Последна шанса

04.10.2010 10:59
Последна шанса

Иако објавивме дека минатиот понеделник ќе биде последниот преглед на пристигнатите раскази, во меѓувреме ни пристигнаа дела од тројца автори. Со цел да им дадеме еднаква можност за претставување пред читателите, ќе ги објавиме нивните раскази. Воедно Ве известуваме дека на 7 октомври ќе ги објавиме победниците од вториот дел на конкурсот.

 
Lizard Queen
 
Нож

 
Го виде како се доближува кон куќата. Ќе го убијам, си рече помислувајќи на солзите, на нервозите, на стравот и тргна кон кујната. Се чувствуваше способна за тоа. Повторно ѕирна од прозорецот - ги делеа неколку метри. Го зема најостриот нож, тој што и го стави под грлото кога не беше задоволен од вечерата што еднаш и загоре, го вовре во ракавот и спокојно го чекаше да влезе и да почне да вика како таа е мрзелива и не си ги гледа куќните работи, а камоли, пак, децата, кои веќе половина саат се караат и се тепаат во дворот, а тој ги слушал и се срамел од својот пријател, кој секогаш му вели дека не би толерирал таква неодговорна жена, како око не би му трепнало да ја убие, како треба конечно да се земе на себе... Додека размислуваше за сето ова, не замислуваше како ќе го нападне и дали ќе успее во тоа. А моментот беше стигнал, беше токму сега и токму тука, токму кога мажот и влезе во кујната втренчувајќи и’ се в лице со подигната рака. Го извади ножот од под ракавот. Сè се запре. Двајцата молчеа. Наеднаш, таа се сепна. Го испушти ножот од раката и сè уште немо го гледаше омазениот лик пред себе. По навика подголтна пред да зборне и одвај успеа да изусти: Ти се јаде? Ќе правам вечера.                                                              

 
Дракон
 
Игра
 
Клуч за стаклената куќарка поставена на дрвото во твојот двор. Каде и да се свртиш, тука сум. Куќарка на дрво само за неа. Природа. Двор за играње друштвена игра на боговите.
Ѓубре собрано со чистење на дворови и стари куќарки полни со спомени и жолти фотографии. Непознати лица видени на ѕид пред рушење.
Играм игра која ме тера да размислувам, смеејќи се за себе.
Звук од кој мрзне погледот, звук после кој сè е само тишина.
Тивко играм, да нема звук, да не се скрши рамката со пожолтена слика. Момент кога зад фотографот плачеше дете кое слушнало громотевица. Страв од звукот на лицата на црнобелите луѓе.
Играм и сите се лутат. Црно-бела игра.
 
Одам
 
Пак јас, пак сам. Пак куп зборови кои треба да се подредат по бојата на лицата што ги слушаат. Сето тоа полеано со евтин алкохол.
Балкански вести, со смисла за хумор и скопски дијалект на одјавна шпица.
Емисија во живо, спектакл со лица на чии што автомобили некој се потпишал со мало џебно ноже. Ноже украдено од тезга на старец.
Клуч на улица, изгубен од дете на кое му изградиле куќарка за куче. Поглед на задно седиште и повторно клуч.
Отпушок со кармин и кафен филтер. Ништо ново на улицата. Глупава жена која се смее како дете кое скинало постер на политичка партија. Балканска иронија која мириса на мрсна униформа. Пијани наркоси и паметна инверзија на проста реченица. Секс. Леплив ден и пазарење за 20 денари. Лудило без конзерванс. Вино и медиократија, запалки и пластични чаши. Забава и евтина пијачка. Јас.
Пиво. Студенти, родители кои плаќаат вино во пластичен амбалаж.
Клуч од соба на цимер кој е секогаш тука. Зошто клуч, изгуби го. Цимерот.
Куќарка за птици направена од стакло, анимир дами за ефтини пари.
Возот касни, некој отиде да купи весник. Насловна страна: Барајќи загубен клуч човекот се сретнал со својот убиец. Формална караница и луѓе со кратки пантолони. Пристигна возот, одам...
 
Суштина
 
Слушам карти, гледам зборови.
Извиткани карти и зборови. Игра.
Зад човекот со кој играм карти гледам огледало. Јас победив.
Зад човекот со кого зборувам гледам огледало.
Се гледав во огледалото, а не ги видов неговите очи. Јас изгубив.
Изгубив во игра на зборови, за која некој рече дека е обичен разговор.
Тишина.
Повторно игра со карти.
Огледало зад човекот со кого играм. Ја видов неговата најголема карта.
Изгубив. Премногу размислував за надворешноста на картите, а не за суштината на играта.
Повторно зборови. Игра. Разговор.
Зад човекот со кого зборувам огледало.
Не го тргам погледот од неговите очи. Не ги гледам ни своите карти.
Ги повторувам неговите реченици и само потврдувам.
Победив. Не ја разбрав суштината на нашиот разговор.
Двајца седат на маса и играат карти.
Околу нив огледала. Што е играта, а што е влогот?
Кои се тие? За што разговараат?
Што е суштината?!
 
Александар Пешевски
 
Realitybites
 
Да ја занемариме реалноста или да ја смениме? Да живееме во фантазиите или да ги раздениме? Можеме да мечтаеме и да се надеваме... Или да почуствуваме и да се сеќаваме? Да бараме за да најдеме или да гледаме за да видиме? Да лажеме за да земеме или да сакаме за да дадеме? Да бараме за да добиеме или да даваме за да одбиеме? И колку и да даваме, и колку да добиваме, и колку да добиваме, толку да сузбиваме... Нема никогаш да се испразниме, затоа што празни се раѓаме...

Со што и да се полниме, со љубов да се надополниме,  со страв и глупост ќе се преполниме. Од мисли ќе се умориме, со мудрост ќе се бориме. Ќе мечтаеме и ќе нагаѓаме... И ќе заборавиме дека празни се раѓаме...

Што и да постанеме, што и да смениме, што и да останеме, ќе не удри, ќе се промениме, и ќе бидеме што ќе бидеме,  ќе понесеме што можеме таму кај што идеме. И пак ќе летаме. И пак ќе паѓаме.  И ќе летаме и ќе паѓаме... Празни умираме, празни се раѓаме,  Понекогаш мораме, понекогаш бираме. Празни се раѓаме, празни умираме...

 
 
Миженка
 
Пробај да погледнеш повторно само не го запирај погледот... Пропушти го срцето да види... Ха ха ха, да... Спектарот добива сјај, што значи дека скоро сме таму. Продолжи да гледаш... Уште неколку афонични чекори и мали скокоткања врз табаните. 
Тука сме. Сега можеш со доверба да го ослободиш вакумот помеѓу нашите потни дланки. Изброј до 10, одлепи ги клепките и пробај да ме најдеш. 

А јас... Јас нема да се кријам за подолго да трае... 8, 9, 10!


 
Сјаење
 
Светлината бледо преминуваше преку хоризонтот. Формираше облини и газеше по кривата линија. Ја пратев со поглед и тоа ме смируваше. Дополнително внимание добиваше за нејзината способност да ја претвори секоја боја во златна. Ми беше јасен напорот каде се заплеткуваше во густата коса. Сепак вешто наоѓаше пат да се пробие и да го плисне секој сноп врз моето лице. Се поместив. Префрлувајќи го хоризонтот ме сечеше на половина. Нејзиното бедро преку мојот стомак. Со сенката од мојата дланка го милував врз стомакот. Ги топев прстите во спокојната форма. Надвор од мене не се случуваше ништо. Надвор од мене она само спиеше.
 
Отиден...
 
Сјајот од нејзиниот намаз за усни го зароби целото мое внимание... Зборовите лизгаа по стаклената површина, го прекршуваа фокусот. Јас и онака зјапав со сите сетила, не ни сакав да знам што ми зборува, ако воопшто ми зборува на мене... Бевме само ние двајца, но имаше навика да зборува како да е сама. За мене се беше тивко. Немаше опкружување и природа. Но немаше ни празнина. Немаше никаков звук од моето срце и моето дишење. Можеби е навистина сама и не ми се обраќа мене...

И покрај фактот што овој

И покрај фактот што овој конкурс завршува за сите подеднакво и јас лично сум против објавување на дела надвор од рокот-ова се солидни раскази.Мој фаворит-Одам,од Дракон...

 Interesno. Solidno.

 Interesno. Solidno. Nesekojdnevno. I jas sum za drakon...

 Odlicen konkurs i navistina

 Odlicen konkurs i navistina interesni i kreativni kratki raskazi, ubavo sto gi objavuvate pa mozime od vreme na vreme da smenime misli i voedno da se zamislime so nekoj od raskazite. Do sega najmnogu me natera da razmisluvam 'Sustina' od Drakon, navistina 
 Кои се тие? За што разговараат?
Што е суштината?!
 
Ako treba da odberime favorit definitivno Drakon!
 

ОкоБоли главаВицФото