Вештачко месо

21.02.2012 12:20
Вештачко месо

Светското население ја надмина бројката од седум милијарди жители. Дојде време да се постави прашањето како ќе се прехрануваме во иднина? Тука на дневен ред доаѓа вештачкото месо. Дали тоа може да го премости јазот помеѓу производството на храна и човековите потреби?

Во овој момент, иднината на месото е само една грутка во Петриевиот сад. „Не сме ниту блиску до целта“, признава Марк Пост, физиолог од универзитетот во Мастрихт (Холандија). „Направивме големо поместување, но она што сега го имаме е омлитавен мускул кој сè уште не знаеме како да го зајакнеме“.

За инженерите на ткиво, како што е Марк Пост, крајната цел е да се создаде вештачко месо кое ќе изгледа, ќе има мирис и вкус исто како и природното месо кое го јадеме. Иако сега не изгледа така, производството на вештачко месо еден ден би можело да биде неопходност. Бидејќи, според податоците на Обединетите нации, од 31 октомври минатата година бројот на жители на нашава планета ја помина бројката од седум милијарди, а во 2050 година на неа ќе живеат дури девет милијарди – и на сите ќе им биде потребна храна.

Човекот се потпира на животните поради месото и млечните производи, така што речиси се исцрпени изворите на храна и средствата за нивно производство. Одгледувањето на стока во моментов зазема околу 30 проценти од земјиштето на планетава (вклучително и областите покриени со мраз), а секоја година се произведуваат околу 228 милиони тони месо. За да се обезбедат потребите во иднина, организацијата на Обединети нации за храна и земјоделство ФАО (Food and Agriculture organization), предвидува дека до 2050 година вкупното производство на месо мора да се удвои – на 463 милиони тони. Иако се смета дека производството и потрошувачката на месо во Северна Америка и Европа главно ќе остане урамнотежена, се предвидува голем пораст во земјите во развој, особено во Кина која економски забрзано се развива. Познато е дека порастот на животниот стандард со себе повлекува и поголема потрошувачка на месо.

Треба да се земе предвид и податокот на Обединетите нации кој покажува дека угојувањето на стоката придонесува со отприлика 18 проценти од вкупното ослободување на гасови во атмосферата, со што се создава ефектот на стаклена градина. Најмногу поради метанот кој настанува при варењето на храната, но и посредно, низ постапките на човекот кој ги уништува шумите за да си обезбеди нови пасишта и ниви за сточна храна. Тоа значи дека вештачкото месо ќе ја намали вкупната побарувачка за добиток, ќе помогне во прехраната на човештвото, а истовремено ќе ја олесни и борбата со климатските промени.

Технологијата за производство на вештачко месо може да се искористи и да им се обезбедат на астронаутите неопходните белковини на долготрајни вселенски летови кои се предвидени за во иднина.

НАСА, пред десетина години почна научна програма за освојување на производството на месо во лабораториски (вселенски) услови – тргнувајќи од клетки на златна рипка. Производството на вештачко месо, секако, би добило поддршка од вегетаријанците, кои се противат на измачувањето на животните и нивното убивање поради човечката исхрана.

Еден од пионерите во освојувањето на производството на вештачко месо, Владимир Миронов, (стручњак од Медицинскиот факултет Јужна Каролина во Чарлстон), смета дека поголемиот дел од луѓето ја отфрлаат помислата за вештачко месо бидејќи не разбираат како тоа се произведува.

„Кога ќе се употреби зборот ’инженерско’, луѓето веднаш сметаат дека се користи за генетски инженеринг – што тука не е случај.“

Тој напоменува дека одамна јадеме многу вештачки намирници, како што се, на пример, лебот и јогуртот.

За разлика од генетски изменетата храна, во вештачки одгледаното месо, ДНК останува неизменета, иста. Затоа нема да се појават генетски нестабилности, кои ги погодуваат клонираните животни. Наместо тоа, технологијата која во моментов се развива во лабораториите се обидува да ја поддржи природата предизвикувајќи природно размножување на клетките на месото (без клетките на останатите делови на животинското тело). Всушност, вештачкото месо би се создавало од матични клетки на живи животни. Овие клетки потоа се размножуваат и се претвораат во мускулни клетки. На пример, Миронов почнал од матичните клетки на мисирка, а според Чарлстон, тоа негово месо е наречено „чарлем“.

Кога еднаш експертите ќе создадат нешто што ќе личи на вистинско месо, наредната задача ќе биде да се открие како да се создаде во доволни количини. Бидејќи ќе мора да се произведуваат тони, а не килограми – не само поради потребите на пазарот, туку и за да се исплати целиот потфат. Наместо Петриевиот сад ќе ни требаат големи градини, а месото ќе мора да се одгледува во биореактори под строго стерилни услови. Ќе се појават многу технички предизвици кои стручњаците ќе мора да ги решат пред вештачкото месо да биде подготвено за масовна употреба. На пример, мускулот на Пост во Петриевиот сад мора да вежба. Бидејќи, мускулните влакна растат, се зацврстуваат и се здружуваат кога се под природни биофизички напон. Вежбањето, собирањето и опуштањето на мускулите ја зголемува содржината на белковините во мускулите. Марк Пост го знае и работи на тоа, и за да предизвика грчење на своите мускулни гради, во правилни временски интервали од една секунда низ нив пропушта електрични шокови чиј напон е 10 волти.

Вториот предизвик е како да се оствари растот на месото во три димензии – да се добие обликот и големината на парче месо, кое треба да личи на шницла. Вештачкото месо се одгледува во култура која е богата со кислород, аминокиселини, шеќери и минерали. Затоа на големината на парчињата влијае можноста овие состојки непречено да преминат од културата во внатрешноста на месото. Значи, за клетките во средината на месото да се одржат во живот се неопходни крвни садови. А нив, засега ги нема. Затоа моменталните примероци на месо се сосема тенки. Се работи за слоеви на клетки дебели само од 0,1 до 0,3 милиметри. За да се добијат вистински парчиња месо мора да се осмислат крвните садови.

Местото кое Пост го одгледува во лабораторија потекнува од матични клетки на свиња, па кога сега би успеал да направи килограм колбас од него, тоа би било многу скап колбас – околу 300.000 евра. Со успешно развиен мускул би се добила свинска шницла.

Миронов смета дека вештачкото месо може да се направи дури и поздраво од природното. Тоа би се постигнало со време ако во него се вметнат состојки кои го намалуваат апетитот или да се искористат помалку заситени масти. Може да се додадат и омега 3 масни киселини.

Но, останува уште едно клучно прашање: каков вкус ќе има вештачкото месо? Дали ќе можеме воопшто да го јадеме? Бидејќи, иако природното месо главно се состои од мускулни клетки, тоа содржи и клетки на масти, кои во голема мера придонесуваат за неговиот вкус. Бидејќи, засега, вештачкото месо не содржи масни клетки, треба ли да се додаваат вештачки вкусови? Објаснувајќи ја оваа дилема, Пост вели дека неговиот прототип воопшто не е вреден за внимание: „Само би изеле многу скап експеримент“.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото