Фрли тоа книгата, играј фудбал!

31.10.2012 12:12
Фрли тоа книгата, играј фудбал

Сине, абе фрли тоа книгата, иди поиграј фудбал со другарчињата!

„Владата за учебната 2012/2013 година ќе додели над 1.200 стипендии за младите лица, ученици и спортисти до 20 години, во насока на поддршка на развојот на младинскиот ентузијазам, талентираноста и образованието и спортско надградување на младите лица значајни за нивниот развој, стимулација во процесот на нивната едукација, вреднување на нивните постигнувања. За оваа намена обезбедени се 35 милиони денари буџетски средства.“

Честитам! Што би рекле на север – „Убили сте бога у мени“. Независно колку и да се борам, пишувам, укажувам, само можам подлабоко да навлегувам во Дон Кихотовскиот свет во кој ветерниците неумоливо одат од победа во победа.

И не можам а да не се сетам на една од моите омилени реплики – „Сине, абе фрли тоа книгата, иди поиграј си фудбал со другарчињата!“ Мислам дека ниту самиот Стефановски не бил свесен за тежината на тоа што го напишал. Мислам дека ни на крај памет не му било дека по 20 години Владата на дело ќе ја спроведува оваа негова реплика – па затоа почитувани ученици – фрлете тоа книгите и одете поиграјте фудбал, кошарка, ракомет... и така никој не видел аир од учење!?

Да биде болката уште поголема – „Владата одлучи оваа година стипендијата „Спортска надеж“ да ја добијат и сите 111 ученици од Спортската академија во средното фискултурно училиште „Методија Митевски Брицо““; за да добиете стипендија нема потреба да бидете најдобри – доволно е да сте запишани. Па, Ве молам, како да им објаснам сега на моите ученици дека треба да посветуваат 3 до 4 часа на ден решавајќи задачи и учејќи теореми? Како да им објаснам дека државата повеќе цени да знаеш да одглумиш лична во напад отколку како да примениш Коши или Шур?

„Владата во текот на следните денови преку Агенцијата за спорт и млади ќе ја објави и листата на 500 лица кои добиле стипендии „Спортска надеж“, кои се доделуваат на спортисти младинци на возраст до 20 години, од 50 национални спортски федерации. Оваа стипендија изнесува 20 проценти од просечната плата или околу 4.200 денари.“

Не ми останува ништо туку само да им се извинам на моите ученици за моето постојано настојување тие да се надградуваат, натпреваруваат и освојуваат награди. Драги мои, вашите медали на Меѓународни и Балкански олимпијади не значат ништо за Владата. Бојан, Росица, Васе – извинете. Сепак, на ученикот кого најмногу го притискав, би сакал и јавно да му се извинам:

Васе, се надевам дека ќе најдеш начин да ми простиш што постојано од тебе барав да се подготвуваш најдобро што можеш за натпревари. Сметав дека доколку успееш да освоиш медал некој тука ќе знае тоа да го цени, но сега мислам дека целиот труд да се стигне до сребро на Јуниорската Балканска математичка олимпијада е само добра основа за упис на некој реномиран универзитет во странство. Уште би сакал да се извинам за целото време што го потроши решавајќи задачи наместо истото време да го искористиш на усовршување на скок шутот; во оваа држава е поважно да имаш добар скок шут отколку здрав разум!

Слика: Jayna Denbow