Друга приказна - десет книгички

30.03.2017 02:41
Друга приказна - девет книгички

Едицијата „Друга приказна“ настана на истоимениот книжевен фестивал за мали фикции што го организираше издавачката куќа Темплум кон крајот на јуни 2016 и е посветена на минималистичкиот прозен израз, но и на други експериментални форми. Обемот на речиси сите книгички објавени во оваа едиција е околу дваесетина страници. Бидејќи едицијата има и експериментален карактер, во неа досега се најде и една поема, како книга со „музички приказни“, односно нотни записи, но и книга со фејсбук статуси. Досега, во едицијата Друга приказна се објавени десет книгички. Во продолжение, ги претставуваме десетте изданија со кус извадок.

Напомена: книгичките не можат да се набават во книжарниците, туку исклучиво на саемот на книгата во Скопје, како и на промоциите и книжевните настани во организација на издавачката куќа Темплум.

 


Давид Албахари, Стар сум во Скопје

Тапанарот

Тапанарот е стар. Има деведесет години. Не слуша на левото уво, рацете му се тресат, но тој сепак одбива да признае дека е стар. Музичарите се секогаш млади, тврди тој, и за нас нема умирање. Тоа го изговара непосредно пред почетокот на својот последен настап, излегува на бината и седнува зад своите тапани. Миг подоцна, главата му паѓа на градите, тој паѓа од столот и умира загледан во одблесокот на рефлекторите од чинелата.

 


Оливера Ќорвезироска, Новелички без шеќер

Шивачка

Шивачката е стара. Чекорот и повтежот ѝ се одамна умрени. Сѐ ѝ е умрено, живи ѝ се само уште рацете и машината за шиење. Од година в година шие сѐ полесно и сѐ посовршено. Не зема мерки, не прави проби; бара од девојчињата да ѝ донесат само фотографија од оној што го сакаат. Забранет или дозволен. Скришен или јавен. Црно-бела или во боја. Како било, само многу да го сакаат. И свила. Потоа според него им шие совршени фустанчиња. Со грубите раце ја прави магијата на љубовта, потоа и на живеењето низ шиењето. Свилата секогаш останува ко недопрена со рака. Нејзината рака и не е рака. Таа е остарена, збрчкана мечта по голема љубов со пет, извиткани артритични прсти.

Шивачката е стара. Фустанчињата се сѐ пољубовни. Секоја машка рака на нив е нова брчка на нејзините броени денови.

 

Лидија Дејвис, Седам на сонце со својата мала пријателка...

Кучешко влакно

Песот веќе го нема. Ни недостасува. Кога ќе се огласи ѕвончето на врата, нема кој да залае. Кога доцна навечер се враќаме, нема никого да нè дочека. Уште понегде, по куќата, и на облеката, налетуваме на неговите бели влакна. Ги собираме. Би требало да ги фрлиме. Но тие се сè што од него ни е останато. Не ги фрламе. Ја негуваме лудата надеж дека - ако собереме доволно влакна - ќе можеме да го составиме.

 

Владимир Мартиновски, Мачка во магла и други хаибуни за бубалки, птици и животни

На перонот

Утрово возот пак асолно доцни.

На перонот секој различно реагира.

Некој гледа во часовникот секои пет минути и издивнува отсечно, како да игра петти сет во финале на тениски турнир. Друг ги пребројува паднатите лисје од џиновскиот јавор. Некој пали цигара по цигара. Некој гнете сендвичи наменети за паузата за ручек. Друг преку телефон ги презакажува состаноците. Некој на цел глас негодува дека ќе го избркаат од работа.

А друг си брка работа:

Глувче до пруга.
Ич не му е гајле за
возот што доцни.

 


Пандалф Вулкански, Текстилна поема (за маркизата Помпадур, Казанова и дворскиот педераст)

 

Маркизата де Помпадур, симболот за гламур,
еднаш, во Севр, посетила за текстил панаѓур.
И таму се случил своевиден каламбур.

Со рококо фризура, на штикли, Помпадур
во таа пригода носела бунда од самур
или кенгур. Под бундата имала велур.

(Некои верзии велат дека опфатена од сплин
и меланхолија носела бунда од хермелин,
а под бундата имала крепдешин или муслин.)

Нејзиниот љубовник, Казанова, познат ќелепур,
истовремено бил и моден советник и трубадур.
Ѝ рекол: „Шуќур, конечно текстилен панаѓур!

 

Иван Шопов, 091 - Антиразгледници од Скопје

Китови

Уметноста на ловење исечоци од туѓи разговори не е нешто што се стекнува намерно: доволно е само да се движите низ градот и без да сакате до вашите уши ќе стигнат делови од зборови што не се упатени кон вас.

Навечер, преминувајќи го Камениот мост, се разминувам со татко што ја води малата ќеркичка фатена за рака.

– Тато, има ли китови ноќно време во Вардар? – прашува девојчето.

Брзам и не го дослушнувам неговиот одговор. Сеедно. Побогат сум за едно чудо. Или барем новокомпонирана легенда.

 

Бојан Бабиќ, Жирафи во катакомби

Почеток на добар ден

Секое утро во шест и пол одам на трчање. За да дојдам до теренот на кој ја извршувам таа, за телото најсоодветна активност, морам да поминам низ гробиштата. Истрчувајќи полека пет до шест километри, надишувајќи се свеж воздух, со крвните садови допирајќи го животот во неговата единствена вистина, зацрвенет, се враќам назад. Бидејќи убавите девојки во тоа време веќе тргнуваат на своите работи и факултети, секогаш посакувам да видам дали фризурата од ветерот ми е потполно растурена. Првото место на кое можам патем да го проверам тоа се надгробните плочи од измазнет црн мермер.

Како во огледало, покрај ликот и името на умрениот, се појавува мојот лик. Без размислување правам два потега со раката, и фризурата станува прифатлива. Јас заминувам, а колегата од сликата останува.

Ќе ме чека и следното утро.

 

Румена Бужаровска, Спиј

Екосистем

Во аквариумот имам огромен, долг колбас. Одеднаш се буди, збудалува, и фаќа една топка кулен што плови во водата. Ја убива, гушејќи ја, и потоа обвиткан околу неа почнува да ја јаде. Гледам дека грдата риба со мустаќи, чистачот, лежи зелен долу, и си велам што му е, од светлото ли е ваков или умрел? Па гледам дека лежи мртов и стрчи од устата на една страшна голема риба што исто така се појавила во аквариумот. Како ли ќе ги извадам овие монструми од овде, си мислам. Овој екосистем комплетно полудел и не можам сама да се справам со него, си мислам.



Владимир Лукаш, Радишански прелудиуми

Книгата содржи нотни записи од девет композиции, или како што авторот ги нарекува, приказни кои не се раскажуваат на зборлив јазик. Подолу, можете да ги чуете композициите „Грбоболски валцер“, „Приспивна за Ели“, „Валцер за баба ми“, „Сонот на желката Фелдман“, „Музика за мрзливи звуци“, „Виц“, „Бесните глисти на црното маче“, „Мала дождовна прошетка“ и „Прелудиум за сонливата дактилографка“.

 

Ирена Ристиќ, Будно пратим

Љубезен келнер

Деновиве сретнав два примерока од еден подзаборавен ендемичен вид - љубезен келнер. Двајцата беа толку љубезни и вешти во својата работа, што на моменти помислував дека се работи за скриена камера и дека некој сериозно се забавува дури ме гледа како се чудам.

Што им е заедничко на двајцата? Нормално, не издржав и прашав! Добро, дечки, шо е проблемот со вас?

И двајцата работат по три работи. Три!!!

Рекоа, со една плата не се издржува.

Едниот е професор по физичко, фудбалски судија и келнер во елитен ресторан, а другиот службеник во банка и келнер во две скопски гостилници.

Македонија вработува?!

Не, дечки, не!

Македонија душата им ја вади на вредните

и чесните.

02.09.16.

ОкоБоли главаВицФото