Балканот како пробен балон за новата студена војна со Русија

24.04.2018 01:59
Балканот како пробен балон за новата студена војна со Русија

Балканот - колевката на Првата светска отсекогаш било место на преплетување на судирите меѓу царствата, етничките заедници. Сега, анализата на „Њујорк тајмс“ предупредува дека регионот станува бојно поле што потсетува на нова Студена војна.

Русија го шири влијанието и засилува етничките тензии во државите што се надеваат дека ќе влезат во Европската унија. Нејзиното влијание го наведе Брисел да ги оживее заспаните цели за проширување. Исто така, му го сврте вниманието на Вашингтон кон безбедносните ризици на членките на НАТО.

По сложниот одговор на Западот околу труењето на рускиот шпион и неговата ќерка во Велика Британија и прогонувањето на околу 150 руски дипломати и разузнувачи, „Балканот стана уште повежен“, вели Марк Галеоти, виш истражувач во Институтот за меѓународни односи во Прага.

„Русија бара начини за одмаза кои се асиметрични и отвораат некои прилики за Москва“, вели тој.

Во извештајот на Европскиот совет за надворешни односи, Галеоти наведува дека „Русија гледа на Балканот како на воено поле во својата ‘политичка војна’ и се обидува да го сврти вниманието и создаде потенцијални монети за поткусурување со Европската унија“.

Чарлс А. Купчан, кој бил европски директор на Националниот совет за безбедност во времето на претседателот Барак Обама тврди дека „Русите се обидуваат да го искористат последниот дел на западна Европа кој е политички нефункционален“.

Ситуацијата потсетува на онаа во Украина, каде Русија првично дозволила Киев да се придружи кон ЕУ, но и не кон НАТО, а потоа го променила мислењето што доведе до револуција која ја поттикна Москва да го анексира Крим и да предизвика сецесија во источна Украина. 

Натпреварувањето со Русија на Балканот може да предизвика нова нестабилност во регионот кој уште се опоравува од војната 1992-95 година, која ја растури поранешна Југославија.

Во Сараево се избришани многу лузни од војната. Поранешниот „Холидеј ин“, некогаш место без прозорци каде што се криеја репортерите, во близина на Улицата на снајперистите за време на војната во Босна, сега е среден и полн гости. Градското собрание во неомаварски стил, споменик на мултикултурализмот што беше гранатиран и запален, сега е реновиран.

Па, сепак, Босна и Херцеговина, земја што беше сосема скршена во 1995 година и натаму останува кршлива конструкција, полна со корупција, со слабо лидерство и со етнички и националистички напнатости помеѓу заедниците – таа е метафора за Балканот.

Тоа е една од тие неколку точки кои Русија се обидува да ги искористи, вели Купчан, додека лидерот на полуавтономниот српски регин Република Српска, Милорад Додик, продолжува да бара референдум за независност. Другите точки се Македонија каде односите меѓу Албанците и Словените се затегнати, како што се помеѓу Косово и Србија.

Исплашена од руското мешање, ЕУ на Босна и на пет други земји на западаен Балкан – Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово повторно им ја понуди можноста за членство во унијата, а во замена за тоа, побара суштински структурни реформи.

Скепсата кон Брисел во овие држави е длабока. Многумина се сомневаат во искреноста на ЕУ која сè повеќе станува популистичка, ненаколнонета кон мигрантите и попретпазлива во врска со нови членки, по Бугарија и Романија.

Никој не верува дека која било од овие држави е подготвена да стане членка на ЕУ. Но, брзината на реформите почна да се намалува колку што целта стануваше сè подалечна.

Пред четири години, претседавачот на Европската комисија Жан-Клод Јункер рече дека повеќе нема да има брзо проширување, на тој начин забавувајќи го процесот.

Според зборовите на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров: „Изгледаше како да се заклучени во чекалница без излез“.

„Јункер погреши кога рече дека не е заинтересиран за проширувањето“, рече Карл Билт, поранешен шведски министер за надворешни работи и специјален пратеник на ОН за Балкан. „ЕУ го тргна погледот од топката на неколку години и се почувствуваа последиците“.

Но со излегувањето на Британија од ЕУ и со Русија која го користи раздорот во регионот, ЕУ сега составува детален план за Балканот.

Дури и официјално беше кажано дека ако сето ова помине добро, Србија и Црна Гора, единствените две држави кои се во пристапен процес, па со самото тоа и први на списокот, би можеле да станат членки на ЕУ до 2025 година.

Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, објавена во февруари, предвидува шест иницијативи: владеење на правото, безбедност и миграции, општествено – економски развој, транспорт и енергетска поврзаност, дигитална агенда и „помирување и добрососедски односи“.

Бугарија која во моментов претседава со блокот, во мај ќе организира специјален самит за Балкан. Прашањето за Балканот е на агендата на Европскиот совет во јуни, а Британија ќе биде домаќин на самитот за западен Балкан во јули, пред состанокот на НАТО во Брисел.

„Време е да ја завршиме работата од 1989 година“, вели Јоханес Хан, комесарот на ЕУ задолжен за проширување. „Годината 2025 ја поставивме како индикативен датум за Србија и Црна Гора што истовремено е амбициозен и реалистичен“.

Билт дрско додава: „Дали е реалистичен или не, останува да се види.“

Многумина веруваат дека е преамбициозен имајќи предвид дека ЕУ инсистира државите да ги решат своите бројни прашања околу границите.

Тоа се сериозни внатрешни проблеми, велат од Унијата.
„Денес овие земји покажуваат јасни елементи на државен застој, а тука се вбројуваат и врските со организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа, како и силната поврзаност на јавните и приватните интереси“, наведува ЕУ.

Се додава и дека постојат јасни докази за „екстензивно политичко мешање и контрола врз медиумите“, како и помала независност на судствто.

Ако на тоа му ги додадете и слабите економии, заминувањето на младите во потрага по работа, шансите не изгледаат добро.

Но сега Американците се заинтересирани. Обновената загриженост на Вашингтон „делумно потекнува од стравот од ширење на руското влијание“, вели А. Рос Џонсон и додава дека Конгресот сега бара од Министерството за одбрана „проценка на безбедносната соработка помеѓу секоја од земјите од западен Балкан со Руската федерација“.

Русија јасно стави на знаење дека за неа ширењето на НАТО на западен Балкан е неприфатливо, а Москва беше вмешана во чудниот обид за пуч во Црна Гора во 2016 година, пред влезот на земјата во НАТО.
Русија се обидува да ги зајакне своите позиции во регионот, како во владите, така и во бизнис круговите, така што кога овие држави ќе влезат во ЕУ „со себе ќе го донесат и руското влијание“, вели Галеоти.

Стратегијата е слична на онаа што Русија и Кина ја спроведуваат со Грција и Кипар, местата каде што руските пари можат да се исперат и претворат во евра.

Русија е вмешана и во локалните медиуми, како и преку сајтовите што се поврзани со Кремљ, како што е Спутник, така и благодарение на ботовите што ги користат локалните проблеми за да го шират руското влијание.
Билт особено го издвојува руското инвестирање во српската инфраструктура. Иако руските инвестиции не можат да се споредат со инвестициите од државите на ЕУ, Србија има природна наклонетост кон руските, православни браќа и се сеќава на руската поддршка за време на војната во Косово.

„Дали ЕУ е доволно чувствителна да разбере што се случува во Србија“, се прашува Галеоти.

Тој мисли дека не е.

„Политиката на ЕУ го поддржуваше она што го смирува западниот Балкан“, вели Галеоти. „Тоа е многу опасно и создава совршено опкружување за Москва да ги игра своите игрички“.
Тој вели дека Брисел треба да даде поголем морков и да понуди искрени поттици за институционалните реформи, како и вистински санкции ако тие не се спроведат.

Поранешниот американски претставник, регионот го нарече ново воено поле на студената војна и додаде дека Брисел е премногу ригиден во обидите да ги одржи луѓето на вистинскиот пат, а парите не се доволно поврзани, толку колку што би морало, со целите на реформите.

Претставник на власта кој побара да остане анонимен за да го зачува своето влијание во регионот, вели дека државте се реформираат само кога Брисел и Вашингтон заедно ги притискаат лидерите да ги остават старите навики за корупција, блокада на земјата, политизирано судство и руските компании кои се обидуваат да ги заземат клучните инфраструктурни институции и медиуми.

Европа не сака да увезе уште повеќе проблеми. „Аргументот дека ако ги воведеме и земјите од Балканот ние ја засилуваме стабилноста“, вели Норберт Ротген, претседавач на комитетот на Бундестаг за надворешни работи. „Но, дали е така?“

Ако кршливите држави ги увеземе во ЕУ, ние увезуваме кршливост“, додава тој. „Ако направиме компромис со условите, ќе пуштиме во унијата нестабилни држави отворени кон странси влијанија. Заради тоа мора да бидеме остри со условите за влез“.

Иронијата на историјата, кажува Билт, е дека Југославија да останеше цела, досега сигурно ќе беше во ЕУ, бидејќи во 1990 година беше далеку пред сегашните членки Романија и Бугарија.

„Да не дојдеше до војна, цела оваа област ќе беше членка во ЕУ. Балканот секогаш најдобро живеел кога бил интегриран во пошироки рамки, што денес, како и порано е неопходно и единствено можно во Европската унија“.

Купчан останува оптимист.
„Знаете како ќе се заврши оваа приказна, со сите поранешни југословенски републики интегрирани во Европската унија“, вели тој. „Но кога?“

Извор: The New York Times