Адам Смит, нашиот современик

10.08.2022 14:41
Адам Смит, нашиот современик

 

Ако ве интересира каков е односот на класата и моќта во денешна Британија, доволно е да погледнете што значи „регулацијата“ за работната сила, а што за компаниите. На едната страна регулацијата се сведува на воведување сè построги ограничувања кои ги попречуваат работниците при заштитата на своите интереси, ако тоа на кој било начин ги загрозува интересите на работодавачите. На другата страна, за компаниите регулацијата значи понатамошно укинување на сите преостанати ограничувања, дури и ако на тој начин на најмонструозен начин се загрозуваат интересите на работните луѓе.

Владата неодамна усвои нов закон кој на компаниите во случај на штрајк им дозволува да ангажираат слободна работна сила која ќе ги замени штрајкувачите - практично, штрајкбрехери со благослов од државата. „Некогаш тоа беше кривично дело. Денес е во согласност со законот“, твитуваше министерот Кваси Квартенг, откривајќи ни ги на тој начин ставовите на државата во областа на работничкото право веројатно и повеќе одошто му била намерата.

Новиот закон е одговор на низата штрајкови организирани минатиот месец, како и најава за „лето на незадоволството“ кое следи. По една деценија стагнација на платите, соочени со инфлација која се приближува до двоцифрена бројка, многу работници дојдоа до заклучок дека понатамошното намалување на реалните заработки е неприфатливо.

Тоа е последен чин во 50-годишниот крстоносен поход започнат 1971 година со усвојување на Законот за индустрија чии цели беа неутрализирање на синдикатите, сузбивање на штрајковите, ставање вон закон на сите облици на солидарност, како што е приклучување кон штрајкувачи во протест, и давање најшироки овластувања за компаниите кои стекнале право не само да ги разбиваат штрајковите туку и да делат откази и еднострано да ги менуваат условите за вработување.

Тоа не беше прв обид на владата да донесе ваков штрајкбрехерски закон. Манифестот на Конзервативната партија од 2015 година предвидуваше „укинување на сите бесмислени ограничувања кои ги спречуваат работодавачите да ги заменат штрајкувачите со дополнителна работна сила“. Предлогот не влезе во Законот за синдикатите од 2016 година зашто регулаторниот одбор заклучи дека е контрапродуктивен и „не им одговара на поставените цели“.

Овојпат истиот предлог е усвоен. За работниците „регулацијата“ стана со закон уредено потчинување кон интересите на работодавачите, и покрај тоа што предлозите на законот се очигледно лоши и ги критикуваат и самите работодавачи и агенциите за вработување.

На денот на усвојување на анти-синдикалниот закон заврши и истрагата за пожарот во Гренфел тауер по речиси четири година јавни сослушувања и малку повеќе од 5 години по пожарот кој на 14 јуни 2017 однесе 72 животи. Наодите од истрагата јасно зборуваат за вистинската смисла на гореспоменатата изјава: „Некогаш тоа беше кривично дело. Денес е во согласност со законот“.

Истрагата го разоткри сиот неморал на системот кој ги занемарува и презира обичните луѓе, систем кој е проектиран да им го одземе гласот, а на некои и животот. Истрагата ги откри целосните размери на некомпетентноста и корупцијата кои ги проткајуваат сите сфери на јавниот живот во модерна Британија. Ги осветли практиките на приватниот сектор кој, со зборовите на Питер Апс, новинар кој се истакна со некои од најдобрите извештаи во текот на истрагата, и не се обидува да ја сокрие „безобѕирната рамнодушност спрема светот - моралот, чесноста, безбедноста - што не носи финансиска корист“.

Компаниите ги прикривале резултатите од противпожарните тестови кои покажале катастрофални својства на материјалите користени за обложување згради и знаејќи го тоа обезбедувале непрописни атести и инсистирале на нивно користење, иако знаеле колку се опасни. „Наша главна работа е да лажеме“, се пофали еден вработен.

Тоа им го дозволиле институциите и законодавците кои, со зборовите на Апс, „отфрлале сè што го нарушува статус квото, покажувајќи убиствен цинизам и решеност по секоја цена да ја заштитат репутацијата на институциите“. На дело не е само рамнодушност, туку и очигледна намера да се отстранат сите пречки кои ги спречуваат големите компании да прават што ќе посакаат. Практично, на компаниите им е овозможено сами да ги дефинираат правилата, во име на „борбата против непотребната бирократија“. Една година пред пожарот владата објави дека времето за инспекција на системот за противпожарна заштита е скратено од 6 часа на 45 минути и се фалеше со тоа како голем успех.

Кога настрадаа шест луѓе во пожарот во Лаканел хаус на југот од Лондон во 2009 година, инспекторите издадоа препораки за измена на прописите за противпожарна заштита. Брајан Мартин, функционер кој тогаш беше надлежен за насоките за противпожарна заштита во градежништвото, ги отфрли предлозите како „неосновани“ и ѝ даде препорака на владата да одговори дека „нема намера да менува нешто“. „Должни сме да им одговориме, не сме должни да ги бакнуваме во задникот“, им напиша на колегите, упорно повторувајќи дека дополнителни прописи „не би биле во интерес на корпоративна Британија“. Оние кои по тој повод изразија загриженост беа обвинети дека создаваат проблеми онаму каде што ги нема.

Кога се во прашање работниците, владата инсистира на прописи кои ќе ги спречуваат во обидите да го одбранат животниот стандард. Кога е во прашање „корпоративна Британија“, прописите на компаниите даваат најшироки можни права, дури и ако тоа резултира со загрозување и жртвување на животите на луѓето.

„Склоноста кон дивеење и речиси обожавање на богатите и моќните, и презирањето или, во најмала рака, занемарувањето на сиромашните и лицата со просечна состојба“ ни е „потребно“, иако токму таму се наоѓа „причината за крварењето на нашите морални чувства“, пишуваше Адам Смит во 1759 година во Теорија на моралните чувства.

Тоа „крварење“, објасни подоцна во Богатството на народите, произлегува оттаму што ниедно општество не може „да напредува и да биде среќно“ ако „мнозинството негови припадници живеат во сиромаштија и беда“. Но таквата склоност ни е потребна „заради воспоставување и одржување на разликите во општествените положби, како и за одржување на важноста на општественото потекло“, неопходно за функционирањето на пазарот. Бидејќи „богатството на богатите предизвикува бес кај сиромашните“, богатите мора да ги штити „моќната рака на правдата која секогаш е подготвена да ги казни“ сиромашните.

Двесте и педесет години подоцна речиси ништо не е променето. Многумина негодуваат заради нееднаквоста. И многумина се сложуваат дека државата мора да прави сè во склад со „интересите на корпоративна Британија“, од понатамошна дерегулација до намалување на данокот на добивка, верувајќи дека целта на законот е да продолжи да ги штити богатите од „бесот на сиромашните“ со понатамошно ограничување на правата на синдикатите и штрајкувачите. Таков е односот на класата и моќта во денешна Британија.

Карикатури: JOHN HOLCROFT

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/

Слични содржини

Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото