Тоталитарно законодавство и „глобализација“ на македонското општество

19.03.2014 14:34
Тоталитарно законодавство и „глобализација“ на македонското општество

Едно од темелните начела на функционирањето на тоталитарната држава е воспоставување на принципот на надмоќта на силата над правото, односно неприкосновеното првенство на политиката пред моралот. Тоталитарната држава така ги монополизира сите права, кои потоа стануваат должности и обврски на граѓаните, а таа се претвора во потполна негација на секое природно човеково право и на секоја етика. А како што стана очигледно од навредливо грдите споменици и згради од „проектот“ Скопје 2014, македонската држава веќе стана негација и на секоја естетика.

Но, додека деификацијата на тоталитарната партиска држава со споменици и градби цели да ја зафати супраструктурата на колективната идентификациска иконографија, вистинските темели и конструктивни елементи на тоталитаристичката градба се градат со невидливата правна инфраструктура на илјадниците закони и други нормативни акти. Инфраструктурата на тоталитарната држава на ДПМНЕ е изградена со повеќегодишна хиперпродукција на безброј нестручно напишани, често криминални и неуставни нормативни акти, при што темпото на оваа законодавна дијареја и нејзината безумна содржина создаваат темен облак на сеприсутна државна закана, под кој македонските граѓани се чувствуваат несигурно и беспомошно.

Ова пренатрупување на правила и норми се случува токму спротивно од најгласното ветување на Груевски (од 2006 и 2007) дека ќе ја спроведе таканаречената „регулаторна гилотина“, еден вид рационализација и намалување на обемот на нормативната материја, со цел да се поедностават бирократските процедури. И додека јавно ни ги дупеа ушните тапанчиња со лагите за „гилотината“, ДПМНЕ – практично во тишина – произведе илјадници немушти, хаотични, контрадикторни и неуставни правни норми. Огромниот број набрзина донесени закони и прописи со своето количество, но и со незамисливата динамика на нивното секојдневно менување, создадоа правен хаос во кој никој не се чувствува сигурно, каде што за толкување и примена на секоја норма се чека одобрение „од горе“, од кабинетот на Груевски или од измеќарите што ги одржуваат неговите одаи. Ќе ви илустрирам состојбата со Законот за градење, кој на моја голема жалост и несреќа, премногу добро го познавам.

Елем, кога дојде на власт ДПМНЕ затекна нов закон за градење, донесен една година порано, изработен со долготрајно учество на мултидисциплинарна инженериска професионална заедница; беше претставен на 42 страници со 147 члена. Законот уште во 2008 година претрпе коренити измени и дополнувања во обем од неверојатни 31 страница и 75 члена, но веќе следната година беше донесен нов закон, во значително зголемен обем од 55 страници и 173 члена. Но, тоа е само „загревање“ за вистинската законодавна дијареја што следи: од 2009 до 2013 година Законот за градење претрпува апсолутно недостижни 12 измени и дополнувања, на вкупно 77 страници и 310 члена, за на крајот законот да содржи 252 члена и вкупно 160 страници текст. Оваа безумна пролиферација на правни норми, предизвика првин паника во органите што треба да ги спроведуваат законите, за подоцна оваа вознемиреност да се претвори во тапа и бесчувствителна послушност и помиреност со судбината.

Крајниот ефект на натрупувањето норми и нивно перманентно менување е што на тој начин се создава вистинска нормативна инфлација, еден вид беззаконие во хаосот од контрадикторни и менливи правни норми, во кое политичката врхушка се појавува како неизбежен арбитар кој владее над правото. Еден од најинтересните (и најмалигните) аспекти на оваа тоталитаристичка опсесија со хиперпродукција на правни норми, е што во вака создадената нормативна конфузија власта на ДПМНЕ обезбедува и огромно зголемување на бројот на прекршоци, како и убиствено зголемување на износите на пропишаните глоби. Со измислувањето стотици и илјади нови прекршоци и со безмилосното зголемување на глобите, власта практично изведе потполна „глобализација“ на целото македонско општество. Законот за градење е убав пример и за оваа тоталитарна „глобализација“, зашто од само 9 прекршочни члена во законот за градење од 2005 година, кои за 44 прекршоци пропишуваа максимални глоби во вкупен износ од 90 до 400 евра, денешниот Закон за градење има 29 прекршочни члена, кои уредуваат неверојатни 102 вида прекршоци и утврдуваат застрашувачка максимална глоба од вкупно 780.000 евра!

Суштината на оваа криминална „глобализација“ на општеството е обезбедување услови во кои од секој граѓанин може да се наплати глоба за несторен, несвесно сторен или неизбежно сторен прекршок. Огромниот број пропишани прекршоци и нивната нереално висока глоба им овозможува на инспекциско-судските јуришни трупи на ДПМНЕ да наплатуваат партиско-државен рекет, наплатувајќи глоба по случаен одбир, практично од сите правни и физички лица во земјава. Глобите станаа инструмент и за одржување на општата атмосфера на покорност, и тоа со нивно нагласено селективно применување за егземпларно економско уништување на избрани личности и фирми што ќе служат за втерување страв кај мнозинството граѓани.

Во земјата под власта на Груевски сите граѓани треба да се чувствуваат виновни за нешто, та затоа за секој ден без глоба или апсење треба да ѝ се благодарни на власта. Но, мора да се знае дека тие што му фабрикуваат вина на народот, веќе се виновни. Ќе им биде судено подоцна.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат