Ова не е време за улица!

16.10.2013 09:15
Ова не е време за улица!

Сакам во старт да бидам кристално јасен. Отпорот и уличната демократија се единствениот рецепт, единствениот начин да се симне од власт недемократскиот и тоталитарен режим на ДПМНЕ. Преку наместени избори, во еден нефер и недемократски изборен процес, со списоци и гласачи од Пустец, со партиска изборна машинерија и потчинети медиуми, со државни пари и репресивен апарат, со страв и поткуп и сите останати малверзации, овој режим може да владее уште сто години. Затоа, отпорот и улицата неминовно му следуваат на режимот, прашање е само на време кога тоа ќе се случи.

Но, сега сѐ уште не е дојдено тоа време. Преголема е апатијата кај народот, пресилен е стравот и контролата, премногу свежи се раните и разочарувањето од неуспехот на Отпорот. Но, иако не навлегувам во посочување кој е одговорен за тој неуспех, затоа што премногу актери имаат своја одговорност, вклучувајќи ги и самите граѓани, погрешна е којa било констатација дека Отпорот е мртов. Не успеал во даден момент и во дадени услови, но идејата за улична демократија, стремежот за Отпор, потребата од пркос, не можат никогаш да умрат или да бидат надминати. Затоа ми е смешен и кусоглед ставот на Клековски, кој побрза да го прогласи Отпорот за поразен.

Јас го разбирам аналитичарот близок до власта, неговото балансирање и релативизам сега им требаат, исто како што им требаат написите на „Дневник“ дека опозицијата тргнала во петто востание против правната држава, или пак советникот на Иванов, Мирчев, да ни теоретизира како уличните протести биле штетни за државата и за економијата. Сѐ е тоа дел од игранката на ДПМНЕ, да се вадат на деструктивноста на опозицијата, да дефокусираат, да глумат правна држава додека го тераат режимскиот суд да пишува партиски соопштенија, или да предупредуваат од државни удари кога државата ја држат под полициска чизма.

Но, почнувајќи од Клеко, па сите останати, ДПМНЕ има и друго сценарио. Еве, овие денови кога треба да излезе европскиот извештај, кој искрено не заслужува внимание, но ќе има и одредени критики за власта, ДПМНЕ сака целосно да ја поклопи и таа приказна. Втора работа е што апсењето на Шиповиќ, поточно, фазното апсење, за потоа да го донесат со специјалци, хеклери и врзан со лисици од Виена, не служи само за да се нападне општина Центар и Жерновски. Им служи затоа што се надеваат дека опозицијата ќе ја стават до ѕид, да мора да реагира, да мора да се повика на Отпорот и улицата, а ДПМНЕ да испадне државничката партија и заштитник на правниот поредок.

Конечно, сакаат да направат аналогија со Отпорот затоа што со таа игранка се потсетуваме на сеништето, па потоа несупехот на улицата треба да разбуди одредени лузерски комплекси, па некои внатрепартиски неслоги, и конечно, да те натера да излезеш на улица кога не постојат услови за такво дејствување. А, во сето тоа, да не зборуваме за вистинските проблеми, за владините неуспеси, повторно да заглавиме во нивните агенди и спинови.

Но, да се вратам на тоа зошто сметам дека улицата и отпорот ќе бидат крајот на овој режим и зошто сега времето сѐ уште не е созреано за нивниот конечен пад. Навикнати сме да се повикуваме или да слушаме за улична демократија без некогаш да разбереме дека тоа е финалниот момент од падот на еден режим. Притоа, треба подеднакво да сме свесни дека можеби мотивот за тој конечен и финален изблик на протест и Отпор, ќе се случи повеќе како резултат на наталожен револт и задоцнета свест, отколку што ќе биде политички диригиран процес. Ни ова последното не е за исклучување, јас секогаш сум убеден дека народот ништо не прави сам за свое добро, и искрено презирам жакерии.

Но, тоа што нам суштински ни недостасува, не е крајниот изблик и пркос, туку константниот, тивкиот, здраворазумскиот општествен пркос и отпор. Ни фали да работиме и да се бориме за самите нас, за нашата заедничка загуба, за нашите погазени права и слободи. Ни фали агората, многу пред да ни фали улицата како место за протест. Ни фали луѓето да пркосат и да се спротивставуваат на дневна основа, секојдневно спремни да критикуваат и без страв дека ќе се чуе нивниот глас. Ни треба да се освестат голем број од припадниците на режимската клиентела кои живеат во палатите и институциите на моќта и да почнат тивко да го јадат режимот. Ни, треба нешто народно, еден граѓански дух кој нема да чека само на партиите или на политичарите.

Пред да доживееме катарза, ние мора да ја обединиме, сплотиме и да ја објективизираме нашата критика, нашата заедничка состојба. Денес, тоа отворено го прават мал број луѓе, пред сѐ интелектуалци, новинари, луѓе од невладиниот сектор и сѐ погласните коментатори на социјалните мрежи. И толку, тоа е премал број луѓе. Недостасува вистинска критичка маса, недостасува бизнисот, се согласувам, во голем дел недостасува една алтернативна политичка идеја и платформа. Но, луѓе, по седум години, кога ќе сфатиме дека нема поголема идеја од слободата, дека не постои поважна борба од излезот од оваа економска мизерија. Овој режим не се бутка со паралелен популизам, со нереални ветувања и баснословни програми или со харизматичен лидершип.

Јас се согласувам дека секогаш е потребна една идеолошка и организациска структурација која би го понела товарот, но знам дека луѓето се свесни, дека им е јасна катастрофалноста на состојбите и затоа верувам и очекувам дека ќе дојде денот кога ќе експлодира една спонтаност која ќе ги изнесе на површина најдлабоките пулсации на колективната психа на македонскиот народ. Тоа ќе биде вистинска ослободувачка ерупција. Тогаш власта ќе види што е колективен идентитет и колку е тој супериорен над лажниот режимски идентитет од кој профитираат само индивидуалци. Тогаш, секој што ќе излезе на улица ќе биде субјект на колективот или, со други зборови, вистински политички субјект. Но, ако останеме вакви какви што сме, апатични и себични, итри и префригани, полтрони или отпораши на батерии, ние сме ништо, никогаш нема ништо да смениме.

Затоа, ви велам, во овој момент ние како општество сме сѐ уште во преголема заблуда и страв, во еден вид на грч. Фрагментирани сме, скарани, атомизирани сме, идеологијата освен онаа режимската веќе не привлекува никого, нашата културна и социјална состојба е вратена со децении наназад. Ни треба време и памет, да разбереме дека улицата во суштина е огледало на нашето општество, но дека нашиот одраз сѐ уште е замаглен и нејасен. Улицата по многу нешта е симбол на слободата, на отвореноста, и не случајно овој режим го стеснува и секој физички простор, сака и материјално и духовно да нѐ ограничи. Забораваат дека кога институциите се заробени и затворени, кога јавниот простор е уништен и одземен, кога слободата ја нема никаде во реалниот живот, дека тогаш, реалниот живот излегува на улица и си ја зема државата, граѓанството и слободата назад.

Овој режим нема да падне само заради слобода, само заради маките на народот. Ќе падне кога и многумина од соработниците на режимот ќе се охрабрат и ќе сфатат дека нивните интереси можат и без него, дека конечно и нивен интерес е да го нема повеќе. Но, никој не ги мрда моќните, ако ние слабите останеме безгласни букви, никој нема да се промени, ако голем дел од граѓаните не покажат заедничка интенција, ако не изразат желба за промена. Тоа, може да го направи секој од нас, не само на зборови, на ситни и тивки дела, еден вид на сив штрајк против режимот, а кој може и со похрабри и видливи спротивставувања и барања на алтернатива.

Улицата како предуслов го бара сево ова, ништо не се раѓа на улица, ако претходно нема живот во нашето секојдневие, во нашето постоење и дејствување. Отпорот го носите вие на улица, не ви го дава улицата на вас.

Слика: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото