Ова ќе бидат највалканите избори до сега

30.01.2014 12:54
Ова ќе бидат највалканите избори до сега

Не треба српскиот вицепремиер Алексндар Вучиќ да ни кажува дека ќе има предвремени парламентарни избори. Од авион се гледа тоа. Зарем навистина мислите дека Никола Груевски решава проблеми што не ветил дека ќе ги реши, сече ленти и отвора чешми само заради „уметнички впечаток“? Зарем мислите дека случајно се води оваа хајка против опозициските лидери и против новинарите што ја критикуваат власта? Идејата е сите да нѐ дискредитираат во очите на избирачите, а најмногу оние од чиј глас најмногу и се плашат.

Од авион се гледа и тоа какви ќе бидат изборите. Зарем некој сѐ уште се сомнева дека ова ќе бидат највалканите избори во македонската историја? Зарем не ги слушате сѐ позачестените гласини дека партиските војници на владејачката партија веќе добиваат задачи да вршат притисоци врз неопределените избирачи и да прават списоци на сигурни гласачи? Зарем не гледате дека нивните изборни штабови работат со полна пареа?

Тоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа некаква согласност за правилата на игра, верувајте, на Груевски не му значи ништо. Таквите договори, како што еднаш веќе кажаа, за нив имаат вредност на употребена тоалетна хартија. Груевски има илјадници начини како отворено и прикриено да го корумпира изборниот процес и ќе ги употреби - сите до еден! Без грижа на совеста. Без скрупули. И за жал, без сериозен отпор од која било страна.

Не сакам никого да обесхрабрам (тоа задовоство им го препуштам на непрокопсаниците што упорно сакаат да произведат делби во СДСМ), но настојувам да предупредам дека нѐ чека тешка и исцрпувачка битка. Ќе биде тоа битка во која се види од каков материјал е „искован“ секој од нас.

Извор: Слободен печат, 30.01.2014
слика: Свирачиња