Процут на фашизмот во изјаловениот 21 век

22.06.2022 12:47
Процут на фашизмот во изјаловениот 21 век

Кусиот дваесетти век, како што го нарече Хобсбаум, се роди 14 години подоцна од неговиот час, во неочекуваниот грч на истоштената бременост на деветнаесеттиот век. Надносениот век се роди во трескотот на дотогаш најкрвавата и прва по ред планетарна војна, која пак породи дури две модернистички револуции што потоа, во меѓусебната епска борба, ќе ги обележат практично сите 75 години од најкусиот век. Тоа беа Октомвриската револуција, единствен обид за реализација на врвот на филозофската и моралната еволуција на човечкиот вид, и фашистичката контрареволуција која, пак, го претставува дното на човековата историја и крајното исходиште на разорното повеќевековно дивеење на либералниот капитализам.

Овие две спротиставени движења се кошкаа и се колваа дваесетина години по Голема војна, подзапрена но не и разрешена, за да експлодираат во најголемата од сите војни, втората по ред светска, која не беше друго до смртен вресок на првата, што со себе повлече и 70 милиони човечки души. Овој, се надевавме последен Армагедон, се водеше помеѓу обединетите фашистички сили на Европа, диригирани од Хитлерова Германија од една страна, и Советскиот Сојуз од другата. Додека во Европа се одвиваше епската битка помеѓу фашизмот и социјализмот, Велика Британија ги водеше на други континенти своите војни за спас на империјата и нејзините колонии со Германија и Јапонија, а САД, покрај водењето на својата империјалистичка војна за доминација над источна Азија и Пацификот, успеаја да ја заработат и најголемата финансиска добивка од почетокот на времето. Така што, вистинската цена што САД и ВБ ја платија за победата над Хитлеровата Германија и фашизмот е многу помалку од 10 отсто од вкупната, додека 90-те крвави отсто од победата ја платија народите на Советскиот Сојуз и машките деца во униформи на Црвената армија, кои со своите коски го обелија патот од Москва до Берлин.

Се разбира, отпосле, победата беше поделена на друг начин, а не според заслугите, па денес, по десетици години сурова пропаганда и перење на мозоците на повеќе генерации луѓе од „слободниот свет“, во Европа и во Америка е масовно лажното убедување дека армиите на САД и на ВБ биле тие што ја ослободиле Европа од Хитлеровата чизма и од фашизмот. А тој, фашизмот, иако бил воено победен, идејно, економски и биолошки се провлекол без големи загуби, па успеа – низ преродбата во глобален неолиберализам – не само да преживее до ден-денес, туку и да стане неприкосновениот планетарен хегемон. Колку и да е грда пораката од старата поговорка, таа веродостојно го опишува одложеното исходиште на Втората светска војна и денешниот триумф на фашизмот. Да, звучи горко и цинично, веќе напишано неодамна на овие страници, но толку повеќе вистинито, та ќе го повторам. За жал и срам, но само мртвите жртви го видоа крајот на фашизмот.

Недоносениот 21 век, кој закмека десет години пред својот календар, уште од својата колепка го овозможи возвратниот удар на поразените фашистички и колаборационистички сили од Втората светска војна. А тие, по својот стар рецепт, направија коалиција меѓу финансиската олигархија и малограѓаните од сите меридијани, ја споија политичката и економската моќ и го доведоа на целата планета на власт новиот срамежлив фашизам, кој не сака да биде наречен со тој озлогласен поим. Како што тоа Фридрих Хабел го има виспрено искажано во неговите „Дневници“: Кога ќе се изјалови некоја револуција, се изјаловува и целото столетие, зашто со тоа малограѓаните ги добиваат противдоказите право в раце. Поради тоа, и 30 години подоцна, ние го живееме векот на изјаловената светска социјалистичка револуција, јаловиот 21 век, векот на нормализираниот капиталистички тоталитаризам, добата на тоталната идејна импотенција и политичка неимагинативност и медиокритетство, векот на малограѓанштината и полуобразованите празноглавци.

Но, како тоа толку озлогласен и презрен, фашизмот може повторно да ги освои масите, ќе прашате. Фашизмот е реверсот на либералниот капитализам, него повторно и одново го раѓаат нормалните кризи на разорната капиталистичка алчност за раст и профит. Тоа се кризи што овој периодично и закономерно ги произведува, зголемувајќи ги нееднаквостите меѓу луѓето, ограбувајќи ги општите добра и уништувајќи ја човековата иднина. Кога либералниот капитализам ќе ги создаде мизерните услови за живот, гневот и енергијата на очајните што ги ограбил тој секогаш ги пренасочува со истиот трик. Ова трикче успева без промашување, та бесот на ограбените човечки маси редовно го претвора во војна. Наместо против самите ограбувачи – владејачките финансиски и политички елити, тие гневот на малите луѓе секогаш го свртуваат кон другиот, особено доколку тој е од друга вера или нација, со друга култура или идентитет. Од тој магионичарски трик, како бел гулаб од темната дупка на мајсторовата шапка, со весело удирање на крилјата, се појавува секогаш новиот фашизам.

Незабележливоста на глобалниот тоталитаризам се должи на неговата сеприсутност, на моќната повеќедецениска пропаганда што го претвори во нормалност, во единствената стварност што може да ни се случува, во вечна состојба во која „слободниот свет“ е целиот безалтернативно нурнат. Токму оваа банална присутност е како перде фрлено преку очите на свеста, та фашизмот не се забележува и таму каде што вулгарно и насилно ги разоткрива од под ѓоа демократското здолниште своите обраснати чепунки. Баналноста на фашистичкото зло ја затскрива и природата на бугарското вето. Мотивите за ветото и неговото објаснување во озлогласениот меморандум се нескриената, но чудно незабележителна суштина на фашизмот: тоа е ветото на крвта и земјата, идеолошката срцевина на секој фашизам.

Целиот објаснувачки меморандум и сите бугарски мотиви за нивното вето, сите нивни ресентимани, јадови и историски бедотии можат да се сведат на тој единствен принцип: крвта бугарска што тече низ нашите жили и земјата бугарска по која незаслужено газиме, нарекувајќи ја македонска. Blut und boden е моќната идеологија што стои зад бугарското вето. Кога еднаш ова ќе го прогледа човек, кога ќе го тргне од свеста пердето од бесмислени флоскули за добрососедските односи, низ кои, галиба, ќе сме ја дофтасале Европа, ќе сфати дека патот до недостижната јавачка на биколикиот Зевс никогаш не водел, и никогаш не ќе води кон и низ Бугарија, туку во обратна насока, околу и подалеку од неа.

Слики: Irene Vonneuendorff
Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Европа / Свет / Историја
Став / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото