Дали каматата е неморална?

21.06.2012 10:39
Дали каматата е неморална?

Живееме во време кога е сосема вообичаено поединци, потоа мали и големи претпријатија и, најпосле, многу држави да земаат кредити од банките или од некои големи меѓународни монетарни институции. Притоа е предвидено тие парични долгови да се враќаат за договорен рок, но најчесто и со одредена камата. На сите нам тоа ни е не само блиско, туку и потполно разбирливо. Меѓутоа, дали отсекогаш било така? Дали земањето процент за позајмените пари се сметало за нешто што едноставно се подразбира или не?

Платон и Аристотел, двајцата гиганти на античката наука и филозофија, зазеле крајно негативен став кон позајмувањето пари со камата. Постариот од нив во своето дело „Закони“ го запишал следново: „Парите не смеат да се остават на чување кај оној во кого немаш доверба, не смеат да се даваат на заем со наплатување на камата, бидејќи секој кој зел пари на заем од доверителот (кој бара процент од оној на кој му ја дал позајмицата) слободно може да не ја врати не само каматата, туку ни главнината. Таквите одредби за државата се најдобри.“

Неправда, па тоа е тоа!

Во понатамошниот текст наведува дека „во државата не смее да има ни злато ни сребро ниту смее да настане големо богатење со занаетчиска работа, лихварство, или такво одгледување на стока...“ Така пишуваше Платон за каматата и лихварството.

Млад современик на Платон бил и Аристотел. Како и неговиот учител, тој исто така бил голем противник на позајмувањето пари со камата. Во своето дело „Политика“, забележал:

„Поголемиот дел од стекнувањето, како што рековме, е двострано: тоа е трговија, од една, и вештина на водење на домаќинство, од друга страна. Второто е неопходно и достојно за фалење, додека трговијата со право се потценува, бидејќи не е природна туку со неа луѓето заработуваат едни од други. Сосема оправдано омразено е и лихварството, бидејќи тука добивката се постигнува со помош на самите пари и парите не служат за целта за која се наменети“.

Ставот на Аристотел кон земањето процент за позајмените пари, иако донекаде прикриено соопштен за разлика од Платоновата оцена за лихварството, односно каматата, не е ништо помалку негативен.

Во Библијата, за која понекогаш се заборава дека е составена во стариот век и дека всушност е наследство од античкиот свет – иако целосна почит доживеа во средниот век – исто така среќаваме доста лоши мислења за каматата.

Така, на пример, во Стариот завет можеме да прочитаме:
„Не дава на заем со добивка, ја воздржува раката од неправда, пресудува според вистината...“ (Книга на пророкот Езекиел, 18, 8). Во Стариот завет исто така стои:
„Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок!“
. (Излез - Втора книга Мојсеева, 22,25). И во Давидовите псалми се наоѓа христијанска поука која се противи на земање на процент за позајмени пари: „Кој не го дава своето сребро за добивка и не прима поткуп против невиниот. Кој постапува така, нема да се колеба никогаш!“ (Псалми 15,5)

Како во Стариот, така и во Новиот завет судот за каматите останува непроменето лош. Во едно од четирите евангелија може да се прочита:

„Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Севишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.“ (Евангелија по Лука, 6, 35). Доколку, понатаму, строго би се следело Светото писмо, во животот на христијанските држави кои со времето започнале да никнуваат на тлото на Европа, Северна Африка или делови од Азија би немало место за финансиски трансакции кои во себе вклучуваат камата. Така, почнувајќи од Првиот вселенски собир, одржан во Никеа во 325 година, декретите од многу синоди содржеле осуда за лихварството, а со нив заедно и записите на големите црковни отци.

Најгнасниот црв

Во средниот век, во кој Библијата постоела како неприкосновен авторитет за секакви морални и етички прашања, се раширил многу негативен однос кон позајмувањето пари со стекнување на камата. Понекогаш за таквиот став охрабрување се барало и во Аристотеловите размислувања. Големиот филозоф, имено, сметал дека парите можат да се набљудуваат како мерило за вредноста. Аристотел тврдел дека „парите не можат да родат пари“ бидејќи се бесплодни, односно непродуктивни. Ваквиот став на старогрчкиот филозоф нашол свој одек во познатата средновековна девиза „Pecunia pecuniam non potest (Парите не можат да родат пари)“. Од другата страна, на ниво на начело била издигната девизата дека плодови може да даде само земјата.

Кога во прашање е латинскиот свет на западна Европа, негативниот став кон каматата го потврдуваат поединечните одлуки или препораки на најмоќните луѓе на тоа време. Па така, прочуениот папа Лав I Велики (400-461) во 443 година го осуди како световното, така и духовното лихварство. Уште порадикален бил еден од неговите подоцнежни наследници на столицата на Свети Петар. Станува збор за римскиот првосвештеник Александар III (1159-1181) по чијшто налог во 1179 година лихварите биле исклучени од црквата. Ништо помалку исклучителен не бил ни уште еден римски архипастир: папата Климент V (1305-1311) кој како ерес во 1311 година го жигоса мислењето за дозволеноста на лихварството.

Против лихварството и каматата пишувале и некои од најучените луѓе, како што се Блажениот Августин, според мислењето на некои научници, можеби најголемиот црковен отец, потоа Свети Јероним, преведувач на Библијата од хебрејски и грчки на латински, па Тома Аквински, и најголемиот авторитет на римокатоличката црква во средниот век, италијанскиот доминикански калуѓер, проповедник и верско-политички реформатор, Џироламо Савонарола. Меѓутоа, мотивите кои споменатите интелектуалци ги побудувале на критика биле различни и не секогаш биле етички и морални. На пример, Савонарола својот глас го кренал против „злоштетниот понор и најгнасниот црв на лихварството“ изразувајќи ги ставовите на средните слоеви на фирентинското општество од крајот на 15 век, а незадоволен од здружувањето на лихварскиот капитал и економската надмоќ на градскиот патрицијат.

Патрон на лихварството

Омразата кон каматата го надживеала средниот век, па за неа доста негативно, но повторно од различни побуди, пишувале и Мартин Лутер и Роџер Фентон. Мартин Лутер во 16 век станал против неправедното одземање процент така што ги застапувал ставовите на умереното граѓанство кое ја сочинувало основата на реформациското движење на Германија.

Неговите аргументи против лихварството во голема мера биле традиционални и на трага на средновековниот начин на размислување. Англискиот богослов од почетокот на 17 век, Роџер Фентон, го осудувал лихварството од положба на феудалната класа во период кој ѝ претходел на буржоаската револуција. Меѓутоа, Жан Калвин, претставник на радикалната струја во бранот на реформацијата, излегол како бранител на наплатувањето на камата. Поради тоа Роџер Френтон го нарекол „главен патрон на лихварството“.

Калвиновото учење одговарало на барањата на буржоазијата во периодот на првобитната акумулација на капитал. Западна Европа се наоѓала на праг на епоха која со економски аргументи ќе им влее одлучувачка сила и поттик на кредиторите и каматите и ќе ги направи неизоставен дел од новото напредно општество.

Законот едно, праксата друго

Во Византиското царство, чијшто важен столб било христијанството, ставот кон каматата и лихварството бил негативен. Така, на пример, Десеттиот канон од таканаречениот Петто-шести или Трулски собир одржан во Цариград во 691/692 година го наведува следново:
„Епископот, или презвитерот, или ѓаконот кој зема камата (добивка) или таканаречени проценти, или да престане или да се отстрани.“

Меѓутоа, стварноста премногу се разликувала од прокламираните начела и канони. Па така, наспроти фактите дека барањето на интерес се косело со средновековните христијански морални поимања, во Визнатија прилично ретко се забранувало. Тоа едноставно значи дека моралните правила, втемелени во Светото писмо и делата на старогрчките филозофи, се нашле во тешката сенка на потребите на развиената парична економија. Веќе законодавството на царот Јустинијан I Велики (527-656) предвидувало претставниците на повисоките сталежи да бараат камата за парична позајмица од четири проценти, трговците од осум проценти, а сите останати од шест проценти, колку што можела да наплатува и самата држава.

Поучен и добар пример за таквата состјаба е царот Никифор I (802-811) кој пред стапнувањето на престолот бил секретар на државната каса и извонреден финансиски стручњак. Тој, навистина, им забранил на поданиците на заемите да наплатуваат камата – што значи дека оваа пракса во Царството веќе наголемо постоела – но барањето процент го свел на исклучиво државен монопол. Никифор I барал богатите бродосопственици од државата да земаат заеми во висина од 12 фунти злато со многу висока камата од 16.66 проценти.

Во еден византиски законски споменик, кој се вика „Приватно проширена Еклога“ и потекнува од 15 век, се расправа за одредување на најголема дозволена камата, со што всушност се озаконило лихварството. Вистина, имало обиди лихварството да се тргне од патот, па така царот Василиј I (867-886), основач на таканаречената Македонска династија, укинал секакво земање на камата на заемите. Го направил тоа со оценка дека „коренот на (општествените) болести... е во лихварството“. Меѓутоа, неговиот син и наследник Лав VI Мудриот (886-912) во својата 83 законска одредба напишал:

„Таа наредба (се мисли на законот на Василиј I), со нематшијата на народот, доведе не до подобро, како што законодавецот очекуваше, туку до полошо. Порано, со очекувањето на камата, многумина даваа заем, но кога се појави законот, согласно со кој не може да се извлече добивка од давањето заем, некои стана бездушни, немилосрдни и без сочувство во однос на оние кои имаа потреба за таков заем...“

Во понатамошната византиска историја ставот кон каматата станал двоен: некои ја поддржувале, а некои ја сметале за нечесна работа. Прочуениот интелектуалец од втората половина на 12 век, Евстатија, митрополит на Солун, бил против земањето процент за позајмените пари. Царот Андроник III Палеолог (1328-1341) донел закон против земањето камата. Меѓутоа, набрзо тој закон повеќе не бил почитуван за што во два трактати од средината на 14 век доста остро пишува византискиот писател Алексиј Макремволит. Низ непрестајното повикување на далечното минато, тој смета дека токму лихварството е главната причина за осиромашувањето на државата и распадот до кој таа дошла. Факт е дека каматата во негово време било доста висока. Според службено дозволените норми, каматата на позајмицата изнесувала од четири до осум проценти, а во случај на ризик и до 12 проценти. Меѓутоа, во реалниот живот таа била уште повисока и се колебала помеѓу 15 па дури и 30 проценти.

Многу совесни луѓе со причина мислат дека е срамно да се богатиш на општата несреќа без разлика дали се работи за војна, земјотрес, пожар, глад или епидемија, а токму во таква состојба било Византиското царство во 14 век. Алексиј Макремволит со жалење предупредувал дека постојат некои кои сметаат дека законот кој ја забранува каматата не треба да се штити. Тој стои на ставот дека наплатувањето на висока камата „не ја отстранува сиромаштијата, туку ја продлабочува“. Во понатамошниот текст Макремволит упорно полемизира со симпатизерите на каматата, па на едно место вели дека исходот на „добродетелството“ на лихварстовто е „ стенкање и чкртање со забите“.

Воздигнување на лихварството на ранг на законски престап всушност е една од водечките теми на трактатот на Алексиј Макремволит. Притоа тој се повикува на Библијата, а забележително е и влијанието на филозофите Платон и Аристотел на неговиот суд за каматата и лихварството. Византискиот писател не се воздржува и да одреди казна за оние кои земаат камата. Тој верува дека би требало да се казнат на ист начин на кој се постапува со отпадниците од верата. Така зборовите „Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели!“ (Евангелие по Матеј, 25,41) во трактатот одѕвонува како рефрен.

***

Примерите кои се изнесени, а кои ги отсликуваат основните црти на постојаниот натпревар на приврзаниците и противниците на каматата, покажуваат дека нивната борба се водела со векови. На едната страна биле ученоста и теориските знаења, засновани на возвишени морални начела, кои предност ѝ давале на етиката. Меѓутоа, на другата страна бил самиот живот, секојдневната пракса и економските текови и процеси кои се одвиваат по свои законитости. Во реални околности овие вториве со текот на времето на своевиден начин ги оспориле етичките наравоученија на Платон, Аристотел, Светото писмо и останатите несомнено учени автори. Општествениот развој и непопустливите банкарски и трговски постулати, кои укажуваат дека нема да има напредок доколку не се почитуваат економските закони, едноставно ги засенија државните етички поставки, па споменатиот натпревар морал да се заврши токму онака како и што единствено можел да се заврши.

Извор: Политикин забавник

Do pisatelot: tekstot e

Do pisatelot:
tekstot e odlicen, no nesto fali. Mislam deka trebase i Kuranot da se spomna, oti vo nego jasno se pisuva deka e strogo zabraneto da se zema no i da se dava kamata!
So pocit,

ОкоБоли главаВицФото