Евтини илузии

28.03.2017 13:17
Евтини илузии

Се чини дека има(в)ме можеби преголеми очекувања од сегашноста, од македонските политичари, од македонската интелигенција. Потрошивме драгоцено време на нив. Мислевме ќе го зграпчат мигот уште во далечната 2006/7 и ќе го изодат целиот пат до ЕУ, или барем повеќе од половината. Иако, со нормални луѓе, за десет години требаше да бидеме веќе внатре. Но, не сметавме на нивната неизживеаност, неодговорност, неморал… на нивната ефтиност. Се покажа, како што впрочем секогаш и се покажува, дека од евтини луѓе не можете да очекувате големи дела со национален предзнак. Или барем не од овие генерации. Сè што видовме беше само голем грабеж со мафијашки предзнак. Во балкански стил, со ачик пиштоли и ножеви. И тоа токму од божемните наследници на македонските револуционерни предци, оние од Илинденскиот период кои без размислување ги положуваа и животите на татковинскиот олтар. Овие „наследнициве“ положуваат евра и долари на сметки во прекуокеанските даночни раеви. А за многумина и оваа Македонија се покажа како даночен рај. Ама приказната, ако има правда, а ќе има, ќе им заврши како даночен Данте!

Но, барем за мене, најпоразително беше/е непреченото пулсирање и флуктуирање на таа евтинија во македонското општество во сите негови сегменти. Дури и без сериозен обид да се сопре, да ѝ се застане на патот. Почнувајќи од медиумите па до институциите – национални и локални, од врвовите на политичката власт до петтите или шестите ешалони, од културата до образованието, од науката до здравството… евтиното го трансформиравме во локален симбол, во национален интерес. И следствено го финансираме. Евтинијата стана заштитен знак на безмалу сите „проекти“ во културата, на сите манифестации, на сите институции. Колку поевтино – толку подобро. За да го разбере „народот“, оној евтиниот кој денес, велат, чекори по скопските улици! Или, ако сакате, дури и најзначајниот им „проект“, она шизоидноно „Скопје 2014“ го градеа безобразно евтино – и фактички и метафорички. Од стиропор и „мермер што не е мермер ама личи на мермер“ до безимени чираци и арамолебци кои ништо друго и не изградиле во животот. Барем ништо вредно. Градбите им се распаѓаа(т) веќе наредниот ден. Исти им се и „уметничките“ дела – од до зла бога евтините „идеи“ од типот на просјаци, играорци, луѓе-дрвја или монструозни рибоглавци, до карикатуралните споменици кои што треба да ги глумат „нашите“ револуционерни предци. Евтини јад и беда, качени на коњи! Тоа ли го слават еѝтиниве колони низ Скопје, урнисувањето на нивниот град? Или сакаат да ни покажат дека овој град никогаш и не бил нивен, туку – само наш? И затоа ни се одмаздуваат, вака евтино?!

И некако во миг, или барем така изгледаше, сиот тој безвреден дух завладеа со државава како чума. Безмалу преку ноќ, додека трепнеш. Што и не е чудно ако се има предвид дека беше диктиран од самиот државен врв како најевтин егземплар на епидемијата што ја беше зафатила земјата. Плус, најевтиното по правило е и најгласно: ги гледа(в)ме и ги слуша(в)ме буквално секој ден со нивните блуткави монолози за сериозни теми кои што всушност никогаш и не ги разбраа. Ниту можеа, ценејќи според капацитетноста, евтина како и тие. Впрочем, најевтино е да градите врз илузии и тие тоа го знаеа. И го направија, непречено, се разбира, кога има евтини луѓе да им веруваат! Нормално, целта и им беше да поевтинат сè, да го сведат на нивна мерка за да го узурпираат и барем малку да се почувствуваат како нормални градски луѓе. Затоа и забрануваа, менуваа, преоблекуваа, лажеа… за да ја трансформираат стварноста во нивна pulp fiction „рапсодија“. Создадоа евтини приказни за нашата култура и уметност, упикаа загубени безвредни души на раководни места, им ги дадоа сите можни државни награди и национални бенефиции, сè со цел овие за возврат да го слават нивниот патриотизам и национално чувство. Ако ова што го направија воопшто и може да се подразбере под тој поим.

А сепак, дел од таа евтинија, ене, сè уште го шета барјакот на идиотштината низ градов, не гледајќи дека полека но сигурно ги убива провев од сите страни. Зашто евтините сништа градени врз грандомански историски илузии се полни со дупки низ кои што дуваат опасни ветришта!

Некој ќе каже дека евтин стана и животот, ама овде животот секогаш бил ефтин. Луѓе се колеле за грст парички. За ситнеж. Ене ви го Ќосето – и споменик му изградија. Што ќе рече дека и децата треба да ни бидат ем евтини ем убијци!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Странски служби