Дали сè уште ви расте мозокот?

24.05.2021 03:47
Дали сè уште ви расте мозокот?

Меѓу информираните лаици, но и меѓу повеќето стручњаци прифатено е тврдењето дека човековиот мозок експлозивно се развива кај новороденчињата и малите деца и дека тој процес полека забавува на возраст од 5 или 7 години, за впрочем да запре некаде околу дваесеттата година.

Оттука и толкавиот притисок на новите родители кои, исплашени од приказните за значењето на раниот развој, како и конечноста, своите штотуку проодени деца на сите начини се обидуваат да ги подучат странски јазици, букви, спортови... зашто тоа не може да се надомести подоцна. Што сме направиле дотогаш - сме направиле. Лаички кажано, сме добиле мозок кој после раната младост може да биде само помал или помалку функционален.

Овие тврдења обилно ги злоупотребува индустријата за наставни помагала, паметни играчки и разни детски и родителски курсови и часови, која живее од родителската грижа и потребата да вложат многу труд и пари за нивните деца да успеат во овој конкурентен, нов свет.

Сепак, повремено може да се слушне и некој друг, релевантен глас кој вели дека идејата за раниот развој (и конечноста на развојот на мозокот) е сосема неточна. Едно ново истражување штотуку потврди дали луѓето во текот целиот живот произведуваат нови клетки во мозокот кои ги користат за учење и памтење.

Имено, најголема дебата се води за случувањата во делот од мозокот кој се вика хипокампус и кој е задолжен за краткорочно и долгорочно памтење како и меморијата која ни помага да се снајдеме во просторот.

Кај бебињата во хипокампусот се создава огромен број нови неврони, но досегашните студии доаѓаа до податокот дека ништо ново не се случува после пубертетот. Овој заклучок е донесен врз основа на испитувањата за промените на мозокот кај глувците и некои други животни.

Сепак, новиот важен труд во списанието „Сел Стем Сел“ се занимава со луѓето и покажува дека нови неврони се создаваат и кај возрасните, во целиот животен век. Д-р Маура Болдрини од Универзитетот Колумбија во Њујорк, која го водеше ова истражување низ шега додава дека „изгледа луѓето навистина се поразлични од глувците“ и кај нив создавањето неврони нагло опаѓа со текот на годините.

Болдрини со своите колеги ги посматрала хипокампусите на 28 луѓе, мажи и жени, на возраст од 14 до 79 години и тоа не на скенери туку - во живо. Тоа биле хипокампуси на генерално здрави луѓе кои починале само неколку часа претходно, па овој тим можел да види како кај нив се формирале крвните садови, да го посматраат бројот и волуменот на клетките како и нивната „зрелост“ и разни други важни показатели.

Во еден дел од хипокампусот постојат специфични „мајки клетки“ од кои се создаваат „ќерки клетки“ кои потоа се делат и прават многу нови клетки и така се создаваат неврони. Порано се сметаше дека постои конечен број „мајки клетки“ и дека нивниот број опаѓа како што старееме.

Меѓутоа, се покажа дека ние сè уште произведуваме огромен број неврони, дури и ако имаме помалку „мајки клетки“, појаснува Болдрини, напоменувајќи дека тие со староста можат послабо да се „вмрежуваат“.

Резултатите на оваа студија предизвикаа неверување кај многу стручњаци со оглед на тоа дека тие се спротивни на повеќедецениското убедување. Но, ова не е прва студија која сугерира дека мозокот се развива и во зрелите години.

Пред повеќе од една деценија беше спроведено едно интересно истражување меѓу лондонските таксисти - научниците ги снимале нивните хипокампуси и утврдиле дека во просек се поголеми од хипокампусите на обичните луѓе. Тоа е така зашто тој дел од мозокот е одговорен за способноста за снаоѓање во просторот.

Имено, колку подолго работеле таксистите, особено оние со стаж од 40 па и повеќе години, имале поголем хипокампус и неговата структура е променета, објасни тогаш д-р Еленор Мегваер, која го водеше ова истражување. Веројатно затоа за работното место таксист не мора да се подготвувате од рана возраст, туку доволно е во некој момент во животот само да седнете зад воланот и со тек на време ќе станете мошне успешни во таа работа. Како и во која било друга.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Gerda Steiner & Jorg Lenzlinger

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото