Слобода или вересија

02.09.2011 16:27
Слобода или вересија

Веќе цели три години се зборува како капитализмот, или попрецизно – либералниот- или таканаречениот „неолиберален капитализам“ - е во криза. Според некои, во терминална криза.

Ликуваат марксистите и се потсмеваат на терминот и држава – бдејачка како на страшило, како никогаш да не говореле за изумирање на државата. Ликуваат источноевропските националисти и потсетуваат дека единствена цел на економијата е да ѝ служи на нацијата. Ликуваат поддржувачите на државниот интервенционизам со тон на родител кој на своите деца им дал премногу слобода, но ете, се покажало дека ќотекот (државен) од рајот излегол. Фашистите не ликуваат. Тие се луѓе од акција.

Чија е тоа криза? Која е причината за кризата? Дали тоа воопшто е криза на капитализмот? Дали е тоа криза на либерализмот? Ако либерализмот, буквално, е поредок на слободата, дали слободата е способна да предизвика толкава штета? Зарем беше толку силна и распуштена? Зарем научи да пее подобро од потчинетите кои пееја за неа? Или станува збор за нешто сосема друго, сосема спротивно?

Дали грчкиот случај е последица на слободата или на пореметената државна потрошувачка, политичката неодговорност и типичната корупција?

Умесно ли е да се говори за криза на либералниот капитализам – воопшто за либералниот капитализам – во епоха во која практично веќе нема држава без буџетски дефицит?

Нормално ли е буџетскиот дефицит кој не преминува одредена стапка од БДП да се смета за нормален? Дали државите кои поаѓаат од таквите премиси се бдејачки или семоќни плашила?

Почива ли светската економија на слобода на претприемништвото и трговијата или на со ништо ограничената слобода на државата да произведува долгови? Имаат ли човечкиот род и цивилизацијата некаква стварна, исплатлива корист од презадолженоста на своите државни апарати? Имаат ли било каква корист?

Дали буџетските дефицити се резултат на подивената слобода на пазарот или единствена привилегија која ја ужива само државата, а тоа е да се задолжува. Таа не е само најлош претприемач, туку и единствен центар на моќ кој, благодарејќи на својот монопол кој е на сила, може себеси да си дозволи неплаќање на долговите, и дури таа е единствениот субјект на планетата Земја кому на располагање му стојат такви овластувања и такви механизми за сопствената задолженост да може да ја наметне на стопанството и на граѓаните како зададена константа. Државата е единствена меѓу должниците која има коперниканска моќ своите долгови да ги преобрази во лихварска уцена.

Некогаш државите посегнуваа по инфлација, но тој modus operandi за ограбување на граѓаните се избегнува како премногу дрзок и очигледен, речиси политички некоректен. Државниот криминал стана премногу перфиден за да се оддаде на така провиден гангстеризам по кој во поново време посегнуваа само лоповите како Слободан Милошевиќ и Роберт Мугабе. [1] Само државата и ниту еден друг политички и економски фактор ја ужива привилегијата за неказниво задолжување на уште неродените генерации. Таа привилегија метастазираше до точка во која секој обид за ампутирање на долгот би довел до смрт на целиот стопански организам.

Не упатуваат ли тие факти на заклучокот дека не е на дело криза на либерализмот туку се на дело катастрофалните последици на еден незаудан етатизам? Етатизам кој светската економија ја грабна како заложник и сега бара баснословен откуп. Етатизам кој по стопанските богатства и човечките судбини посега со неограничена вересија, а цивилизацијата ја оптовари со хипотека која сите освен него се должни да ја отплаќаат.

Тоа не е либерализам. Тоа е некој вид политички коректен тоталитаризам.

* * *

Дури и еден површен поглед на денешниот (западен) свет не нуди докази дека политичкиот либерализам е доминантна доктрина или пракса, најмалку дека слободата излегла од контрола. Напротив. Со избивање на таканаречената „војна против тероризмот“ излегоа од контрола полициските, разузнавачките, репресивните, па и фискалните овластувања на државата. Тоа не е „војна“ за одбрана на слободарските вредности на западот, туку банален изговор за отстапување од тие вредности.

Војната против готовината, која се прикажува како војна против перењето пари и избегнувањето на данокот, не е ништо друго туку орвелијанска контрола на еден важен сегмент од животот на граѓаните. Сеопштото владеење на разни облици на електронско плаќање ќе ја укине и слободата и чувството на слобода кои можеа да ги пружат само готовите пари во џебот. Малограѓанското мнозинство лесно ѝ ги прочита мислите на државата, па луѓето кои користат готовина почна да гледа како сомнителни. Немањето жиро – сметка и кредитна картичка значи граѓанска смрт. Последиците од тој тивок поход на урбана анонимност и индивидуализам – тоа стожерно засолниште на citoyen-от по кој демократската цивилизација и заслужи да биде наречена демократска и цивилизирана – се несогледливи. Државите нема да застанат тука. Електрониката нуди бескрајни можности и предизвици на кои државата нема да може да одолее, дури и ако во службите вработува исклучиво луѓе со психолошки и идеолошки профил на Монтеквист и Токвил.

Ако на тоа ги додадеме и скепсата кон мултикултурализмот, ксенофобијата и службениот, со ништо неспречуван, источноевропски шовинизам, сликата станува целосна.

И конечно, непрестајното медиумско потпомагање на катастрофалните резултати на либерализмот го наметнува параноидниот заклучок дека зад тоа потпомагање се крие завера со која нам државата со цинична замена на тези ни го одвраќа вниманието од себе како суштина на проблемот и се подготвува за мигот во кој како deus ex machina ќе нè спаси од страшноста на слободата.

Очекувањето спас од државата не е само наивно. Потпирањето на фактор кој по дефиниција има монопол на употреба на физичката сила е неморално и невкусно. Не е ли самото постоење на државата доволно мачен компромис? Не е ли доволно трагичен самиот факт дека човечкиот род не може да опстане без тој Левијатан кој има овластувања да става лисици, а рекетот кој го зема – политички коректно – го нарекува данок? [2] Не се соочи ли човечкиот род во огледалото на државата со сопствената беда? Со кое право државата од нас очекува доверба – за патриотизмот како најголемо меѓу понижувањата и да не говориме – кога може колку – толку, како – така, добро и подносливо да функционира само во услови на наша апсолутна недоверба во неа?

* * *

Овде не станува збор за судир на просветителството, социјално чувствителните држави верни на напредокот, општото добро и заштитата на човечките права, од една страна, и со ништо попречуваните слободи на пазарот, експлоатацијата, берзанските шпекулации и банкарското лихварство, од друга страна. Да е проблемот толку едноставен, не би имало никакви двоумења. Последната одбранбена линија на поддржувачите на државниот интервенционизам е грижата на државата за здравството, образованието и културата во што би требало да се согледа нејзината наводно незаменлива цивилизациска улога. Но, дали државниот интервенционизам и високите даноци се гаранција за подобра здравствена заштита, достапно и квалитетно образование и слободен културен живот? Со порастот на државните овластувања се засилува обврската на просветата и културата да ја велича државата и да ги оправдува нејзините влијанија. Колку државното влијание е посилно, поагресивен е и кичот со кој храмовите на интелектуалната корупција и буџетскиот паразитизам го одржуваат култот кон државата. Не е ли историјата на образованието и културата историја на нивната борба против власта и историја на нивната способност да опстанат – и тоа во нивните највозвишени достигнувања – и покрај државното влијание и државната сила? Знаењето и творештвото никогаш и не биле ништо друго освен Побуна, пливање наспроти струјата, против валканата вода на лагата, глупоста и авторитетот, во која државните академии, државните универзитети, народните театри и националните книжевни здруженија се шлапкаат како задоволни прасиња.

На крајот, приликите за класична финансиска корупција во здравствените и мировните фондови кои вртат огромни количини парафискални пари, се практично непрегледни. Оттаму и трајната несразмерност помеѓу астрономските трошоци на јавното здравство и социјалните установи и нивните хронично ниски квалитети, што е феномен присутен практично во сите држави.

Слободата на пазарот не е вредност сама по себе. Вредна е нејзината способност да генерира или одржува други, поважни слободи. Слободата на пазарот не е вредност затоа што овозможува берзански шпекулации и банкарско лихварство, туку затоа што со демократскиот поредок – како со своја оптимална правно – политичка рамка – му овозможува на човекот и граѓанинот непречено да го живее својот живот при што најмалку е важна слободата за играње на берза. Важни се слободата од страв, слободата на мислење и слободата на јавно изразување на тоа мислење. Или слободно да се живее, слободно да се твори и слободно да се движи, доколку не може слободно да се тргува и работи. Отсуството на пазарна слобода загарантирано, неминовно и секогаш ја укинува слободата на поединецот и општеството. Со други зборови, слободата на пазарот и сите неправди и неизвесности кои со себе ги носи, е цената која поединецот би требало да е спремен да ја плати за својата лична слобода. Во однос на понудените алтернативи, таа цена дури и не е неповолна.

* * *

Кризата створи манихејска психоза во која слободата на пазарот се доживува како сила на хаосот, а државата како сила на космосот. Таа „сила на редот“ низ историјата на човештвото не правеше ништо друго освен што војуваше, убиваше, апсеше, мачеше, забрануваше и тврдеше како го прави тоа во име на слободата и правдата. Со сите отстапки на кои државата се согласи во последните двесте години, од триделната власт, преку парламентарните избори и повеќепартискиот систем, до слободата на говорот и независното судство, се согласи само затоа што беше присилена на тоа. Таа во демократијата не гледа своја должност туку концесија, а можеби и добронамерна милост. Државата треба непрестајно, упорно и безобразно да се потсетува дека нејзината цел не е влијание на нашите судбини туку должност да ги штити тие судбини од секое насилно и непосакувано, а пред сè, од своето влијание. Освен што располага со средства во секој момент да ја укине слободата, таа – што е уште поопасно – располага и со средства укинувањето на слободата да го прикаже како нешто пожелно. Опасна е и непредвидлива како нуклеарна фисија и колку и да е дебел оклопот од олово и бетон со кои демократијата се обидува да го заузда нејзиното јадро, не постои гаранција дека власта нема да експлодира во диктатура и дека нема да ја затруе околината со радијацијата на својата пропаганда.

Некој ќе рече дека државата е полезно средство за зауздување на циничното самоволие на валканиот, особено банкарскиот и шпекулативниот капитал. А кој ќе нè заштити од државата кога таа ќе го заузда капиталот? Кој ќе го заузда нејзиниот цинизам? Подраги ми се оние кои сакаат да заработат од оние кои сакаат да владеат. Порадо ќе бидам на страната на оние кои заработуваат зауздувајќи ги оние кои владеат, отколку на страната на оние кои би зауздале сè само за да владеат. Властољубието е болно. Алчноста е само глупава, но – секоја ѝ чест – слепа за боите.[3]

Како и секогаш, станува збор за бирање на помалото зло. Не е само помала неволјата, туку е и некако почовечно, поприфатливо и – ако сакате – поправедно, да се биде невработен поради некакви берзански шпекулации отколку да се биде понижен, прогонет и убиен затоа што некој кретен посакал да ги прекројува границите. Според тоа, суровоста на пазарот не е само помало зло туку и недосонувана идила.

Белешки

[1] Најголема хиперинфлација во историјата го снајде унгарскиот pengo во 1946 година со стапка од речиси 210% дневно. Кога инфлацијата во Зимбабве го достигна врвот во ноември 2008 година, тамошниот долар ја губеше вредноста со стапка од 98% дневно. Динарот на Милошевиќ во јануари 1994 беше обезвреднуван со стапка од 65% дневно. Митската вајмарска инфлација го достигна врвот во октомври 1924 со стапка од „само“ 21% дневно.

[2] Од фактот дека човечкиот род не може да опстане без организација која има монопол на репресијата пострашна е само онаа држава која не го користи тој монопол и која тешките злосторници, повеќе или помалку отворено, ги слави како херои. Тоа е сосема друга тема.

[3] Марксизмот ни должи објаснување зошто пролетерите од сите земји, за разлика од буржоазијата, се покажаа несклони кон интернационализмот и космополитизмот.

Извор: pescanik.net

Илустрации: Dan Tague

„Подраги ми се оние кои

„Подраги ми се оние кои сакаат да заработат од оние кои сакаат да владеат.“
Ми се чини дека авторот не може да забележи дека се работи за исти говеда.

„Уништување на капиталот“ и

„Уништување на капиталот“ и сегашната економска криза

Еден клучен концепт во Марксовата теорија на капиталистичка економска криза е „уништувањето на капиталот низ кризи“ (Marx 1989: 127). Под ова тој не мислел само на уништување на физичките основни средства (средства за производство), туку исто така, и особено, на вредноста на основните средства. Оваа статија ја анализира сегашната криза од гледиштето на тој концепт.

Ќе објаснам дека кризата е цврсто поставена со фактот што капиталот не беше уништен во доволен степен во текот на глобалниот економски нагол пад од средината на 1970-те години. Ако не и сè додека не се случи доволно уништување на капиталот (можеби во сегашната криза?) не може да има нов, одржлив економски процут. Ова е поради тоа што уништувањето на капиталот ја повратува профитабилноста; без доволно негово уништување, профитабилноста ќе остане прениска. Сепак политичарите, несакајќи да допуштат капиталот да биде уништен во доволен степен, повеќепати избираа да ја „менаџираат“ релативната стагнација (застој), охрабрувајќи претерано зголемување на долгот. Ова вештачки ги засилува профитабилноста и стопанскиот раст, но на еден неодржлив начин, а тој води кон понови должнички кризи. Сегашната криза е најсериозна и најпродорна од нив. Политичарите одговараат на кризата повторно затајувајќи ги лошите долгови со повеќе долг, овојпат до нечуен степен. Јас ќе дојдам до заклучок истражувајќи одредени можни последици и политички импликации на овој одговор (на политичарите).

За време на економска криза, машините и зградите стојат бескорисни, пропаднати и расипани, така што физичкиот капитал е уништен. Уште поважно, долговите не се отплаќаат, имотните цени паѓаат и другите цени може исто така да паѓаат, така што вредноста на физичките како и на финансиските капитални средства е уништена. Сепак, уништувањето на капиталот исто така е клучниот механизам што води до следниот бум. На пример, ако еден бизнис создава во годината профит од 3 милиони долари, но вредноста на капиталот којшто е инвестиран во бизнисот е 100 милиони долари, нејзината стапка на профит е само 3%. Но, ако уништувањето на вредностите на капиталот ги оспособува новите сопственици да добијат бизнис за само 10 милиони долари наместо за 100 милиони долари, нивната стапка на профит се здрави 30%. Тоа е огромен поттик за нов економски процут. Според тоа, поствоениот економски процут, којшто следеше по масивното уништување на капиталот што се случило за време на Големата Депресија и Втората светска војна, дојде како резултат на тоа уништување.

Ако, од друга страна, капиталот не е уништен во доволен степен, нема забрзано зголемување на профитабилноста. Сепак, зошто профитабилноста не е доволно голема да издржи економски процут дури без едно такво забрзано зголемување, без капиталот да биде уништен?

Одговорот, верувам, е дека „потпорната“ стапка на профит – стапката кон која емпириски набљудуваната профитна стапка тежнее долгорочно кон тоа да биде еднаква – е хронично прениска за да дозволи здрава стапка на стопански раст. „Основната“ (или „потпорната“) стапка зависи делумно од стапката на раст на вишокот вредност, а според тоа од стапката на раст на вработеноста, но оваа втора стапка е ограничена од техничкиот напредок којшто штеди труд. Постојат и неколку други одлучувачки фактори за „основната“ стапка на профит, кои сите изгледаат како навистина стабилни во долг рок. Според тоа, постои мала причина да се очекува „основната“ стапка евентуално да расте или да паѓа.

Би можело да се заклучи од овој завршеток дека јас го отфрлам Марксовиот закон на тенденциско паѓање на профитната стапка. Всушност, спротивното е случај.
Ако навистина е случај „основната“ стапка на профит да е хронички прениска да издржи економски процут, и дека емпириски набљудуваната стапка на профит тежнее во долг рок да се приближи до оваа прениска „основна“ стапка, тогаш профитната стапка тежнее да паѓа ако таа првобитно отпочнува на повисоко ниво. Тоа ќе биде случај во почекот на секој економски процут, откако кризата и последичното уништување на капиталот забрзано ја зголемиле набљудуваната стапка на профит. Верувам дека тенденциското паѓање на профитната стапка, коешто Маркс го испитува, е токму оваа тенденција на набљудуваната профитна стапка да паѓа спуштајќи се кон „основната“ стапка. Оваа тенденција на паѓање трае до повторното уништување на капиталот до степен којшто е доволен да го компензира.

Во 1970-те години и потоа, политичарите во САД и во странство разбирливо се плашеле од повторување на Големата Депресија, посебно од дестабилизација на капиталистичкиот систем и радикализација на работничката класа на која ‘и се придружи. Поради тоа, повеќепати тие се обидувале да го забават и да го спречат уништувањето на капиталот. Ова го „содржело“ проблемот, во исто време и одложувајќи го (и, јас ќе објаснам, влошувајќи го). Како резултат на тоа, глобалната економија никогаш не закрепна од кризата во 1970-те години, се разбира не на начинот на којшто таа закрепна од Големата Депресија и Втората светска војна.

На пример, во развиените „Западни“ земји (вклучително и Јапонија), и во светот како целина, просечната стапка на раст на бруто домашниот производ (БДП) по глава во текот на периодот 1973–2003 беше едвај повеќе од половината на стапката на раст помеѓу 1950 и 1973 (Види слика 1). Исклучувајќи ја Кина, светската стапка на раст падна скоро до две-третини.

Слика 1: www. zahovistika2.blog.mk /files/2011/08/slika-1.png

Ако ја погледнеме просечната стапка на профит на американските корпорации споредувајќи го размерот на нивните неоданочени профити со нивните нето акции на постојани капитални средства вреднувани во сегашни куповни цени (види Слика 2), забележуваме силно закрепнување на корпорациската профитабилноста после Големата Депресија, но и недостаток од едно такво закрепнување во периодот после кризата во средината на 1970-те години (освен за набодувањето на поттикнатиот меур во текот на последните неколку години). Во текот на периодот 1941-1956, откако капиталот бил уништен на масовно ниво, стапката на профит имал просечна вредност од 28.2%. Високата стапка на профит во раниот дел од периодот 1941-1956 делумно се должел на владиното задолжување и трошење за време на Втората светска војна, но стапката на профит останала многу висока за повеќе од една декада оттогаш, што е јасен доказ за издржан економски процут отколку за меур индициран од долгови. Сепак, стапката на профит потоа паднала на просечна вредност од 20.4% во периодот 1957-1980. Покрај тоа, наспроти честите тврдења дека неолибералните политики и глобализацијата оствариле издржано закрепнување од кризата во 1970-те години, стапката на профит продолжила да паѓа во периодот 1981-2004, во просек од 14.2%.

Слика 2: www. zahovistika2.blog.mk /files/2011/08/slika-2.png

Силниот раст на стапката на профит во периодот 1941-1956 и недостатокот на одржливо закрепнување на профитабилноста после кризата од средината на 1970-те години, е во склад со горната анализа на ефектите на целосното наспроти нецелосното уништување на капиталот. Тоа е исто така во склад со хипотезата дека проучената стапка на профит има тенденција, во отсуство на доволно уништување на капиталот, да се преобрази во прениска „основна“ стапка.

За да се ублажат ефектите на оваа појава, а можеби со надеж да се надмине, политичарите се обиделе да го потпомагаат растот и профитабилноста вештачки низ последните три децении. На пример, кризата продолжила во развиените земји до одреден степен кои ја „извезуваа“ во најранливите делови на Третиот свет. Во САД, профитабилноста била потпомагана со помош на опаѓање на реалната плата за поголемиот дел од работниците и со други сурови мерки. Најважно за сегашната анализа, тромавоста на стопанството била маскирана со отсекогаш растечката планина од хипотекарен, потрошувачки, владин и корпорациски долг.

На пример, намалените корпорациски даноци ја подигнале оданочената стапка на профит во однос на стапката на профит без данок, но овој пораст бил финансиран со дополнителен јавен долг. Повеќе од три-осмини од зголемувањето 6.8 трилиони долари зголемување на долгот на државната благајна на САД по 1986 година (низ фискалната година 2007) е приписливо на намалените корпорациски даноци како процент на корпорациските профити. Скоро сето останато зголемување на владиното задолжување е искористено да се покрие загубениот приход кој резултирал од намалувањата на даноците на личен приход, намалувања кои служеле вештачки да ги потпомогнат трошењето и имотните цени. Слично, ефектите на опаѓањето на реалната плата неодамна беа ублажени со услови на поволен кредит и зголемување на цените на домовите и стоките, спроведени со политиките на Федералните резерви и со други средства. Ова им дозволи на потрошувачите и сопствениците на куќи да земаат заем повеќе и да штедат помалку. Додека Американците заштедиле околу 10% од нивниот оданочен приход низ средината на 1980-те години, стапката на штедење потоа паѓала постојано, достигнувајќи го дното од 0.6% во периодот 2005-2007.

На долг рок, сепак, долгот не може да биде користен за да „расте стопанството“ побрзо отколку што е гарантиран од главниот дотек на нова вредност создадена во производството. Напорите да се изискува тоа креираат меури, но меурите се распрскуваат. Сегашната економска криза, која почна со и останува центрирана во кризата на американскиот станбен пазар, дава ударен пример на оваа појава. Во голем дел, бидејќи Централната банка тежнееше кон стратегија на „ефтини пари, ефтин кредит“ за да го потпомогне стопанството во пресрет на пропаста на интернетскиот меур, 9/11, рецесијата од 2001, и опаѓањето на вработеноста коешто продолжи и во средината на 2003, земањето станбен кредит како процент од оданочениот приход повеќе од двојно од 2000 до 2005, достигнувајќи нивоа далеку преку мера од тие што се претходно видени. Ова предизвика станбените цени да пораснат до небо. Како хипотекарниот долг така и станбените цени се дуплирале меѓу почетокот на 2000 и крајот на 2005.

Но, зголемувањето на станбените цени било далеку поголемо од растот на вредноста од новото производство која самата би можела да гарантира отплаќање на каматите на станбен кредит на долг рок. Новосоздадената вредност во производството на крајот е единствениот извор на сиот приход, вклучувајќи ги платите на сопствениците на куќи, а поради тоа таа е единствената основа на која отплаќањето на каматите на станбен кредит на крајот почива. Помеѓу 2000 и 2005, сиот оданочен приход пораснал за само 35% проценти, одвај една третина од зголемувањето на станбените цени. Ова е токму причината што меурот на недвижен имот се покажа како меур (нестварност).
Според тоа, во периодот после кризата од средината на 1970-те години, имало повратни подобрувања кои биле поради зголемувањето на долгот. Поради ова, тие биле релативно краткорочни и неодржливи. А прекумерното покачување на долгот резултира со повратни кризи, како што беа Третата светска должничка криза од раните 1980-те години, кредитната криза од раните 1990-те години, Источноазиската криза која се прошири кон Русија и Јужна Америка кон крајот на декадата, пропаста на економскиот процут на интернетскиот финансиски пазар кратко потоа, а сега кризата на американскиот станбен пазар што ја активира најострата економска криза од Големата депресија.

Политичарите одговараат на оваа криза со повеќе од истата – многу, многу повеќе. Американската влада зема на заем феноменално количество пари, за Програмата за помош на имоти во тешкотија од 700 милијарди долари (TARP), стимулативниот пакет на Обама, итн., итн. Ако овие мерки успеат, ќе продолжи отклонувањето на целосно уништување на капиталот. Но, ако анализата на оваа статија е точна, последиците на успехот ќе ја продолжат релативната стагнација и понатамошни должнички кризи, а не одржлив економски процут. Да повториме, ако не е уништено доволен капитал, профитабилноста нема да се врати на доволно високо ниво да доведе до економски процут. А со обѕир на огромното зголемување на долгот којшто сега американската влада го презема, следната должничка криза би можела да биде многу полоша од сегашната. Поради тоа, не е неверојатно дека следниот бран на паника кој ги погодува финансиските пазари ќе биде дури пожесток од сегашниот и ќе има посериозни последици.

Ако новите политички мерки не успеат, ние може наскоро да се соочиме со многу сериозна криза. Би можела да биде приближно лоша колку Големата депресија, но би можела да биде дури полоша. Би можела да води кон целосно уништување на капиталот и нов економски процут, но во 1930-те години, самопоправачките механизми на капитализмот се покажаа преслаби да доведат до тоа. Закрепнувањето имаше потреба како од масивен државен интервенционизам – којшто се случува повторно – така и од деструктивноста на Втората светска војна. Овојпат, не е незамисливо дека ние ќе се насочиме кон фашизам или диктаторство пред да биде достигнато тоа ниво.

Сега кога се случува преместување од „слободен пазар“ кон владина интервенција и регулација, важно е да се признае дека нема ништо по својата природа прогресивно околу ова. Точно е дека за време на Новиот договор, интервенцијата и регулацијата биле придружени со одредени прогресивни политики на социјална грижа, но тоа било бидејќи гигантска мобилизација на работниците ја принуди американската влада да направи отстапки за да го спаси капиталистичкиот систем. Ако таа може да го спаси системот без да направи такви отстапки, зголемената интервенција и регулација ќе бидат само тоа – интервенција и регулација, период. Ние веќе видовме дека спасувачките пари од TARP не се дадени за да ги подобрат нашите животи.

Како во 1930-те години, работниците мора се мобилизираат за да се заштитат за време на кризата онолку колку што можат. Тие мора да се потпираат на себе, а не на владата. Исполнувајќи ги своите барања, тие ќе си помогнат на краток рок. Треба да бидеме свесни, сепак, дека отстапките не се решение на економската криза, не се премин кон нов економски процут. Отстапките не ја обновуваат профитабилноста, но сè додека ние остануваме во границите на капиталистичкиот систем, еден нов економски процут ќе бара уништување на капиталот до еден доволен размер за да ја обнови профитабилноста.

Ние може наскоро да бидеме во ситуација во која голем број на луѓе ќе почнат да бараат објаснување на она што заврши лошо и различен начин на живот. Треба да бидеме подготвени да им излезиме во пресрет со јасно разбирање на тоа како капитализмот работи и зошто, и покрај сите интервенции и регулации, не може да функционира во прилог на широкото мнозинство. И треба сериозно да се зафатиме со изработувањето на тоа како една еманципациска алтернатива на капитализмот би можела да биде реална можност.

Андрy Климан, универзитетски професор по економија
Превел: Мара

A koja e alternativata?

A koja e alternativata?

Алтернативата е УКИНУВАЊЕ НА

Алтернативата е УКИНУВАЊЕ НА КАПИТАЛОТ КАКО ОПШТЕСТВЕН ОДНОС, што подразбира УКИНУВАЊЕ НА ПРИВАТНАТА СОПСТВЕНОСТ НАД СРЕДСТВАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО, а со тоа и УКИНУВАЊЕ НА СТОКОВНО-ПАРИЧНОТО ПРОИЗВОДСТВО и НЕГОВО ЗАМЕНУВАЊЕ СО ПЛАНСКА РАСПРЕДЕЛБА ВО РАБОТНО-ВРЕМЕНСКИ ЕДИНИЦИ НА ТРУДОТ, СРЕДСТВАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО И СРЕДСТВАТА ЗА ЖИВОТ.

Повеќе за АЛТЕРНАТИВАТА овде:
www. scribd.com/doc/35410814/
www. scribd.com/doc/35412249/
www. scribd.com/doc/32257718/
www. scribd.com/doc/46894564/

Слични содржини

Општество
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Квир / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото