Се бунтувам, значи постојам!

21.11.2013 10:45
Се бунтувам, значи постојам!

Или, зошто мора да го разликуваме фашизмот од комунизмот

 

Одамна имаме констатирано дека груевизмот како режим е врвна манифестација на моралниот нихилизам. Подеднакво, одамна имаме констатирано, нешто што и Никола Гелевски деновиве повторно го актуелизира, дека груевизмот е една франкенштајновска креација и комбинација помеѓу фашизмот и комунизмот.

Но, колку и да е голема сличноста помеѓу овие два идеолошки и морални нихилизми, колку и да имаат заеднички допирни точки, кои конфлуираат во груевизмот, сепак, мора да се толкуваат и одвоено, да се разликуваат, да се судат според нивната финална цел, и пред сѐ, според можноста или неможноста да бидат победени.

Затоа, повеќе од барањето сличности или заеднички карактеристики мене ме интересира кој нихилизам кај Груевизмот преовладува, за потоа да можеме и во практична и политичка смисла да извлечеме поука за негово надминување.

Ќе го искористам Ками, за да потврдам дека груевизмот е комбинација од двете идеолошки фикции, но и за да истакнам колку нивните крајни цели се суштински различни. „Фашизмот е егзалтација на џелатот од страна на самиот џелат. Комунизмот, уште подраматично, е егзалтација на џелатот од страна на неговите жртви“.

„Фашизмот никогаш не сонувал да го ослободи човекот во целина, туку само одредени луѓе, покорувајќи ги останатите. Комунизмот, во своите најдлабоки принципи, цели кон ослободување на сите, со тоа што сите ќе бидат робови, макар и во привремена форма“. Тука имаме суштинска разлика и затоа на комунизмот мора да му се признае барем доблесната, иако се работи за нереална интенција.

Ако оваа разлика не се земе предвид, при што не значи ништо ако споредуваме гулази со лагери, тогаш сме неспособни да разбереме како борбата против комунистичките режими кај источните сателити, и падот на истите, беше водена, а потоа и присвоена, токму од носителите на комунистичкиот ерес и отпор. Таков е случајот во Полска, во Унгарија, во Чехословачка. Од друга страна, ниту еден фашистички ерес или отпор, не се борел, ниту пак пател за да го реализира враќањето кон демократијата.

Постои и друг аспект, и фашизмот и комунизмот се врвен политички цинизам, но фашизмот никогаш не ги разочарува или не ги изневерува своите „вредности“. Кој ќе забега во фашизам е непријател на човештвото како апсолутен нихилист и е креатор на една дистопија која мора да се распадне во целина за да се порази.

Комунизмот, од друга страна, е способен не само да ја изневери својата револуција и кредо, туку и еднаш поразен, знае да воскресне како мутација која кокетира со либерализам, капитализам, полициска држава, недемократско општество. Малку ли се примерите од денешна путиновска Русија, од пост Маоистичка Кина, каде се конструира како нова парадигма на еден политичко-кооперативистички, олигархиско-полициски, либерално-недемократски комбинат. Истото денес, во поголема и помала мера важи и за груевизмот.

Гледате, низ децениите комунизмот покажа, според мене, поголема способност да се трансформира, помалку е тврд и тотален од фашизмот, иако знае да биде подеднакво суров. Друга работа е што јас како левичар не верувам дека постои единствен вид на комунизам, исто како што не верувам дека во апсолутна смисла, комунизмот и фашизмот можат или треба да се изедначуваат.

Најлошиот вид комунизам, иако најголем непријател на фашизмот, како и обратно, имал капацитет и да даде огромен придонес во победата над фашизмот, и потоа, да преземе многу од истиот. Но, никогаш суштински да не стане фашизам.

Затоа, ако макар и теоретски прифатиме дека груевизмот има неверојатен капацитет да се трансформира, баш затоа што можеме да му дадеме карактеристика дека е микс од повеќе нихилизми и политички цинизми, тогаш, според мене, можеме да констатираме дека е поблизок до комунизмот, отколку до фашизмот.

И тука има една позитивна нота која веќе ја навестив. Фашизмот не се поразува од внатре, тој е таков вид лудило, толку тоталитарно и всадено во секоја индивидуа, што физички го елиминира секој вид несогласување, не дозволувајќи ниту можност тоа да прерасне во отпор. Истото важи и за сталинизмот, но не и за периодите по Хрушчов, особено не кај сателитите, и покрај една насилна доктрина како онаа на Брежњев.

Комунизмот од друга страна се јаде самиот, и дозволува да биде јаден. Биле потребни децении и разни други конјуктури да се надминат, за тоа да го сфатиме, но, дефинитивно, комунизмот како внатрешен и изолиран систем, е надминлив и без да чекаме самиот да пропадне.

Како, ќе праша некој?! Па, преку бунт! Секогаш се сведува на тоа. Не го сфаќајте тоа како нешто брзо, туку како долг и мачен процес на спротивставување, на ширење ерес. А тоа се постигнува со форсирање на една морална и политичка принципиелност, непопустливост и тврдоглавост. Нормално, зад секоја непопустливост и принципиелност на еден демократ, паралелно следи и апсолутната несигурност во сопствената успешност и правичност, и како таа ќе биде прифатена. Но, како што вели пред сѐ филозофот Ками: „Можно ли е да се формира политичка партија на оние кои не се сигурни дека се во право? Јас би формирал таква партија!“ Во сомнежот лежи потеклото на секоја големина. Е, ама еднаш кога ја имате убеденоста на катастрофата која ја живеете, која не е само ваша лична, не ви треба мерливост во вашата идна борба. Кога Отпорот би можел да има своја филозофија, тогаш тоа би била филозофија на ограниченоста, на пресметаното незнаење и на ризикот.

Самиот Ками, како филозоф на бунтот и на апсурдното го дава толкувањето: зошто бунт?! И притоа, не затоа што е против нешто! „Кога би постоело нешто што треба да се конзервира во нашето општество, тогаш не имало ништо нечесно и јас да бидам конзервативец. Но, за жал не е така.“ Тогаш може да поставиме прашање: е па зошто бунт, зошто промена ако ништо не е вечно и перманентно?! Одговорот е: заради индигнацијата кон нашето материјално и духовно осиромашување и заради неслободата која олигархијата или елитата ни ја наметнува. Затоа што чувствуваме немир кој излегува од нашето лично, кој објективно создава заедница каде и ние сите и нашиот џелат, знаеме дека некој е потчинет, а некој потчинува. Е токму поради хипокризијата, поради материјалниот и идеолошкиот терор што ја спроведува олигархијата, таа заслужува да биде срушена и да доживее отпор.

Тоа не значи дека ќе следува нешто подобро, дека некој потоа повторно нема да ја изневери новата идеолошка конструкција која ќе ја создаде, но и тој обид за правичност, слобода, еднаквост е подобар отколку само да го слушаме режимот како се теши дека секоја ескалација, секое несогласување само ја зголемува кризата, и така во маѓепсаниот круг на виктимизација, дека виновникот всушност е жртвата. Затоа мора да се надмине наметнатото ропство, но и самонаметнатата потчинетост. Нема никаква доблест во почитувањето на системот кој нѐ гази.

Ете, ние сме денес дисидентите на груевизмот, на неговата монструозна идеолошка конструкција, на неговиот изневерен комунизам, како што впрочем и секој сталинистички комунизам е големо изневерување. Денешните македонски дисиденти се утрешните Адам Михник и Вацлав Хавел, кои се бореле против контрадикциите и хипокризиите на недемократските режими и победиле. Треба да се одлучиме против што сме и за што сме, да се отфрли секоја акомодација со режимот и утехата/лагата дека треба да се биде позитивен и во оваа ситуација, за да може да се издржи. Ништо не мора да се издржува.

Доволно е да се сфати една мисла, дека ништо не се прави заради самите себе, туку заради сите нас, дека бунтот може да тргне од секоја личност и секој може да даде свој придонес.

Или како што би рекол Ками: Се бунтувам, значи постоиме!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото