Што е причина за Алцхајмеровата болест?

19.06.2019 02:02
Што е причина за Алцхајмеровата болест?

Неколку лаборатории на различни страни во светот, независно една од друга, чекор по чекор дошле до одговор на прашањето кое со децении ги измачува лекарите и милиони луѓе ширум светот - што е причина за Алцхајмеровата болест? Дури, изгледа дека откриле и како може да се запре развојот, па и да се намалат симптомите на оваа страшна болест.

Светските медиуми од неодамна ненадејно почнаа да предложуваат да посетите стоматолог или невролог доколку непцата ви крварат кога ги миете забите. Имено, болестите на непцата предизвикани од бактеријата Porphyronomas gingivalis, освен што ги уништуваат забите и оралното здравје, изгледа дека се причина и за Алцхајмеровата болест. Меѓутоа, токсините од оваа бактерија можат да се блокираат со лекови и така да се запре напредокот на Алцхајмеровата болест, или дури да се намалат симптомите. Оваа година ќе започне голема клиничка студија со која се испитува дејството на овој лек, а се споменува и вакцина против Алцхајмер, односно за бактеријата причинител.

Доколку клиничката студија го даде резултатот на кој се надева научната заедница, ова би можело да се смета за едно од поголемите откритија на 21 век, со оглед на тоа дека, според податоците на Светската здравствена организација, во светот живеат околу 30 милиони луѓе кои страдаат од Алцхајмерова болест. Секои две децении бројот на заболени се зголемува двојно и во моментов деменцијата (а Алцхајмерот убедливо е најголема причина за деменција) е петтата најчеста причина за смрт. Болеста е многу почеста во неразвиените и средно развиените земји, а најголема епидемија во наредните децении се очекува во Кина и Индија.

Симптомите вообичаено се појавуваат постепено како заборавеност или губење краткорочна меморија или губење чувство за време, околу 60-та или 65-та година од животот, но болеста рапидно напредува и влијае на говорот, самостојноста, движењето, фината моторика итн. Дијагностицираните пациенти вообичаено живеат уште три до девет години.

За причината за Алцхајмеровата болест забрзано се трага со децении и постоеја мноштво хипотези, од тоа дека причината има врска со генетиката, преку повреди на главата па до висок притисок. Една анализа полажа дека од 1998 до 2014 година се забележани 123 неуспешни обиди за развивање лек за Алцхајмеровата болест, а секој таков обид за лекување предизвикуваше жестока полемика и големо незадоволство кај научната заедница, како и меѓу финансиерите на истражувањата.

Новите откритија поврзани со токсините од бактеријата Porphyronomas gingivalis се уште пострашни кога знаеме дека околу една третина од луѓето имаат болести на непцата. Дали сите тие во староста ќе боледуваат од Алцхајмерова болест?

Истражувачите објаснуваат дека со развојот на Алцхајмеровата болест е поврзана акумулацијата на протеинот тау и амилоидите во мозокот зашто тие ги уништуваат невроните. Таа врска се испитува долга низа години, но не беше доволно уверлива. Имено, утврдено е и дека е можно тие да се присутни во мозокот но дека не ја предизвикуваат болеста и затоа оваа претпоставка во многу наврати е напуштана и преиспитувана.

Арас Резваниан

Имено, анализата на мозоците на луѓето кои живееле подолго од 90 години и до крајот на животот задржале одлично паметење, покажала дека дури и нивните мозоци, посматрани под лупата на научниците, ги покажуваат сите знаци на напредна Алцхајмерова болест, пред сѐ значајна количина на амилоиди и таканаречен плак. Меѓутоа, заради некоја причина, болеста не била изразена.

Арас Резваниан од универзитетот Нортвестерн во Чикаго, наведува дека сите тие луѓе имале некаков механизам за заштита од токсичните протеини и Алцхајмеровата болест, додека други тврделе дека очигледно тој плак нема врска со алцхајмерот. Дури, обидот за отстранување на плакот доведува до уште полоша состојба, отекување на мозокот...

Изгледа дека сега најпосле откриле - амилоидите не се причина за болеста, туку начин на кој телото се бори со бактеријата, но не се нужно и симптом на болеста. Имено, една неодамнешна студија ја начна оваа тема испитувајќи ја врската помеѓу памтењето и присуството на бактеријата Porphyronomas gingivalis во крвта. Испитаниците кои имале орални проблеми и висок титар не биле вешти ни во проста математичка операција - одземање броеви. Колку повеќе бактерии имало, толку била полоша состојбата на мозокот.

Потоа, врската е докажана и со тестирање на глувци - кога истражувачите ги заразиле со оваа бактерија, глувците почнале да создаваат протеини во мозокот, а болеста почнала да се развива. Фармацевтската компанија Кортексим од Сан Франциско, САД, која го водела ова истражување, потоа на заболените глувци им дала антибиотик кој ја уништува оваа бактерија, меѓутоа, неговото дејство не било толку ефикасно и бактеријата набрзо станала резистентна.

Затоа развиле супстанца, таканаречен инхибитор на бактериска протеаза, која го блокира создавањето штетни протеини и кај веќе заболените глувци инфекцијата се намалила, како и создавањето амилоиди, а некои оштетени неврони дури и опстанале.

Иако веќе со години во медиумите повремено се појавува по некој сензационалистички наслов дека Алцхајмеровата болест наскоро ќе може да се излекува, новото истражување и досегашните тестови кои неодамна беа објавени во списанието „Science Advances“ сепак даваат многу повеќе надеж. Трудот е потпишан не само од фармацевтите од споемнатата калифорниска компанија, туку и од истражувачи од вкупно 13 угледни универзитети и медицински центри кои здружено дошле до истиот заклучок, кој е на истиот пат со оној кој кружи со децении.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото