Политичарите не се експерти во спорот помеѓу Бугарија и Македонија

13.01.2022 21:25
Ако се сака, има решенија и за говорот на омраза и непочитувањето на човековите права во Бугарија и Македонија. Ама, дали се сака?


Говорот на омразата и човековите права се експертски теми, за кои политичарите, едноставно, не се доволно стручни да зборуваат – впрочем, како и за историјата.

Да, говорот на омраза е голем проблем помеѓу Бугарија и Македонија – доста е пишувано на таа тема последниве децении. Говорот на омраза стана уште поголем проблем откако политичките елити во Бугарија се обидоа партиски да ја злоупотребат историјата и да го искористат македонското прашање во политичките кампањи на последните неколку избори во Бугарија.

Добар дел од бугарските политичари и медиуми беа генератор на негативни стереотипи кон Македонија, ширеа дискриминаторски говор кон Македонија, Македонците, македонскиот јазик, македонската историја и култура, а неретко поттикнуваа и омраза кон Македонците, Македонија и се што е македонско. Исто така, добар дел од политичарите и медиумите во Македонија генерираа негативни стереотипи кон Бугарија и Бугарите или реагираа на говорот на омраза со говор на омраза, особено по бугарското вето кое го перципираа како непријателски чин, а не како израз на добрососедство.

Да, и непочитувањата на човековите права на Македонците во Бугарија и македонските Бугари во Македонија, е исто така проблем, за кој експертите за човекови права може да понудат решенија. Има и конкретни пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои даваат јасни насоки како да се подобри состојбата со човекови права на Македонците во Бугарија и на македонските Бугари во Македонија.

Едноставно е, ако политичарите сакаат решенија на овие експертски проблеми, треба да повикаат експерти – и меѓународни и домашни, кои ќе работат на решавањето на проблемите со говорот на омразата и непочитувањето на човековите права во Бугарија и Македонија.

Меѓутоа, не гледам дека има искрена политичка волја во Бугарија и Македонија за решавање на споменативе проблеми, туку поскоро гледам обид за политизирање и на говорот на омраза и човековите права, исто како што бевме сведоци на политизирање на историјата кое доведе до тотална блокада на работата на комисијата за историски и образовни проблеми.

Ваквото нестручно мешање на политичарите во стручни теми како што се говорот на омраза, човековите и малцинските права, и историјата, не придонесува за добрососедски односи туку за продлабочување на проблемите – за понатамошно ширење на говорот на омраза, за натамошно непочитување на достоинството и човековите права, и за дополнителни политички и медиумски злоупотреби на историјата.

Накусо, политичарите се најголемиот дел од тековните проблеми помеѓу Македонија и Бугарија – истите политичари кои ги злоупотребуваат историјата, говорот на омраза и човековите права, притоа вешто глумејќи дека се дел од решението на проблемите, кои самите ги создаваат.

Илустрации: Daniel Garcia
Извор: Цивил Медиа

ОкоБоли главаВицФото