Дали Израел е фашистичка држава?

03.11.2023 12:13
Дали Израел е фашистичка држава?

 

Дали повеќедецениските политики и практики на државата Израел можат да се споредуваат со нацистичките и фашистичките практики и политики? Дебатата по ова прашање е жива од основањето на државата Израел во 1948 година. Последниве децении таа дебата добива интензитет, а деновиве како да доживува кулминација. Ќе понудам неколку аргументи зошто сметам дека Израел спрема Палестинците (а во поново време и спрема Израелците) спроведува фашисоидни политики.

Се разбира, мојот прилог кон расправата е теориски, принципиелен, граѓански и политички. Не е квантитативен, се трудам да не споредувам баби и жаби. На фашизмот гледам како на структурен и малиген политички проблем, кој нема универзална генеза и развој, но постојат сличности во различните пројави на фашизмот, и во историјата и во современата политика. Треба да научиме тие сличности да ги препознаваме. И да бидеме јасни и принципиелни: злото што фашизмот го предизвика во 20 век, на целата планета, а пред сè во Европа, е неспоредливо дури и во пошироки историски рамки. Евреите токму беа застрашувачки најголеми жртви на дијаболичното зло придвижено од германскиот фашизам. И затоа, меѓу другото, се деликатни споредбите меѓу различните форми на фашизмот.

Историјата, општо е познато, се повторува, често и како фарса или изобличување, а некогашните жртви понекогаш стануваат крвници. Битно е да знаеме да ги читаме политичките и историските знаци не само за да го разбереме судирот меѓу Израел и Палестина (кој секогаш имал потенцијал да се разгори во многу поголема, верска војна), туку и заради другите планетарни жаришта и заради превенција спрема другите практиканти на фашизмот, ширум светот. Израел воопшто не е осамен барајќи ефикасни политички алатки меѓу одамна искованите фашистички орудија. Rадикалните десничарски, т.е. нацистички ресентимани и пракси растат и во Европа, САД, Русија, на Балканот и на други места, а политички фашисти, под нови имиња, ги полнат парламентите насекаде.



Важен аргумент дека Израел ги следи нацистичките политики од триесеттите години на 20 век е примената на концептот Lebensraum ‒ „ширењето на животниот простор“ кое го применуваше нацистичка Германија. Експанзионизмот од самите почетоци на израелската држава стана државотворен принцип за етничко чистење и територијално ширење. Јешајаху Лејбовиц, угледен еврејски интелектуалец, во 1982 година предупреди дека со политиката на окупација Израел е во опасност да пропадне во „јудеонацизам“.

Се разбира, Израел не се шири како Хитлерова Германија (таквата споредба е депласирана, со оглед на размерите), но начинот на кој се освојува палестинската територија е ноторен Lebensraum.

Во 2015 година Офер Касиф, предавач на политички науки на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, рече: „Мислам дека е фер да се споредува Израел со Германија во 1930-ите, но не со годините на геноцид. Преминавме во една сосема поинаква фаза во историјата на оваа земја. Сега сме Германија од 1930-ите“.

Условите во кои живеат Палестинците на окупираните територии наликуваат на услови во концентрационен логор. Во 2002 година португалскиот писател, добитник на Нобеловата награда, Жозе Сарамаго ги спореди условите во Рамала со концентрационите логори и, во разговор, коментираше дека гасните комори „ќе бидат тука наскоро“. Во 2005 година чилеанскиот писател Луис Сепулведа напиша: „Во Аушвиц и Маутхаузен, во Сабра, Шатила и Газа, ционизмот и нацизмот одат рака под рака“.

Израелските политики наликуваат на фашистички и поради државниот повеќедениски расизам и апартхејд против Палестинците, кој деновиве се претвора во геноцид. Но, онечовечувањето на Палестинците не е од вчера; Голда Меир во 1969 гордо изјавила дека Палестинците не постојат. Израелскиот министер за одбрана Јован Галант неодамна рече дека Израел води борба „против човечки животни“.



Енормната милитаризација е една од највидливите и најопасните особини на фашизмот. Нагласената милитаризација создава идеална почва за тоталитаризам. Израел е екстремно милитаризирано општество, и буџетски и правно и психолошки. Таа земја, на пример, и во светски рамки предничи во производството на оружје и во развојот на технологиите за надзор. Ги користи масовно и бесправно, дури и против палестинските деца. Таквата склоност кон тотално владеење подразбира и огромен број луѓе по затвори.

Популистичкиот национализам и манупулирањето со чувството на жртва исто така се карактеристични за фашизмот и за израелските политики во континуитет. Затоа пропагандата и контролата на перцепцијата и информациите се исклучително важни и стануваат, за жал, воени (а не демократски) алатки и ресурси. Државната израелска пропаганда е планетарно раширена и врши „контрола на штетата“ и демонизација на противникот, сеедно дали е политички, идеолошки или воен. Израелските жртви, на пример, секогаш имаат имиња, а палестинските жртви се безимени. Во 2009 година британскиот пратеник Џералд Кауфман рече дека израелското оправдување за смртта на 1000 Палестинци со образложение дека „500 од нив биле милитанти“ претставува „нацистички одговор“ и дека истата логика се применувала во Варшавското гето.

Пропагандата на државата Израел има фашистички особини поради бескрупулозноста и непочитувањето на пошироките морални и хуманистички принципи. Израелската војска уби десетици новинари, без сериозна истрага. „Државната безбедност“ е пресудниот фактор кој во миг ги укинува сите стекнати права и слободи. За волја на вистината, Американците се оние што најфанатично ја применуваат оваа „сакрализација“ на „државната безбедност“ (слична на Шмитовата „вонредна состојба“ која божем привремено го укинува демократскиот поредок).



Израел не почитува важни меѓународни конвенции, особено оние поврзани со човечките права. Актуелната влада на Бенјамин Нетанахју се труди да ги ограничи темелните човечки и демократски права не само на Палестинците туку на сите граѓани. Јувал Харари, израелски професор по историја и меѓународно познат автор, пред два месеци ги коментираше мерките на Нетанахју: „Ова дефинитивно е пуч. Израел е на пат да стане диктатура“.

Нетанјаху притоа со страшна нацистичка демагогија ги „теши“ Евреите, пумпајќи го националистичкиот балон до прскање: „Израел не е земја на сите свои граѓани, туку е земја на еврејскиот народ; исклучиво негова.“ Славој Жижек ја коментираше страшната изјава на израелскиот премиер: „Зарем ваквите зборови не исклучуваат какви било преговори? Палестинците се третирани исклучиво како проблем, а државата Израел не им дава никаква надеж во земјата во која живеат.“

Партијата Ликуд на Нетанахју, впрочем, потекнува од партијата Херут, произлена од еврејскиот тероризам пред и по војната за независност од 1948 година. Уште тогаш таа партија била обвинувана (меѓу другото и од Хана Арент и Алберт Ајнштајн) дека е слична со нацистички и фашистички партии.



Една година пред формирањето на Хамас, во 1986 година, израелскиот воен гувернер на Газа, генералот Јицак Сегев, призна дека „даваме одредена финансиска помош на исламските групи преку џамии и верски училишта за да помогнеме да се создаде сила која ќе се спротивстави на левичарските сили кои ја поддржуваат PLO“ (Палестинската ослободителна организација). Радикалниот исламизам на Израелците им се чинеше покорисен од секуларното движење Фатах.

Според еврејската легенда, големиот воин Самсон завршува „без очи во Газа“, како што напиша славниот Џон Милтон. Филистејците го ослепеле и го впрегнале бескрајно да врти огромен воденички камен, без можност да излезе од кругот. Во спектакуларното самоубиство Самсон ќе се одмазди со тоа што ќе го уништи филистејскиот храм, убивајќи ги противниците и себеси.

Приказната треба да биде херојска, но повеќе наликува на бајка за озлобена залудност, вели Финтан О Тул. Суровоста раѓа суровост, додека не остане ништо друго освен меѓусебно уништување.



Стрип кадри: Alex Blum - САМСОН (1940)

Слични содржини

Европа / Свет / Историја
Општество / Книжевност / Историја
Свет / Историја
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото