Пет причини зошто Европа се распаѓа

28.06.2011 12:49
Пет причини зошто Европа се распаѓа

Данска повторно ја воведе граничната контрола со популистичкото оправдување дека мора да се контролира криминалот. Со овој потег, земјата која некогаш беше пример за демократија, толеранција и социјална правда, застана на челото на Европа според стравот и ксенофобијата. За тоа време Грција веќе над една година виси на работ од бездната, и ретко која европска влада се грижи за можноста дека таа ќе го напушти еврото – одредени влади дури потајно навиваат против неа. Финска се фрли во прегратките на ксенофобичниот популизам и, следејќи ја Словачка, одби да го финансира спасувањето на Португалија. Додека се ближат изборите, Франција и Италија го злоупотребуваат востанието во Тунис за ограничување на движењето во рамките на ЕУ. А Германија, незадоволна што мора да се справува со кризата на еврото додека траат покраинските избори, им се спротивстави на Франција и В. Британија во Советот за безбедност во ОН, игнорирајќи ја кризата во Либија и поткопувајќи ја десетгодишната европска безбедносна политика.

Додека иднината на еврото е неизвесно, а арапскиот свет врие, европските водачи кројат политики според резултатите на анкетите и изборните процеси, трудејќи се со сите средства да се одржат на власт, дури и ако тоа ја уништува Европа, за чија изградба беше жртвувано многу. Ретко кога во минатото европскиот проект беше толку преиспитуван, а европските посрамотувања толку изложени на погледот на јавноста. Изгледа дека денес секоја европска земја мора да има една голема ксенофобична партија. Постојат четири категории според кои Европа се кине: нејзините вредности, еврото, надворешната политика и раководството. Ако не дојде до радикални промени, процесот на интеграциите би можел да се урне, што би ја довело во прашање иднината на Европа како економски и политички релевантен фактор.

1. Проект без гориво

Оваа криза не е ни краткотрајна ни привремена: не минуваме низ тешка епизода, ниту сме жртви на неоправдан песимизам. За да ја сфатиме опасноста која му се заканува на проектот на европските интеграции треба само да погледнеме десет години наназад. Контрастот со денешната ситуација е очигледен. По воведувањето на еврото, на први јануари 1999 г., ЕУ ја одобри Лисабонската стратегија која ветуваше дека од унијата ќе создаде најдинамична, најконкурентна и најодржлива економија во светот. Европскиот блок исто така се обврза на проширување на слободите, безбедностите и правдата, воведувајќи ги европските интеграции во областите како полицијата, правосудството и доселувањето, кои дотогаш беа на маргините на конструкцијата Европа. За политичката унија да стане релевантен глобален фактор во 21-от век, беше започнат процесот за нацрт на Европскиот устав.

Десет години подоцна, овој фантастичен список успеси и динамични ветувања е доведен во прашање: наместо успешна и отворена Европа која си ја ветивме едни на други добивме Европа која, наспроти проширувањето, е стеснета. Наспроти еврото, Европа стана егоистична и несолидарна, и престана да верува во своите вредности и да ги практикува, затворајќи се во стравот од надворешниот свет и грижата за губење на идентитетот. Многумина жалат поради проширувањето и не сакаат ни да слушнат за продолжување на тој процес; ниту се заинтересирани за исполнување на своите ветувања за членство на Турција, ниту способни дури ни за разгледување на приклучувањето на балканските земји. Над дваесет години, колку што поминаа од падот на Берлинскиот ѕид, беа доволни да се заокружи Европа, и однадвор и одвнатре. Но реалноста е сосем поинаква: по проширувањето, зборуваме за замор; по неуспешниот уставен процес, гледаме внимателност околу политичката интеграција; по кризата на еврото, слушаме приказни за економска и финансиска исцрпеност. По десетгодишните институционални реформи и интроспекции, Лисабонскиот договор, кој требаше да ја спаси Европа од парализа и да ја воведе во 21-от век, денес е едвај познат, додека неговите успеси се невидливи.

2. Криза на вредностите и политичка кратковидост

Пред речиси три години, чадот кој се креваше над запалените ромски кампови во Италија предупредуваше на она што ќе следи. Оттогаш, од избори до избори, ксенофобичните сили посигнуваа сè поголем успех во нови земји (Шведска, Финска, Британија и Унгарија) и се консолидираа во земјите во кои веќе беа присутни (Италија, Франција, Холандија, Данска). Како рак ги зафаќаа политичкиот дискурс и програмите во сите држави, заострувајќи ја граничната контрола, наметнувајќи ограничувања во имиграцијата, отежнувајќи го обединувањето на семејствата и спречувајќи го пристапот до социјалните, здравствените и образовните служби. Што е уште полошо, како Тил Саразин во Германија, некои ја преминаа границата на ксенофобијата и отворено му се препуштија на расистичкиот дискурс за инфериорната интелигенција на муслиманите, потсетувајќи нè дека нацистите ги нарекуваа Евреите, црнците и Словените untermenschen (нижи човечки битија). Исходот од тоа е дека денес, среде економска криза, вредностите на толеранцијата и отвореноста, кои го изградија нашето најважно наследство, се доведуваат во сомнеж, или дури се извртуваат.

Стравот од странците е изненадувачки, бидејќи не можеме за сите европски проблеми да ги обвинуваме доселениците. Всушност, обратно е. Покрај моралното самоубиство што ни ги донесоа преовладувачките ставови за доселувањето во речиси цела Европа, ако не се промени демографскиот тренд, Европа ќе изврши и економско самоубиство. Со сегашната стапка на природен пораст, работоспособното население ќе се намалува, додека социјалните трошоци за одржување на сè постарото и зависно население ќе растат. Европа би требала да се угледа на САД, кои успеаја да ги интегрираат доселениците од сите делови на светот, што не им користеше само на доселениците туку и на целата земја. Меѓутоа, Европа избра создавање лажен проблем и околу него гради решенија кои само ќе го забрзаат нејзиниот пад.

Бидејќи се ограничени и глупави, расистите и ксенофобите на многумина им делуваат несериозно. Меѓутоа, нивната способност да влијаат на традиционалните политички партии е голема, и расте сè повеќе. Секојпат кога некој од нив ќе дојде на власт во некоја од земјите-членки на ЕУ, нивната расистичка и антиевропска програма се судира со европските институции. За да го спречат тоа, останатите држави би требало да се повикаат на договорите и да ги санкционираат ксенофобичните и авторитарните режими, исто онака како што сакаат да ги санкционираат државите кои не се држат до прописите за буџетскиот дефицит. Но, за жал, млаките одговори на европските институции и влади на протерувањето на романските Роми од Франција, слободата на говор во Унгарија или малтретирањето на доселениците во Италија ни говорат дека од нив не можеме да очекуваме многу кога станува збор за заземање цврст став пред другите влади.

3. Крај на солидарноста

Велат дека за тоа е одговорна економската криза, но тоа не е сосем точно. Главниот ризик за европскиот проект не потекнува од самата криза: и пред тоа Европа доживувала кризи, од кои излегувала посилна.

Значи, причината за проблемот треба да се бара на друго место: во непомирливите толкувања на тоа како сме влегле во европската криза и како да излеземе од неа. За некои, првенствено Германците, кризата е последица на фискалната неодговорност на некои од членките. Решението, како што следи според ова, е овие држави просто да им се покорат на постоечките мерки на штедење кои сега се засилени. Тоа решение се предлага со морализирачко попување, небаре дефицитот или суфицитот на некои држави ја отсликува моралната надмоќ или немоќ на цели групи луѓе. Многумина ја посакуваат Европа на две ленти, поделена не според заслугите туку според културните и верските стереотипи: во првата категорија би биле чесните штедачи од протестантска вероисповест; во втората, трошаџиските католици на кои не може да им се верува и кои мора да се држат на око или кои, ако веќе така мора да биде, треба да се исфрлат на улица.

Наместо зајакнување на заедницата, добивме поделба на победници и губитници, каде што некои ја злоупотребуваат моменталната ситуација за наметнување на својот економски модел на другите, како сите земји да се во иста положба и да можат да функционираат според истите правила.

Ако вака се продолжи, ЕУ за многу Европејци ќе стане она што ММФ беше за азиските и латиноамериканските држави во 1980-те и 1990-те: орудие за наметнување економски идеологии без никаков легитимитет, но кое се слуша бидејќи не постои алтернатива. Можеби ова ќе успее, но Европа повеќе нема да биде политички, економски и социјален проект, туку само регулаторно тело задолжено за надгледување на макроекономската стабилност, погодено од сериозен демократски и идентитетски дефицит.

4. Отсутни од светот

Повеќе од една година по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, кој ни ветуваше нова и поефикасна надворешна политика, парализата на европската надворешна политика е целосна. Одговорот на арапската револуција, несомнено, беше капката која ја прелеа чашата. Со децении Европа, штитејќи ги своите интереси околу доселувањето, енергетиката и безбедноста, го поддржуваше опстанокот на авторитарните и корумпирани режими, најчесто свртувајќи ја главата од промовирањето демократски вредности и почитување на човековите права. Но кога луѓето од тој регион, без помош од странство, конечно ја презедоа судбината во свои раце, одговорот на Европа беше бавен, плашлив и мрзелив. Се чинеше дека европските водачи многу повеќе се интересираат за заштита на своите економски интереси и контрола на имиграцијата отколку за поддршка на демократските промени. Овде повторно се гледа кратковидоста, бидејќи доколку успеат арапските револуции, економските дивиденти од демократијата би биле толку големи што би го засениле секоја калкулација за цената на немирите.

Вистината е дека Европа ја избегна бездната во која би паднала ако дозволеше Гадафи да го заземе Бенгази. Тоа би го вратило европскиот часовник во Сребреница и ги започнало непоправлива морална и политичка криза. Но, да не се залажуваме. Во либиската криза, како и во европската, може уште многу да се стори: покрај постогнувањето мир и спречување Гадафи да остане на власт, Европа би требало да го врати кредибилитетот на својот воен капацитет кој е доведен во прашање, како и капацитетот на своите безбедносни и надворешнополитички институции, кои се понижени.

Ако Арапската прлет завршеше брзо и среќно, европските недостатоци ќе останеа незабележани. Но ако пред нас се наоѓа, како што се чини, трнлив пат кон демократијата, поплочен со делумни победи и порази, со многу нестабилност и несигурност – Европа ќе се подели, ќе биде неспособна за какво и да е надворешно влијание, и ќе стане небитна во светот.

5. Побуна на елитите

Со години европскиот проект напредуваше потпирајќи се на премолчената спогодба меѓу граѓаните и елитите околу користа од процесот на интеграцијата. Овој консензус сега е поделен на два дела. Од една страна, граѓаните ја повлекоа бланко поддршката на европските институции, задолжени да управуваат со нив „за народот, но без народот“. Со текот на времето процесот на интеграција почна да задира во најчувствителните точки на националниот идентитет, посебно по прашањето за социјалната држава и политика. Економскиот, либералниот и дерегулаторниот карактер на изградбата на Европа го исполитизира проектот за кој претходно се мислеше дека најдобро е да биде препуштен на стручњаците и бирократите. Но покрај побуната на масите, уште повеќе изненадува појавата на своевидната „побуна на елитите“.

Можеби Германија е најочигледен пример за овој процес. Според некои истражувања, 63% од Германците престанале да веруваат во Европа, а 53% повеќе не ја гледаат иднината на Германија во рамките на овој блок. За елитата, нештата не се многу поразлични: додека извозот во Кина се заканува да го надмине извозот во Франција, јужниот дел на Европа се смета за кочница на растот. Сеќавањето на европските идеали исчезна со смената на поколенијата: само 38 од сегашните 662 пратеници во парламентот беа таму во 1989 г. Несомнено е дека си имаме работа со новата Германија. Поради тежината и значењето на оваа земја, секоја промена во Германија силно ќе се одрази на европската изградба. А бидејќи недостатокот на доверба во ЕУ е новата клучна карактеристика на Германија, таа емитува недоверба наместо доверба, што правеше и во минатото.

Епилог

Секој ден чувството дека Европа пука по шевовите станува пореално и пооправдано. Може ли Европа да се распадне? Одговорот е очигледен: да, секако дека може. Најпосле, ЕУ е човечка творба, а не небесно тело. Тоа што е неопходна и корисна го оправдува нејзиното постоење, ама нема да го спречи нејзиното исчезнување. Како што низата поволни околности доведоа до ризично започнување на овој џиновски проект, новата серија неповолни околности многу лесно би можеле да го урнат, посебно ако тие кои се задолжени за неговото зачувување ги избегнуваат своите должности. Многу верни проевропејци се свесни дека опасноста од распад на Европа е многу реална, и се загрижени поради тоа. Меѓутоа, истовремено се плашат дека разбивањето на песимизмот со вакви предупредувања би можело да го забрза распадот. Но ако секојдневно сведочиме за тоа дека политичарите, кои бескрупулозно ги поттикнуваат стравовите на граѓаните, ги газат црвените линии на пристојноста и вредностите, не можеме постојано да ја вртиме главата на друга страна. Кога ги гледаме јасните идеи и решеноста со кои антиевропејците ѝ пристапуваат на својата задача, тешко е да се поверува дека само оптимизмот ќе биде доволен да ја одбрани Европа од духовите на тврдоглавоста, егоизмот и ксенофобијата кои сега ја опседнуваат. Без еднаква одлучност и јасно поставени идеи од другата страна, Европа ќе пропадне.

Извор: El Pais