Растко Мочник: Државите од поранешна Југославија живеат во постфашизам

12.05.2017 12:31
Растко Мочник: Државите од поранешна Југославија живеат во постфашизам

Растко Мочник е редовен професор по Теорија на дискурс и епистемологија на хуманистички и општествени науки на Филозофскиот факултет во Љубљана; предава Глобализација на Универзитетот во Пловдив; гостува како предавач на Факултетот за медиуми и комуникација во Белград. Познат е по делата: Колку фашизам, Списи за хуманистиката, Светската економија и револуционерната политика, Теории: Институција, Нација, Држава. Деновиве тој во Белград ја промовираше својата книга колумни Списи за современиот капитализам во издание на „Аркзин“.

Во времето на распадот на поранешна Југославија, професорот Мочник беше, како што е впрочем и денес, политички ангажиран; 1990 година беше избран за претседател на љубљанскиот огранок на Здружението за демократска иницијатива, а неговото денешно, условно речено, југословенство, може да се препознае по истакнувањето на несоборливи економски показатели, во споредба со денешното осиромашување и владеење на десничарските неолиберални елити. Со една, пред сè интелектуална и човечка забелешка дека од денешна перспектива, констатациите што ги кажува се давање памет откако се случил крахот.

Списи за современиот капитализам е збирка новински текстови во кои Растко Мочник, како што вели, се занимава со „општите процеси на глобализација, но и со овие наши специфичности во постјугословенските држави, кои во новиот светски систем станаа периферија, а оние што влегоа во Европската Унија, Словенија и Хрватска, стануваат зависни од големите сили“.

 

Може ли да се извлече заеднички именител на државите од поранешна Југославија, освен Словенија со нејзиниот специфичен развој и статус?

Специфичност на Словенија во деведесеттите години беше тоа што не се покоруваше на рецептите и барањата што ги наметнуваше ММФ, Светска банка и Европската Унија, имаше политичка волја да се спротивстави на притисоците. Причината беше внатрешна, многу силни синдикати кои не дозволуваа радикални мерки што би довеле до осиромашување на населението. Сега по кризата што почна во 2008 година, Словенија им се приближува на останатите држави, 14 отсто од населението живее на раб на егзистенција, 70 отсто од новите вработувања се во тн. нестандардни работни односи: не е постојан работен однос, туку одредено време, полувреме.

Голема несигурност на работниците?

Да, како и во Хрватска, претпоставувам како и во Србија.

Мислев дека ќе го спомнете несогласувањето внатре во југословенската федерација која беше пред распад.

По сè, може да се каже дека националистичкиот план почна да се остварува уште во седумдесеттите години. Со Уставот од 1974 година, Југославија стана конфедерација и владејачките републички државно-партиски бирократии уште тогаш беа националистички. Само не отворено. Но, кога се гледа конкретната политика, се гледа дека уште тогаш започна процесот на дезинтеграција, што ескалираше во осумдесеттите години... Мислам дека причината за разбивањето на Југославија е што политичките елити во социјализмот и по воведувањето на либералната демократија, го сочуваа монополот врз политичкото одлучување. Всушност, никогаш не беше можно за проблемот на Југославија да се расправа демократски. И второ, тие што го создадоа проблемот – тие и го решаваа. Мислам дека разбивањето на Југославија беше страшна историска грешка што ја плаќаме ние сега и што ќе ја плаќаат идните генерации.

Дали можеше да се спречи распадот?

Тоа сега е мудрост по крахот. Мислам дека грешката е направена уште во времето на Јосип Броз, кога почна Маспок во Хрватска. Тој беше сопрен на класично болшевички начин. Внатре во врхушката на партијата беше одлучено да се отстрани хрватското раководство, кое беше многу помалку националистичко отколку што подоцна беа Туѓман и компанија. Тоа се случуваше во најтесните кругови на државно-партиската номенклатура, што не можеше да доведе до позитивно решение.

А Слободан Милошевиќ и поддршката што ја имаше?

Јас во Белград протестирав против Слободан Милошевиќ и можам да кажам дека од него се направи црна овца. На него беше истурено сè што беше погрешно или катастрофално. Во иднина ќе бидат потребни малку посуптилни анализи... Интерес на хрватската националистичка врхушка беше разбивањето на Југославија, тоа беше нивна програма. Во интерес на српската врхушка разбивањето на Југославија не беше опортуно. Српското стопанство многу повеќе зависеше од Југославија, а хрватското стопанство имаше најголем прилив на девизи, од туризмот.

Но вие зборувате за нешто што би било рационално. Национализмот што се појави во осумдесеттите во Србија, со националистичката опозиција не беше рационален. Тука не се размислува за девизи, тука се размислува за крв и земја.

Се разбира, тоа се идеолошки артикуалции. Зборувам за Милошевиќ како национален политичар, што и да значи тоа, негативно или позитивно. Тој не беше ирационален националист кој непромислено би тргнал во војна. Мојата анализа вели дека хрватската политичка врхушка мислеше дека Хрватска има најмногу девизи и дека Федерацијата ги зема тие девизи. А Федерацијата, nota bene, тоа го правеше заради притискот на ММФ, така што разбивањето на Југославија го сфатија како свој интерес. Србија тоа не го сфати како свој интерес, барем не Милошевиќ и неговата група. За мене, политиката на Словенија беше сосема ирационална, затоа што Словенија најмногу профитираше од постоењето на Југославија. Имаше монополски пристап до дваесетмилионски пазар и беше најразвиена република, но наспроти издвојувањето за неразвиените, разликите во Југославија не се намалуваа, туку се зголемуваа. Од 1945 до 1990 година разликата помеѓу Словенија и Косово како најнеразвиен регион се зголемила за десет пати. Ако тогаш би размислувал како словенечки националист, би сакал да ја сочувам Југославија, затоа што без сомнение Словенија профитираше.

Истата приказна се повторува во циклуси. Луѓето се бунат, а потоа гласаат за истите луѓе и идеи против кои се побуниле.

Тука имам многу традиционални ставови. Ако живеете во партиски систем, а немате добро организирана партија на левицата – немате шанси. Затоа што не можете да излезете во јавност со своите ставови, медиумите се ориентираат кон парламентарните партии. Може да живеете во илегала, на маргините, во полуилегала, да бидете интересни, да бидете духовити како коментатори, но не како критичка сила. Уставниот систем налага политичката партија да се организира како партија од традиционален тип, тоа е неминовно. Постои мрежа помеѓу младите луѓе, тоа е симпатично, но партиската работа е секојдневна, Почетокот е тежок, луѓето денес немаат време да се занимаваат со политичка работа, немаат пари. Нема тука никаква Коминтерна што би ги финансирала.

Може ли тоа да се примени на сегашните белградски протести?

Белград е метропола, што значи дека комуникациите меѓу луѓето се поинтензивни отколку во помалите места. Тоа е добро, но не треба да се очекува премногу. Затоа што, сепак, Белград и Нови Сад се исклучоци, тоа не е нормална ситуација. Протестите би можеле да прераснат во идеолошки ако ја промовираат реалната проблематика, бидејќи тоа го немаме – конкуренција, натпревар меѓу официјалните партии. Тоа е всушност театар на сенки. Демонстрантите ги избегнуваат реалните прашања, како и власта. Опозиционерите зборуваат за работи што се помалку или повеќе со краток рок, им недостасува долгорочна стратегија. На пример, сите говорат за патот кон Европската Унија, а членките на ЕУ, Словенија и Хрватска кога имаат спор, како овој со границата, одат во Брисел. Не се способни самите да се изборат со тоа, се разбира, Брисел го користи тоа.

Не е исто, во Србија во партиите што се против влезот во ЕУ се луѓе кои се целосно ретроградни и кои го носат баластот на учеството во војните и вината за нивното креирање.

Точно, се согласувам. Антиевропските партии немаат долгорочна стратегија. Но ЕУ не е решение, тоа е проблем. Од друга страна, ЕУ не може да се избегне. Србија да беше Швајцарија би советувал да остане надвор од ЕУ. Извлечете што повеќе привилегии, договори, но немојте да влезете, затоа што ќе потпаднете пред наездата на силниот северноевропски капитал. Но Србија не е Швајцарија и нејзиниот логичен пат е Европска Унија. Меѓутоа, дали целта е да се влезе или да се постигнат поповолни билатерални односи, за тоа треба конкретно да се расправа.

Дали во тој случај мислите дека Србија може да работи на воспоставување на европско законодавство, вредности и правила, но да се воздржи од влез во ЕУ, ако тоа биде мнозинската волја на работоспособните граѓани?

Сега на тој начин може да одговори само Полска, но тие имаат десет пати повеќе жители од Хрватска, дури дваесет пати повеќе од Словенија. И тоа го користат на конзервативен начин, да не кажам нешто полошо. Второ, многу одлуки доаѓаат од Европската комисија, како и ова што сега се случува на словенечко-хрватската граница. Тоа е декрет на Комисијата. Словенија и Хрватска се бунеа уште додека се подготвуваше декретот. Сега повторно се бунат наместо заеднички да настапат против бирократите во Комисијата.

Колку фашизам е наслов на еден Ваш спис. Колку го има во денешниот западен Балкан? Колку е екстремна десницата?

Десницата нема одговор за прашањата за коишто разговараме, тоа се клерофашистички варијанти маскирани во борци за нациналните цели. Мислам дека живееме во нешто што би можеле да го наречеме постфашизам. Во времето на историскиот фашизам, фашистичките држави го менувале уставниот поредок. Што значи укинување на партиите, воведување на расистички закони, диктатура на полициската држава. На тој модел најмногу му се приближува Унгарија, која формално е либерално-демократска држава. Или Турција, тоа е либерално-демократски модел. Се чини дека сега тој парламентарен модел е толку затворен, толку се оддалечил од народот што го аминува на секои четири години, што веќе нема ни потреба да се воведува полициска држава. И да можат да ја сочуваат формалната демократија, што е многу поопасно, затоа што тешко се воведува диктатура, порано или подоцна тоа ќе експлодира. Но, да се има избори на секои четири години, што не менуваат ништо – тоа е сериозен проблем.

Зборувате за „тивка фашизација“?

Мислам дека класичните фашизоидни формации се малцинство, дека се маргинални. Но, она што загрижува се појавите каква што е владејачката партија во Словенија. Тие беа избрани на фер избори, профитираа како лево либерални, но кога дојдоа на власт станаа десно либерални и воведуваат закони на вонредна состојба. Наводно „за секој случај“. Кога бегалците дојдоа на границата, парламентот на војската ѝ даде полициски овластувања. Тоа е крупна работа и само левицата е против тоа. Се разбира, десницата, Јанша и компанија тоа го поздравуваат, социјалдемократите исто така. Сега подготвиле и друг закон што овозможува затворање на границите, без индивидуален третман на луѓето што доаѓаат заради азил или да ја поминат границата. Тоа веројатно е противуставно, затоа што во граѓанската формална демократија, задолжителен е индивидуалниот третман на секој што ќе дојде пред границата. И тоа помина во парламентот. Затоа мислам дека таа тивка фашизација е многу опасна, поопасна од оние што маршираат во црни кошули и пеат усташки и четнички песни. Овие на власт се опасни.

Во овој контекст да ја спомнеме и судбината на избришаните.

Да, нивниот статус сè уште не е решен. И тука се покажа хипокризијата на Европската Унија. ЕУ можеше решавањето на тој проблем да го постави како услов за влез на Словенија во ЕУ, уште тогаш тоа се знаеше, но не го стори тоа. Сега Јанша и владата подготвиле некој одвратен закон според кој сиот товар на докажување оди на сметка на оштетениот. И отштетата е околу 30 евра месечно што е навредливо, бидејќи на тие луѓе и на нивните деца им ги уништија животите.

Се работи за дваесет илјади луѓе?

Ги има повеќе од 25 илјади. Тоа сè уште не е решено и тоа е страшна црна дамка на демократската власт на Словенија.

Вашите колеги ми сугерираа да ве прашам дали уште го читате Маркс, затоа што уште во времето на Југославија рековте дека имате контроверзни ставови?

Да, читам, ги читам и денешните марксисти, барам силни концептуални алатки за анализа. Маркс е како Фројд, тој отвори ново поле, нова проблематика. Пишувал дури и за финасиските шпекулации, некаде на крајот на Капиталот. Тој е човек на 19-от век, тогаш хоризонтите биле поинакви. Но неговиот начин на размислување е поинаков, нема каузалност, каква што сè уште имаат француските економисти, од аспект на методот, начинот на размислување, поинаков е од денешните економисти. Значи, одговорот е – го читам, како не.

Извор: XXZ Magazin

ОкоБоли главаВицФото