Против заборавот: За да си повладееш, измисли си непријател

01.08.2016 19:40
Против заборавот: За да си повладееш, измисли си непријател

Точно пред 22 години, на 1 август 1994 година, во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, пред Комитетот за надворешни работи – Поткомитет за меѓународна безбедност, меѓународни организации и човекови права, Џорџ Сорос сведочеше за очекувањата и стапиците при изградбата на отворените општества. Неговите тогашни дијагнози на болеста на посткомунизмот денес звучат како дијагнози на епидемијата која се претвори во растечка закана за опстанокот на човечката цивилизација. Првиот симптом на таа епидемија е заборавот од масовни размери. Тој заборав е дизајниран од новите инженери на човечките души, овој пат од политичката и клерикалната десница. Спроведувањето на новото едноумие е финансирано од државните буџети и во него се впрегнати сите државни институции задолжени да им ги наполнат главите на граѓаните со „новите вистини“ за минатото и сегашноста, па и за иднината. А за да биде трагичната иронија поголема, оваа масовна лоботомија без хирургија ја плаќаат самите граѓани кои, милум или силум, ги полнат државните буџети од сопствените џебови.

„Распаѓањето на затвореното општество засновано врз универзалната догма на комунизмот доведе до општоприфатено отфрлање на сите универзални идеи и земјите кои беа делови на Советската империја денес се обидуваат да си најдат принцип на организација во нивната сопствена и посебна историја. Се разбира дека има исклучоци од правилото, но темата која доминира е националниот или етничкиот идентитет, а не некој универзален концепт како демократијата или човековите права или владеењето на правото или отвореното општество. Ова создава многу опасна ситуација, бидејќи националните неправди може да бидат искористени за формирање на повеќе или помалку затворени општества, што претставува рецепт за конфликт. За да го мобилизирате општеството зад државата потребен ви е непријател, а ако го немате, треба да го измислите. Тоа е она што го направи Хитлер кога ги идентификуваше Евреите како непријатели на германскиот народ, а Хитлер има многу имититори во посткомунистичкиот свет.“

Дали кога Сорос го изговорил ова претпоставувал дека самиот тој ќе биде измислениот непријател (неретко и народен непријател бр. 1) во земјите во кои владеат или ќе завладеат популистички автократи, непријатели на отвореното општество? Дали помислувал дека автократите ќе ги заплашуваат граѓаните на дузина држави (Русија, Белорусија, Србија, Хрватска, Латвија, Полска, Узбекистан, Турција, Грција, Македонија...) дека тој со своите фондации сака да им ги растури државите? Првите изблици на хистеричната хајка против „баучот на соросоидите“ веќе се беа случиле, но не верувам дека Сорос очекувал дека во годините што следеа ќе биде прикажуван како вампир, врколак, Дарт Вејдер и што ли уште не. Тоа се случи и сѐ уште се случува токму во Република Македонија, на чија одбрана Сорос ѝ посвети дел од своето сведочење во 1994 година, кога на прсти можеа да се избројат нашите поддржувачи. Тогаш САД немаше ни амбасада во Скопје. Признавањето на Македонија под уставното име се случи дури по десет години. А Соросовата фондација во Скопје беше регистрирана како Фонд отворено општество – Македонија од октомври 1992 година.

„Вистинската опасност е појавата на несудените нацоналистички диктатори. Тие играат на терен кој несомнено им дава предност. Многу е полесно да се мобилизира општеството зад една вистинска или измислена национална неправда отколку зад една апстрактна идеја каква што е демократијата или отвореното општество. Градењето отворено општество е всушност градителски процес и многу е лесно да се употреби етнички конфликт за да се поткопаат темелите на отвореното општество. На пример, како во случајот на Југославија. Таа беше релативно просперитетна земја која дваесетина години беше отворена кон Западот и имаше интелектуални ресурси потребни за отвореното општество. Во 1990 година, монетарната реформа беше воведена во исто време во Југославија и во Полска. Југославија беше многу подобро подготвена за спроведување на реформата. Таа имаше група луѓе обучени од ММФ и Светска банка и реформата, де факто, беше многу поуспешна од реформата во Полска. Така беше до мај 1990 година. Тогаш Милошевиќ го ограби државниот трезор за време на изборната кампања и ја уништи монетарната стабилност. Тоа беше крајот на обидот Југославија да се трансформира во отворено општество. А сега имаме еден уште повџашувачки пример: Грција. Земја која е членка на ЕУ и НАТО, наполно интегрирана во меѓународната заедница. А сепак беше можно да се напумпа националниот сентимент до лудило поради името „Македонија“. Малиот и нејак северен сосед е прикажан како голема закана за територијалниот интегритет на Грција. Треба да се признае дека во Македонија има малцинство кое негува иредентистички соништа поради етничките неправди кои му биле нанесени во минатото. Но владата во Македонија е искрено посветена на создавањето мултиетничка демократска држава. Таа е подготвена да направи секаква отстапка освен да се откаже од својот сопствен идентитет. Но грчкото јавно мислење реагира на македонските екстремисти, а не на македонската влада, и спорното прашање е злоупотребено за домашни политички цели во Грција. Меѓувремено, македонската економија, претходно тешко оштетена од санкциите против Србија, колабира под тежината на грчкото ембраго. Железничката линија оди од север на југ, а Македонија е отсечена и од двете страни. Како последица, тешката индустрија, која се потпира на железничкиот сообраќај, е во застој. Економската криза ја загрозува политичката стабилност. Мултиетничката демократска коалиција ја загрозуваат екстремистите меѓу Македонците Словени и Албанците. Таа коалиција лесно може да падне на следните избори и, ако Македонија се распадне, ќе имаме трета балканска војна.“

Но, тоа не е сѐ. На самиот крај од сведочењето во кое го изложи својот критички поглед на надворешната политика на САД, Џорџ Сорос уште еднаш се навраќа на Македонија.

„Дозволете ми да завршам со Македонија. Ова е јасен случај кога со една унца (28 грама, м.з.) превенција можеме да се спасиме од тони неволји. За нас треба да биде приоритетно прашање да ѝ помогнеме на оваа мала земја со демократска мултиетничка влада која е на работ од економски колапс поради причини кои се надвор од нејзината контрола.“

Апелот на Сорос да ѝ се помогне на Македонија беше претходно поткрепен со отворањето на неговата фондација преку која веднаш донираше милион и двесте илјади долари за набавка на болнички лекови кои ги немавме, и ѝ го даде првиот кредит на Македонија, за да го избегнеме колапсот кој ни се закануваше поради недостигот од нафта, но и за да ја намали недовербата на Светската банка и ММФ спрема новата независна држава чие признавање од САД и ЕУ (тогаш ЕЗ, м.з.) не беше на повидок.

Зар вака зборува непријател на Македонија и Македонците? И тоа пред носот на моќното грчко лоби во американскиот конгрес? И со прстот право в око на националистите и неофашистите во Грција, кои веднаш го нападнаа и него и неговата фондација. Хајката ја предводеше весникот „Стохос“. Кај нас, хајката ја започнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од првиот собраниски состав. Потоа „орото“ против Сорос и фондацијата го презедоа јуношите на ВМРО-ДПМНЕ, кои денес, со мали исклучоци, седат во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и/или во собраниските клупи. Беа повикани на помош и пропагандисти од американската крајна десница. Се појави магазинот „Манифест“, кој во Македонија ја имаше улогата на „Стохос“ во Грција – демонизирање на Сорос и негово етикетирање како архинепријател. Кулминацијата на таа хајка беше налудничавата лага дека победата на опозицијата во 2002 година била овозможена со уфрлени прекубројни гласачки ливчиња кои Соросовата фондација ги отпечатила во Данска!

Но, хајката организирана од ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски не може ни да се спореди со сѐ уште актуелната хајка што преку строго контролираните медиуми ја води ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, хајка започната по дебаклот на самитот на НАТО во 2008 година. Со својата жестина, клеветењето и заканите не само на адреса на Сорос и Фондацијата отворено општество, туку и на „соросоидите“ (етикета прв пат употребена во Латвија, м.з.), активистите и на сите критичари на автократијата на Груевски, актуелната хајка беше пречекана со гласен отпор, а потоа и со мајтапење во незамолчаниот дел од јавноста и граѓанството. Но, контаминацијата извршена со огромните количини црна пропаганда преку јавните и приватните медиуми сѐ уште е на дело, особено кај граѓаните чии ставови се формираат од телевизиите со национална лиценца.

Колкав е полупериодот на распаѓањето на отровот посеан од т.н. куртонски медиуми? Оптимистички кажано, најмалку барем два пати подолг од периодот на неговото сеење, сметано од моментот кога тој ќе наиде на соодветен, гласен и јасен одговор од сите кои сфатиле дека наметнатиот заборав му беше неопходен на автократот за да го подготви теренот за бомбардирање со лаги и производство на непријатели. Тие кои го сфатиле тоа, сфатиле и дека веќе не се работи за Сорос, туку за сите нас кои се задушуваме во тесната кожа на груевистичката диктатура.

Слики: Свирачиња