Размена на лозинки

01.02.2012 11:13
Размена на лозинки

Обично вљубените двојки си подаруваат разни нешта во знак на љубов. Во дигиталната ера стана вообичаено својата меѓусебна љубов да ја искажуваат со размена на лозинките за нивната е-пошта, Фејсбук и сл.

Момчињата и девојките понекогаш креираат дури и идентични лозинки, дозволувајќи си едни на други читање на приватната е-пошта или смс пораки. Велат дека знаат оти тоа е ризично, бидејќи кога односите во врската стануваат лоши, тајните на партнерот можат да бидат злоупотребени. Но, велат, тоа е токму она што ја прави толку моќна симболиката на споделувањето на лозинката.

Тоа е знак на доверба“, вели Тифани Каранданг, ученичка во средно училиште во Сан Франциско. Таа и нејзиното момче пред некое време ги разменија лозинките за е-пошта и Фејсбук. „Јас немам што да кријам од него, ниту тој од мене.“

„Тоа е многу слатко“, вели 16-годишната Шери Н., слушајќи го разговорот на својата пријателка Тифани со мене пред училиштето. „Тие навистина си веруваат еден на друг.“

Се разбира, не секогаш тоа завршува со добро. Да се промени лозинката е едноставно, но студентите, советниците и родителите велат дека штетата обично е веќе нанесена пред да се промени истата, и дека доколку го делите својот дигитален живот со партнерот, тоа може да доведе до проблеми во врската.

На пример, се случува оставеното момче да се обиде да ја понижи својата поранешна девојка така што на другите им ги открива нејзините тајни од нејзината е-пошта; исто така, доаѓа до тензии меѓу многумина кои си пребаруваат еден на друг по приватните пораки, барајќи знаци на неверност и прељуба; или некој да го земе мобилниот телефон од својот поранешен најдобар пријател, да го отклучи со лозинката што ја знае и да испрати заканувачки пораки некому.

Во телефонската анкета од 2011 г. Pew Internet and American Life Project открија дека 30% од тинејџерите кои редовно користат интернет размениле лозинки со пријателите, но и со момчето или девојката.

Студентите велат дека постојат и други причини за размена на влезните шифри. На пример, неколку студенти изјавија дека редовно ги разменуваат лозиките за Фејсбук – не за да се шпионираат едни со други туку да се присилат да учат за испитите. Студентот би му ја дал својата лозинка на пријателот кој ќе му ја промени и нема да му ја открие новата – на тој начин заклучувајќи го привремено својот Фејсбук профил за да не си го одвлекува вниманието од учењето.

Александра Редфорд, студентка на универзитетот во Сан Франциско, вели дека ова го правела неколку пати со пријателите за време на испитните сесии. Една од нејзините пријателки сакала да ја дознае новата лозинка пред завршувањето на испитната сесија, но Александра останала непоколеблива. „Кога помина сесијата, ѝ ја дадов новата лозинка. Нејзината реакција беше: ’Леле, фала ти многу.’ Знаеше дека бев во право што не ѝ ја кажав порано, и затоа го положи испитот.“

Извор: New York Times

ОкоБоли главаВицФото