Gangnam генерација

27.12.2012 09:44
Gangnam генерација

Неодамна интернет страницата Јутјуб објави компилација на минатогодишните најПОПуларни кратки видео записи. Воведниот збор е застрашувачки точна порака која го потврдува она што веќе го знаеме - видео записот е апсолутен владетел во оваа ера на фетишизам на документирањето.

Видеото се покажа како совршен медиум кој ги комбинира сликата, звукот и текстот, а бидејќи сите фанатично го документираат она што им се случува, тоа стана нивен омилен облик за изразување во јавните дневници. Релативно е лесно да се дојде до опрема за снимање, а во секој случај, секогаш им е на дофат на рацете основниот додаток - мобилниот телефон. Оваа опсесија да се документира сè што нашите сетила и меморија не можат долго да го задржат, доби неочекувани размери. Земете ги како пример објавените содржини на профилите на Фејсбук. Што прво ви паѓа на памет? Фотографиите со усни напрчени како на патка, сликите од синоќешното „Нааааа(!)аајлудо“ излегување, илјадници лицемерни коментари за привлечниот изглед, а сè упатено на сликата на профилот каде што дотичниот господин ги промовира своите плочки (овој пат не од тоалетот).

Во време кога индивидуализацијата ги премина границите на гротескноста, сепак постои еден парадокс. Како да докажете дека сте „целосно свој и неповторлив“? Или, уште подобро прашање е „Кому?“ Кој ќе кима со главата во знак на одобрување? Мора да постои некаков вид признание кај публиката. Затоа на својот ѕид го поставувате она што мислите дека сигурно ќе им се допадне или што вам неизбежно ќе ви обезбеди ловорики од пет или десет ѕвездички, срциња, или некој сличен облик на оценување. А моралната сатисфакција? Непроценливо, а за сè останато тука се социјалните мрежи за поддршка.

Поддршката и тоа како е важна за анонимусите во овој растечки виртуелен свет. Што им вреди тој досетлив твит или револуционерната видео снимка, ако не ги поддржат/споделат други луѓе? Сè започнува со некој облик на инкубација, а потоа и умножување. Документот ќе и’ се допадне на една, па на друга па на илјадита па на двомилионита личност на светот и така натаму. Набрзо ќе се заразат и оние кои само начуле нешто за најновата сензација, па ќе го консумираат производот од љубопитност. На крајот, ова прераснува во сеопшта интернет параноја. Земете ја, на пример, манијата за „Gangnam style“ (вистинско чудо е ако не сте ја слушнале/виделе/впиле ова нумера на корејскиот поп изведувач Псај, чиј линк сега го посетуваме за да го провериме напредокот на најновот проект на целото човештво. Целта е бројот на прегледи да надмине една милијарда. Кога тоа заборавивме на милениумските цели на Обединетите нации? На пример, надежта дека ќе ја уништиме сиромаштијата во светот до 2015. Малку е веројатно тоа да се случи.

Сè не би било така црно, кога споделените содржини би се однесувале на благородни интереси, култура, образование и воопшто здравиот разум и заедница која нормално ќе функционира. Не, случајот е сосема обратен. Оваа специфична интернет фолк култра ги слави содржините кои се прифатливи за „сите“, значи, за најшироките народни маси. Трачеви од жолтиот печат, бизарни луѓе и настани, најсмешни незгоди дома, слатки домашни миленичиња, и сè повеќе (барем кога станува збор за „западниот интернет“) експлицитни документи кои прикажуваат дебели, восхитени и блажени, и сè поинвентивни гадости и глупости (прашање е дали нашите затапени сетила воопшто го регистрираат тоа).

Во тек е процес на општа инфантилизација на општеството. Остареното човештво после големите и успешни чекори во историјата се враќа во своето „второ детство“. Видете ги моментално најпопуларните игри и - јасно е. Уживајте во продолжението. Стигнуваат најновите вести.

Текстот е преземен од блогот на авторката.

ОкоБоли главаВицФото