Прашалник за Ана Голејшка

17.10.2012 09:48
Прашалник за Ана Голејшка

 

1. Која е првата песна на која се сеќаваш?

The power of love. Од Џенифер Раш. Пуштена гласно да свири, а татко ми и мајка ми играат танго среде соба. Имав веројатно три години тогаш. Портокалова касета. И сеќавањата се такви, топли.

 

2. Без што не можеш да го замислиш светот?

Многу нешта. Прво што ми паѓа на ум е гласот и пишувањето. Зборовноста, музиката. Ритам. Љубов. Слободата да танцувам до бескрај, колку по улици толку и по дома. Уф, светот не можам да го замислам без она што е, во сета своја целосна несовршеност.

 

3. Пишувањето поезија е...

Глумење лудило :) Не можеш да го сместиш во дефиниција. Понекогаш е вадење енергија од себе како од рудник. Не престанува додека не го запишеш она што те копка. Во голема мера мене ми е лек. Истовремено и траума, зашто се чудам што ме снашло да напишам одредени песни. Да, поезијата е прекрасно лудило!

 

4. Со кои пет историски личности би пеела во бенд?

Валентина Терешкова, и тоа облечени во скафандери ќе бидеме. Со Јованка Орлеанка, чисто да ја видам таа енергија на сцена. Сигурно би била добра бас гитара. Со Никола Тесла, електричен дует на гласови би било тоа :)! Би ја додала и Фрида Кало, не знам зошто, мислам дека жената имала совршен алт. Со дедо ми. Пред да почине, секоја слава пеевме заедно. Со дедо бендот би бил фасцинантен. Најмногу сакам да пеам со себеси. Цело маало дознава кога пеам.

 

5. Од кој елемент од твоето опкружување не би можела да се откажеш?

Пишување, секогаш и секаде. По улици додека одам, во автобус на картичките. По замаглени стакла. По ѕидови. Гушкање. Љубење. Мезење убава храна со убави луѓе. Хедонизам по чорапи дома. Слушањето музика, и во сон. Многу битни нешта што ми го одржуваат срцето здраво, а умот присебен.

 

6. Зошто пишуваш поезија?

Зошто? Поим немам. Се случува. Лична терапија и плус другите сакаат да ме читаат. Изгледа имам што да кажам. Со поезијата си играм. Тоа е мојата најоглема радост, слободата да се игра со зборови. Не можам да замислам да не пишувам. Тоа е единствениот простор во кој се чувствувам најприродно. Таму сум Ана Голејшка 100%. Ко реклама за сок излезе ова.

 

7. Која е моментално најдосадната работа во светот?

Менувањето летна со зимска гардероба. И никако не си!

 


8. Ако имаш можност да се телепортираш токму во овој момент, каде би заминала?

Јапонија! Да си го видам либето, да си се напиеме ракиичка, да си се заљубиме пак.

 

9. Која е најопасната идеја во светот?

Имањето идеја е најопасно денес. Особено ако е за добра цел. Поарно ништо да не споделувам.

 

10. Ако претпоставиме дека животот е чекалница, што е она што го чекаш?

Либето да ми се врати од туѓина :) Чекање. Не сакам да чекам. Сакам да тргнам. И ќе тргнам. Имам идеја каде. Само ќе видиме кога. Чекам единствено само добри албуми на бендови и сончево време, оти тогаш светот е поубав.

 

11. Под кој покрив се чувствуваш најбезбедно?

Својот и Нашиот. Две места во кои срцето ми осцилира во топли бои, спие мирно и знае кое е. Покривот на светот одамна стана отуѓувачки и прокиснува. Сепак, Дома е она место кое секогаш ме чува емотивно безбедна. Покривот на Скопје. Е тоа е добро име за песна, чекај да си го запишам.

 

12. Дали некогаш би се занимавала со политика?

Никогаш не вели никогаш. Ама мене не ме бива за такви работи. Премногу сум плашлива да раководам со туѓи судбини. Или емотивна, би рекла.

 

13. Се чувствуваш ли удобно пред фотоапаратот?

Ко риба у вода. Ко риба пред фотоапарат :) Ма, да. Мислам дека во минатиот живот сум била актерка од француско кабаре. Евентуално фронтмен во хипи бенд. Сè што бара позерај, можам да го изведам. Нормално, во рамки на уметноста. Сè друго би било изневерување на себеси. Но, со фотоапаратот си се знаеме. До сега фино соработуваме, убави сме, благодарам :)
Лав (хороскоп), што да се прави.

 

14. Со која мисла најчесто се будиш?

Ако врне, дали чадорот е во ходник. Ако е сончево, дали да одам пеш или со точак на работа. Лажам! Прво мислам на него. И не сакам да станам од кревет.

 

15. Најдобар начин да се отпатува во некој друг свет е?

Со точак! Да. Со точак. Не велосипед, ами точак. И мижеечки. Само затвори очи, и оп, чудесии. Многу пати така сум си отпатувала каде сакам. Или се нурнувам во книга што дава бесплатни билети до многу неотпатувани места. Без багаж, така, клот си патуваш.

 

16. Книги што повеќе пати си ги препрочитувала?

„Дневникот на Ана Франк“ ми беше библија од прво до осмо. Си наоѓав секогаш нови чуда за откривање во нејзините пишувалки. „Природен роман“ од Господинов. Го читам секогаш кога сум тажна или уморна, а во тој роман има такви хируршки резови од туѓите души, што удобно ми е да си се вовлечам таму и да си набљудувам. „Кујна“, од Лили Прајор – зашто сакам да готвам и да љубам истовремено, и во таа книга мирисите и боите допираат синестетски до мене. И едно купче поезија од различни автори што делуваат како апчиња против тегоби. Една песна – една радост плус. Маџиров води таму.

 

17. Што би променила во твоето секојдневно опкружување?

Ќе биде ли досадно да речам ништо? Ќе биде. Затоа ќе кажам што би променила. Простор. Треба простор во мојов град. Живост. Луѓето повеќе да читаат одошто да скитаат. Море, и двете нека ги прават, ама нека читаат. Да љубат. Да не се губат во времето, оти простор веќе немаат.

 

18. Скопје е...

Балада. Или двоминутен панк. Скопје е нож во срце. Скопје е љубовник, фраер, што кога ти се пушта, несмасно те гори со цигара и бара да те бакне, а корне на пиво. Скопје е невидлива инспирација што ми влегува во кревет, во нос, во секоја пора од кожата. Скопје е сè и Скопје е ништо. Меѓупросторноста е неговата најголема сила пред која си паѓам како воинка од коњ. Во суштина, мојот роден град кој не би го сменила за ништо на светот.

 

19. Дали сакаш прашалници?

Скроооз! Се чувствувам ко на контактна емисија да сум :) Си го замислувам и микрофонот, сериозно!

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото