Јуни

30.06.2012 13:31
Јуни

Секако дека и овој месец има нешта и случки кои заслужуваат да се одбележат. Некој погрешен есап од едно стотина милиони, долгите последни денови на месецот пред да стигне платата, пензијата, помошта или што било со што преживуваат граѓаните.

По светот има различни календари и луѓе кои различно ги пресметуваат деновите и месеците. Само деновите и месеците, оти годините ни за сметање не се привлечни, затоа што тие означуваат стареење и многу луѓе токму од таа причина ги одбегнуваат. Но, иако различни, сите луѓе речиси исто се тешат. Се тешиме со тоа дека светот е постар, иако не знаеме колку, барем е постар од нас самите. Но, сончевиот календар, кој го употребуваме, има неколку месеци за кои вреди да се напише збор-два. Јуни е еден од таквите месеци. На албански јазик овој месец се именува како „ќершор“, месец на црешите, на персиски и турски „хазиран“, готовиот момент, деновите кога бериќетот е готов за жнеење.

Во урбаните наши дијалози, без садење и жнеење, додека си мал, јуни значи распуст од школо, а подоцна: испити! Без разлика на каков факултет учиш и со било каков кредитен систем да полагаш испити на универзитет, јуни во тие години ќе ја земе назад сета радост која ти ја пружал додека си бил мал. Во тие години на животот, јуни е месецот според кој се сметаат годините. Тогаш, честопати, јуни е месецот кој ти го расипува секој поглед кон календарот. Но, ако сето учење го оставиш за во јуни, тогаш секој ден е тежок во тој месец. Згора на тоа, секои две години има или европско или светско првенство во фудбал. Така што и во јуни функционираш некако. Денот е ден, но и ноќта е ноќ, како секој месец, така и во јуни.
Кажано без емоции, календарот е мерење со броеви. Но, иако за сите важи овој есап, колку луѓе навистина можат да почувствуваат дека речиси до крајот, целиот месец јуни, всушност, календарски, е сè уште пролет? Сигурно не ние тука, кои и во првите денови на јуни, почувствувавме жештина и ни беше топло!

Секако дека и овој месец има нешта и случки кои заслужуваат да се одбележат. Некој погрешен есап од едно стотина милиони, долгите последни денови на месецот пред да стигне платата, пензијата, помошта или што било со што преживуваат граѓаните. Како и секој месец, така и во јуни. Иако, береќат версун, пиперките и доматите се евтини во овој месец. Имаше и културни настани вредни за спомнување: претставата на турскиот театар, која докажа дека и покрај толкавиот обем на турски серии, сепак, театарот е тој каде што вистински може да се доживее како лисјата паѓаат и како одминува животот. Одличната точка со звукот во Вардар, во рамки на „Емитер“, која докажа дека покрај толку неартикулирана врева, скопјани ќе знаат да го препознаат звукот кој го чекаат и ќе се осврнат на него.

Но, сите политички случки ми изгледаат помалку вредни за запишување од едно вакво просто испраќање на месецот. Не само од тоа што јуни нè испоти, не само што во него беше најдолгиот ден, не само од тоа што од Хрватска, преку Русија, па сè до Франција, секоја репрезентација за која навивав, беше елиминирана на Европското првенство. Туку и поради тоа што наеднаш помислив дека јуни ни стана како тежок гостин, кој се трудевме да го удостоиме со почит, иако долго остана кај нас. Но и како таков, тој, наспроти сè, заслужи и – испраќање.

ОкоБоли главаВицФото