1014 hPa
61 %
23 °C
Скопје - Пет, 17.05.2024 18:38
А - Ајде да разговараме. Ми изгледаш разбран.
Б - Ајде. Иако повеќе се чувствувам разбрануван, а не разбран...
А - Разбран разбрануван?
Б - Може така. Попрецизно е.
А - Оти разбрануван не значи неразбран, зарем не?
Б - Мислиш, луд?
А - Можеби повеќе лут отколку луд?
Б - Да речеме дека е така: повеќе сум лут отколку луд. Оти, се рекло, подобро е збран и арен отколку неразбран.
А - Разбраниот поседува разбор.
Б - А неразбраниот поседува разгор.
А - Би можело да се каже. Разгор предизвикува раздор.
Б - Не би рекол. Раздор предизвикува отсуство на разбор. А разбор настанува низ разговор, не? А разговорот богами знае и да се разгори...
А - Разговорот се разгорува низ таканареченото разборување (или разбрборување). Пример: „Двајцата разбрани се разборија...“
Б - „Двајцата разбранувани се разборија и се степаа. Или: Се разборија и се разболеа...“
А - Се разболеа до раздор.
Б - Се разгореа до безумие.
А - Ете, дојдовме до тоа: раздор предизвикан од разгор. Дотолку: разгор што води во неум.
Б - Дотолку: раздор што ни со разбој не може да се закрпи.
А - „Разговорите фатија таков развој што разбраните меѓусебно си станаа неразбирливи.“
Б - „Разбраните беа толку избирливи што станаа неразбирливи.“
А - „А потоа, таков развој фатија разговорите што разбраните се развојуваа, како разбојници...“
Б - „Божем разбраните избрани претставници всушност се покажаа како разбојници и лудаци.“
А - „Таквиот разгор, се разбира, доведе до развод.“
Б - „Таквиот развој, предизвикан од неразбор, доведе до раздвој.“
А - Фала ти за разборитиов разговор.
Б - Фала ти тебе, за разгорот во разговоров.
Слики: Heinz Geilfus (1890-1956)