Туѓинци во родната земја

26.02.2014 13:45
Туѓинци во родната земја

Сите Македонци кои ја имаа ретката историска среќа да бидат родени во слобода и да проживеале доволно долго нурнати во слободарската ава – таа незаборавна опојка со мирис на утро во елова шума – доволно долго, велам, за да помислат дека слободата е природна состојба, сите тие денес чувствуваат болка во градите со секое вдишување на отровната атмосфера на закана и страв, произведена од режимом на ДПМНЕ. Ова големо мнозинство Македонци – колку и да се различни меѓу себе – ги обединува чувството на тегобност и конфузија, кои најмногу потекнуваат од немоќта да се разбере и сопре пропаѓањето на Македонија во државен криминал и малоумие. Тоа општо физиолошко незадоволство најчесто се претвора во самосожалување кое од луѓето создава жртви кои – барајќи го судбинскиот виновник за сопствената несреќа – сè почесто сметаат дека се предадени од сопствената татковина. Ова есхатолошко огадување на Македонија под власта на ДПМНЕ стана основно емоционално гориво за масовниот егзодус на младите од земјата, како и за аполитичната летаргија на оние кои немаат можност или волја да ја напуштат земјата. Масовното чувство на измаменост е, меѓутоа, јасен психолошки симптом на историска несозреаност, зашто укажува на разгаленост од уживањето на слободата за која не се избориле, туку ја добиле со раѓање, здраво за готово. Од друга страна, чувството на мнозинството Македонци дека се предадени од сопствената татковина и дека среќата мораат да ја бараат некаде во туѓина, не е само одраз на нивната внатрешна слабост, туку е сосем природна и логична реакција на објективното предавство на народните интереси и укинувањето на правата и слободите, што државата последниве години безмилосно го врши врз сопствените граѓани.

Да, македонската држава е таа која за време на власта на Груевски навистина се однесува како веќе да не е татковина на сите свои граѓани, како на едните да им е мајка а на другите маќеа, бркајќи ги од татковината. Како е можно државата со оваа дискриминација самата да го крши сопствениот Устав? Тоа е можно бидејќи државата е окупирана и приватизирана од една криминална партија, организирана како патријархално устроена банда. Ова е изведено на тој начин што ДПМНЕ го замени уставното устројство на државата со еден во суштина реликтен – но вечно жив – патријархално-семеен модел на организација, во кој на врвот на хиерархијата е таткото, апсолутниот водач, а веднаш до него се семејството, мајката, вујкото, браќата, опкружени со роднините и, на крај, со пријателите на семејството. Бидејќи ваквата примитивна патријархална власт е устроена врз сурово хиерархизиран пирамидален модел на владеење, таа лесно го надвладува комплексниот еквилибриум на демократските институции на државата, поништувајќи го во целост системот на правната држава и владеењето на правото. Така, не нарушувајќи ја формалната уставна структура на институциите на државата, ДПМНЕ се вселува во нив и воспоставува цврста и неформална структура на патријархално устроено семејство-партија, банда или мафија.

Наместо динамичната нестабилност на демократијата, и самокорективната спротивставеност на независните демократски институции, семејно-мафијашката устроеност на институциите на режимот ги врзува железна лојалност, којашто е „заварена“ во исполнувањето на основната и единствената цел на власта, а тоа е благосостојбата на членовите на семејството. Поради тоа, власта на Груевски – како и секоја патријархално-семејно-партиска власт - е по дефиниција клептократија. Лукративноста е суштинскиот мотив на сите активности на семејството, но популистичкото средство за одржување на ваквиот државно-семеен организам е фашистичката митологија за измисленото јуначко време на племето од далечното минато. Оваа херојска митологија контроверзно се комбинира со плачливата жртвена митологија во која истото јуначко племе со векови „е било репресирано“, и на тој начин му го обезбедува на семејството „природното право да си го врати своето“, како морално оправдување за клептократијата што денес ја спроведува.

Така откраднатата македонска држава се оттуѓи од своите граѓани и така Македонија стана открадната сопственост, која на крадците им служи како лукративен семеен бизнис, а на сите „други“ им се претвора во проколнат дом којшто го напушта секој кој може. Но, излезот од овој политичко-мафијашки грабеж на македонската демократија е исто толку едноставен како што беше и ѓаволскиот план за нејзиното отуѓување. Потребно е само да си ја вратиме назад откраднатата држава и крадците да ги изведеме пред мечот на правдата. Како? Со употреба на сите средства кои слободата ги заслужува. Овој едноставен план за спас на Македонија е можен единствено ако сфатиме дека слободата не е вечна придобивка од некоја митска битка во минатото, ниту е планински воздух кој го дишеме според природното право на живот, туку е неприкосновено право кое го уживаат само оние кои се секогаш подготвени да се борат за него, и тоа само толку колку што се подготвени да жртвуваат во таа борба. Се разбира, доколку не сме подготвени за борба, туку само за „отпор“ со граѓанска послушност, ни останува да ѝ плаќаме рекет на семејната држава на Груевски и да се пребројуваме колкумина ќе заминат во туѓина, а колкумина ќе останат туѓинци во родната земја.

Слики: Свирачиња / Гоја

Извор: Слободен печат