе говорат Владимир Јанковски, писател, преведувач и теоретичар на книжевноста и Петар Милат, филозоф, директор на Мултимедијалниот институт од Загреб и издавач, а и близок пријател на Дубравка Угрешиќ.

Во рамки на промоцијата ќе бидат промовирани четири книги од Угрешиќ: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Црвеното училиште“ „Тука нема ништо!“, во превод на Владимир Јанковски и „Нарилник за вештерки“ во превод на Алек Кузмановски.

За книгите:

„Штефица Цвек во челустите на животот“ е можеби најпознатиот роман на Угрешиќ. Со оваа книга таа станува позната на книжевната сцена во поранешна Југославија. Во романот на постмодернистички начин, авторката иронично и духовито си поигрува со тривијалната литература градејќи го текстот како шема за кроење проследен со кројачки термини, при што графички и содржински вметнува цитати, писма и совети.

„Нарилник за вештерки“ е жанровски специфична книгата. Нејзиниот прв дел е еден вид проширена роденденска честитка од авторката упатена на својата хероина Штефица Цвек. Честитката истовремено е и осврт на четириесетте години заеднички живот и судбината на еден книжевен лик, на една книга и на една авторка. Вториот дел од книгата го сочинува долгиот разговор со теоретичарката на книжевноста и феминистка Мерима Омерагиќ.

„Тука нема ништо!“ претставува провокативен есеј во кој врз примерот на бањите и бањските лекувалишта авторката го анализира животот во постсоцијалистичка Европа и Хрватска. Некогашниот важен топос на граѓанската култура во новите историски услови станува метафора за опустошеноста на еден простор и време. Есејот е проследен со серијата фотографии на Давор Коњикушиќ, направени во неколку бањи во Хрватска,Словенија и Босна и Херцеговина.

„Црвеното училиште“ се состои од текстови и визуелни дела кои се поврзани со работата на Дубравка Угрешиќ врз неколку буквари од различни временски периоди, преку кои прави анализа на различни културолошки и идеолошки аспекти поврзани со објавувањето буквари.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) има завршено компаративна и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Во институтот за теорија на книжевност при истиот факултет работела речиси дваесет години. Од политички причини, на почетокот на деведесеттите години е присилена да ја напушти Хрватска, една година по објавувањето на тогаш анонимниот памфлет „Вештерките од Рио“, во кој се нападнати пет хрватски писателки. Неколку години поминува во Германија и САД, од 2001 живее во Амстердам.Повремено предаваше на американските и европските универзитети, и пишуваше и за европски весници и списанија.Беше остра критичарка на агресивниот национализам и културата на книжевниот пазар. Нејзините дела се карактеризираат со комбинација на иронија, полемичност и емпатија. Дубравка Угрешиќ е наградена со неколку меѓународни награди за своето есеистичко дело, почнувајќи од збирката есеи „Американски фикционер“ и „Култура на лагата“. Други значајни есеистички книги се „Забрането читање“ , „Нема никој дома“, „Напад на минибарот“ и „Европа во сепија“. Нејзини најзначајни романи се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“ и „Баба Јага снесе јајце“.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото