Прво географија, после историја

01.10.2015 14:23
Прво географија, после историја

Евреите не се историски народ
Па дури ни археолошки народ, Евреите
Се геолошки народ со провалии
И урушувања на тлото и стратуми и вжарена лава.
Нивните летописи мораат да се мерат
Според поинакви мерила.
Јехуда Амихај, „Евреите“

Што е заедничко меѓу уништувањето на градот Скопје и големите бегалски преселби од Блискиот исток кон Европа? За двата феномена заедничко е што во нивната суштина стои прашањето на просторот, т.е. на географијата. Заслепени од приказните за историјата и збрлавени од временските координати меѓу кои протрчуваме низ животот, заборавивме на „темелите“, на почвата врз која газиме: просторот. А тогаш кога забораваме на просторот светот од чудо се преобразува во чудовиште. Можно е дури „главнината на денешното фронтално пореметување“ да доаѓа не од историјата туку од географијата!

Илјадниците бегалци што секојдневно поминуваат низ Македонија, на пример, ни покажуваат, меѓу другото, колку е загрижувачко нашето непознавање на географијата. Сирија, Ирак и Авганистан ни се многу поблиску отколку што мислевме, не само географски, туку и во културно-историска смисла. Да имавме разумни управувачи, веќе од годинава ќе се менуваа образовните програми; ќе моравме многу повеќе да учиме за нам блиските луѓе од Блискиот исток и Африка. И ќе моравме да ги примаме и да живееме заедно со нив ‒ да бевме поумни и да беа поумни нашите водачи. (Вака, се разбира, ни останува само да бегаме од темниов вилает камуфлирани во Сиријци и Ирачани, за да не нè препознаат Ариевците, Германците и другите супериорни европски раси. Доаѓајќи „преку седум гори и седум мориња“ едвај дотркаланите бегалци во првата секунда по преминот на границата сфатија дека туѓото знаме-сонце до коешто доклинкале е забиено во мртов извор и дека водата на животот овде е заледена.)

Но, поентата ми е во нешто друго: времето исто така е и простор, т.е. испреплетено е со просторот. Историјата и географијата се некаков континуум. А приказната за просторот, на рамништето на историјата и географијата, суштински е приказна за моќта и контролата. Не случајно од нашиот интелектуален и емотивен круг е исфрлено прашањето на географијата и на спацијализацијата („опросторувањето“). Мишел Фуко, еден од највлијателните мислители на 20 век, во доцната фаза на своето творештво поинтензивно почнал да се занимава со ова прашање: „Дали тоа почна со Бергсон или уште порано? Просторот е третиран како нешто мртво, фиксирано, недијалектичко, неподвижно. Наспроти него, времето е изобилство, плодност, живот, дијалектика“ (Фуко,1980).

Понекогаш ми се чини дека световите на „човекот на географијата“ и „човекот на историјата“ се оддалечени еден од друг како планетата на човек што брои ѕвезди од планетата на човек што пали фенер. Понекогаш ми се чини дека исто онака како што не умееме да ги препознаеме источните браќа по неволја, не знаеме да го препознаеме дури ни крадењето на просторот на сопствениот град! Скопје го украдоа (и сеуште го крадат) криминалците на груевизмот ‒ а ние граѓаните речиси не ни писнавме! И не само што чудовиштата (сосема налик на нас) си го присвоија градот, неговите јавни површини, неговите јавни содржини, туку притоа ни ги сменија идентитетот и културата! И пак, речиси без шепот! Уништувањето на Скопје не е чудо, иако чудовиштата на груевизмот градот го масакрираат по урнекот на магионичарска претстава; сите мислиме дека со сабји исечканата девојка во ковчегот ќе излезе жива и дека крвта што капе е само сценографски кечап. Ама не ќе е да е така. Желбата за чудо овде се претвори во чудовиште.

Во едно интервју од 1967 година Фуко вели: „На сите оние кои ја мешаат историјата со старите шеми на еволуцијата, континуитетот на животот, органскиот развој, напредокот на свеста или проектот на егзистенцијата, користењето на просторните термини им изгледа како некаква анти-историја. Кога некој почнува да зборува во термините на просторот, тој им изгледа како непријател на времето; глупаците за него велат дека ’ја порекнува историјата’ и дека е ’технократ’. Тие не разбираат дека утврдувањето на облиците на имплементирање, делимитирањето и демаркирањето на предметите, начините на табулација, организирањето на домените, значи рељефно оцртување на процесите ‒ не треба ни да се каже, историските процеси ‒ на моќта. Просторната дескрипција на дискурзивните реалности отвора пат за анализа на поврзаните ефекти на моќта.“

Зошто груевистите му се з’гнати на Скопје и зошто капиталистите ѝ се з’гнати на географијата? Проста е причината. Кога Вил Сатон, еден од најпознатите пљачкаши на банки, бил фатен и изведен пред суд, добил прашање од судијата: „Зошто пљачкаш банки?“ „Зашто таму се парите“, рекол Сатон.

Мишел Фуко, пак, зборувајќи за простирањето на општествениот живот и за „надворешниот простор“, вели: „Просторот во кој живееме, во кој излегуваме од себе, токму оној во кој се случува ерозијата на нашите животи, нашето време, нашата историја, тој простор кој нè крши и троши и самиот е разнороден. Поинаку речено, ние не живееме во некаков вид на вакуум во кој можат да се наоѓаат личности и ствари, туку во некаков збир од односи кои ги одредуваат позициите коишто не можат да се изедначат или хиерархизираат.“

И самиот живеам во Скопје, во населбата Карпош 1, на улицата Иван Аговски, карши школото Карпош и карши бараките на амбулантата. Целата населба е речиси уништена од неконтролираното градење, а нови инфраструктурни проблеми се појавуваат секојдневно: во сообраќајот, уништените тротоари, канализациската и електричната мрежа, во собирањето ѓубре, бучавата итн. Најновата девастација на тој ионака прекумерно уништен градски простор е поставувањето зграда врз речиси единствената преостаната јавна површина во квартот: плоштатчето до самопослугата на СП. Тој што дал дозвола тука, врз јавна површина, да се постави зграда ‒ треба да оди во затвор! А такви случаи само во Карпош има десетици. (На пример, речиси секојдневно со точак одам накај Тафталиџе. На ќошот спроти гимназијата Георги Димитров, кајшто се сечат Париска и Варшавска, исто така во моментов се гради зграда на местото на уништен парк, кој се наоѓаше до амбулантата во Тафталиџе и претставуваше скапоцен јавен простор за граѓаните. И Тафталиџе, како и целиот град, е нападнато од урбаната мафија и од криминогениот градоначалник Стевчо Јакимовски.)

Фуко вели: „Како што е добро познато, големиот и опсесивен страв на 19 век беше историјата и нејзините теми на развој и стагнации, кризи и циклуси, акумулации на минатото, вишокот мртви и опасноста од заладување која му се заканува на светот. (...) Од друга страна, се чини дека е нашето доба ‒ доба на просторот. Живееме во век на едновременото, напоредното, блиското и далечното, соседското и расштрканото. Во период во кој, по мое мислење, светот се става на искушение, не толку како еден голем живот предодреден да се развива низ времето туку како мрежа која ги поврзува точките и создава сопствен неред. Би можело да се рече дека одредени идеолошки судири кои лежат во основата на контроверзите на нашето доба настануваат помеѓу побожните потомци на времето и тврдокорните жители на просторот.

Со други зборови: просторот е суштински важен за секој облик на општествен живот и за секое манифестирање на моќта. Во текстот „Окото на моќта“ објавен како предговор за книгата Le Panoptique (1977) на Џереми Бентам, уште еднаш Фуко го изнесува својот екуменски проект: „Останува да се напише целата историја на просторите ‒ која во исто време ќе биде и историја на моќите (двата термина се во множина) ‒ од големите стратегии на геополитиките до ситните тактики на живеалиштата.“

Работата е, значи, да им се спротиставиме (па и преку пишување и читање) на гнасовите кои ни ги крадат просторот, градовите, историјата, културата и државите! Ликовите налик на Коце Часовничарот и Стевчо Муња треба да се во затвор, заедно со помагачите и од повисоките нивоа (на партиите и владата) и од пониските (општинските советници и другите криминалци по институциите на урбаната мафија).

Но, за да се спротиставиме мораме да имаме волја и снага, ама и знаење. Затоа и ги пишувам овие хибридни текстови: ем географија ем историја; ем култура ем политика; ем отпор спрема криминалците ем визии за нешто подобро. (Езра Паунд има речено дека четвртата димензија е „мирнотијата и моќта над дивите ѕверови“.)

И покрај поразите што ги претрпевме, и покрај уништувањето на градот и приватизирањето на јавните простори, борбата сепак ја покренавме. Во Карпош луѓето се борат за својата населба. Се борат и во Центар и речиси секаде низ Скопје. Сигурно дека тој отпор засега не е доволен, но тој е почеток во остварувањето на нашето право на град.

Таткото на современата борба за правото на град не е Фуко туку Анри Лефевр, уште еден славен Французин од славните револуционерни шеесетти години. Лефевр во книгата „Произведување простор“ пишувал дека во текот на шеесеттите години на 20 век владеело уверување дека предмет на науката е просторот, а не времето. Просторот бил разбиран како „невин“, неутрален, како нешто без политички својства, нешто што спаѓа во областа на математиката и технологијата. Лефевр зборува за двата дотогашни концепта за простор: апстрактен простор како геометриска категорија која подразбира математички апарат; и ментален простор создаден во рамките на уметноста, книжевноста итн. Настојувајќи да го открие теориското единство помеѓу двата концепта Лефевр поставил унитарна теорија со тезата за (општествениот) простор како (општествен) производ. Воведувајќи ја синтагмата „произведување простор“ Лефевр укажал дека одредени општествени групи го присвојуваат просторот за со него да управуваат и да го искористуваат. „Просторот е производ на историјата и носи во себе и нешто друго и нешто повеќе отколку што во него видела историјата во класична смисла на зборот.“ Од Лефевр навака, значи, просторот веќе не го согледуваме како апстрактен, аисторичен, непроменлив и мртов, туку како нешто социјално создадено.

Најпосле, би можело да се каже дека луѓето ја создаваат својата сопствена географија исто онолку колку што си ја создаваат историјата. Заправо, можно е токму од просторните конфигурации на општествениот живот да произлегуваат и нашите слики за протокот на времето. Географијата (како истовременост, латералност, простирање) всушност е предуслов за секвенцијалноста на историјата. На книжевен начин истото ни го сопшти Борхес во својот чудесновишен расказ Алеф:

„Во тој момент го здогледав Алеф... Тука, како писател, почнав да ја губам секоја надеж. Секој јазик е азбука од симболи чие користење подразбира одредено минато коешто соговорниците го делат: како можам на другите да им го пренесам Алеф, кого моето застрашено помнење едвај го допира? (...) Покрај тоа, суштинскиот проблем е нерешлив: а тоа е набројувањето, макар делумно, на еден бесконечен збир. Во тој џиновски момент согледав милиони пријатни и грозни настани; но она што ме вџаши беше што сите се одвиваа во иста точка не затскривајќи се едни со други во својата непроѕирност. Она што го видоа моите очи беше истовремено но она што ќе го раскажам е сукцесивно бидејќи јазикот е таков. Нешто, белки, ќе успеам да пренесам.“

Фотографии: Томислав Георгиев 

ОкоБоли главаВицФото