Утрински телевизиски созерцанија 2

24.03.2010 10:45
a96878_13.jpg

 Кандидатски статус за ЕУ, членство во НАТО -
едноставно разберете ги како: „понуџен ко почашчен“

Станувам, се довлечкувам до фрижидерот, отворам и што ќе видам: АНТИКВИЗАЦИЈА! Скапано сирење од неолитски период, мувлосани кашкавали од јустинијаново време, јајца од п.н.е., ајварот почнал да развива симбиотички цивилизации, зејтинот започнал да ја менува агрегатната состојба, и ај сега биди мајчин па посегни по нешто?

Грабам некоја сомнителна скиселена вода, пуштам вести, и се распостелувам пред телевизорот, да видам што има да ми каже светот.

Прва вест: познатиот археолог и експерт Паско Кузман во Високо. На покана на Владата на БиХ г. Кузман работи на ископувања на овој археолошки локалитет. Босанските претставници информираат дека со Паско Кузман постигнале договор сите ископувачки напори да се фокусираат на барањето на древниот и легендарен пергаментен запис на кој се наоѓа првиот виц со Мујо и Хасо. Според нив, овој легендарен текст се претпоставува дека датира уште од периодот на владеење на Амон Ба. Паско е оптимист дека овој запис ќе биде пронајден, а босанските претставници се убедени дека неговото пронаоѓање ќе биде печат на тоа дека Босна е најстара цивилизација во регионот.

Менувам канал: пред парламентот протест. Овој пат здруженито на циркуските работници во револт и очај протестираат барајќи од пратениците да престанат да им го јадат лебот. Портпаролот на здружението обвинува дека откако овој состав на парламентот стапил на функција, заработувачката на вработените во циркускиот сектор паднала за неверојатни 90%! Според нив, со сите свои претстави кои одат директно, а потоа репризно се емитуваат на собранискиот канал, тие се соочиле со нелојална конкуренција, која практично им го изела лебот кој им го носат на своите деца. „Вратете го Љупчо Јордановски за спикер!“ е едно од нивните главни барања. Претставници на собранието и на јавниот сервис закажаа средба со протестантите, од сите вери, нудејќи компромисно решение засега да се тргнат од програмата снимките од собраниските комисии, со што конкуренцијата врз циркуските работници малку ќе се ублажела.

Вртам друг канал, оп прес на владејачката партија. Велам, ај да послушаме што ќе кажат уважените од естаблишментот, ќе ја биде ли државава или не. Портпаролот (овој пат некое ново момче, Бичиклиски наводно сменет заради србофонското презиме) ја известува домашната, а и пошироката јавност (т.е. нас) дека партијата донела едногласна одлука по барање на лидерот да го смени своето име во ВМРО-СДСМНЕ, односно со оваа нова кратенка партијата порачува дека таа ќе прави се’ обратно и контра од својот прв политички противник. Ова СДСМНЕ ќе било симбол за нивното историско НЕ на сите про-комуњарски политики во државава. Аферим. Кон крајот на пресот, портпаролот му упати серија на прашања и за нив побара одговори од лидерот на опозицијата. Според новинарите се работи за прашања кои му се паднале на колоквиум на еден од нивните пратеници.

Дај друг канал: портпаролот на опозицијата со обвинување дека Владата го наместила тендерот за аеродромот во Скопје и практично без борба го дала на турска компанија која планира да го возобнови турското ропство на овие простори. Според нив, откако е освоен скопскиот аеродром, чекор по чекор преку овој воздушен мост, Турците ќе преминат на префрлање на борбена авијација и потоа ќе преминат на целосна окупација на земјата, а и пошироко. Опозицијата ја повикува Владата да престане со овој процес на т.н. „османлизација“ на државата. Опозицијата на крајот од пресот упати уште едно барање до властите, а тоа е на возилата на државните министерски и други делегации со кои ќе се возат нашите функционери да се постават налепници „Baby fährt mit“ со кои би се зголемила безбедноста на нашите функционери во сообраќајот. Забегаа и овие, велам, и вртам канал.

Расправа на собраниска комисија за менијата во градинките во земјава: претставниците на албанските партии обвинуваат дека во таен договор со српското бизнис лоби низ градинките се дистрибуираат производи од палетата на лесковачката скара. Бараат веднаш да се престане со оваа пракса, и интервентно да се зголемат количествата сутлијаш кои ќе се дистрибуираат во градинките. Ова прашање ќе биде разгледано на наредната седница под услов да се обезбеди кворум. За таа цел претседателот вети бесплатни ќебапи од Дестан, со цел да се обезбедат услови за нормална работа на оваа комисија.

Следно: Здружението на новинарите со висок притисок со допис до Фуере дека постојано работат под притисок. Во него тие ја обвинуваат и власта и опозицијата дека заради нив постојано им се качува притисокот и секојдневно се соочени со притисоци во својата работа. Тие бараат од ЕУ да се инволвира во овој проблем.

Станувам од пред телевизорот, гледам дека сум станал во некакво невреме и за инает на енџиото „Разбуди се!“ ќе му ја легнам повторно.

ОкоБоли главаВицФото