Птичји весник

22.12.2023 16:55
Птичји весник

 

Книгата „Птичји весник“ е составена од кратки раскази или стихови или духовити записи за птици, проследени со илустрации.

Освен книжевно-уметничка книгата има и орнитолошка вредност зашто запознаваме стотина видови птици, низ збор и слика. Книжевно-уметничката забава за деца и возрасни, значи, има и своја едукативна страна.

Книгата е особено интересна и од јазичен аспект. Покрај уживањето во хуморот игрите со зборови, читателите можат и да ги научат имињата на птиците од Македонија, не толку широко познати.

„Птичјиот весник“ е важен за нашата средина и поради својата еколошка димензија: ги развива љубовта кон птиците и знаењето за нив, и укажува колку е важно да ја познаваме и сочуваме природата околу нас.

Книгата ќе биде промовирана на Темплум саемот во среда (26.12.) во 18 часот во културниот центар Бруталиск.

Во продолжение пренесуваме неколку страници од книгата.


Гугутка избркала пеперутка од јаготка!

 

Мало црноглаво грмушарче стоело врз глуварче!

 

Ветрушки душкаат темјанушки и шушкаат во грмушки!

 

Лисесто циганче украло ланче од нубиско страче!

 

Жолтоглаво кралче и лисесто циганче заедно живеат во поштенско сандаче!

Рибарче спасило муварче паднато во бунарче!

 

Страче во страк трева нашло раче сираче!

 

Кралче во контејнер, во шалче, нашло маче!

 

Гуска гушкала ветрушка!

 

Жолтарче запалило шума со жарче од парче стакло!

 

Карполазач побарал за партнерка карпеста треперка!

 

Црвеноврат нуркач и црноврат нуркач видени со вртивратка и црвеногушка!

 

Црноопашна блатарка и чапја лажичарка се степале за кадрав пеликан!

 

Лазач грнчар и краткопрст ползач на треперка ѝ понудиле пиперка!

 

Црвената јужноамериканска Макао Долорес видена со африканската Турако Колорес!

 

Сврака џвака мусака за малата чачалака!

 

На малата чачалака мусака ѝ носи и големиот курасо!

 

Бекас крка ананас и карас, а бекасина нектарина и сардина.

 

Костеноушест аракари и токо во Мароко се скачкале со две ари (модроцрвена и жолтомодра), за кари.

 

Тоди и лори се антиподи. Тоди е омнивори, а лори јаде полен и црцори.

 

Штрчето што стрчело

Едно штрче меѓу птички стрчело.

А зошто? Зашто цврчело!

Врапчето цвркотело, славејчето црцорело,

А штрчето - небаре штурче!, или црцорец! - цврчело!

Ете заради тоа меѓу птиците стрчело.

За авторите

Пандалф Вулкански е уредник, писател,преведувач... Ги напишал следниве книги за деца и (духовно) млади: Призрак против Сенка (поврзани раскази, 1993), Текстилна поема (сликовница, 2016, со Ѓорѓе Јовановиќ), Девет преобразби во чудната шума (песни, 2021), Панда во дрон (стрип за деца, заедно со Ристо Аврамовски) и Пргавиот зајак (сликовница, со Будимка Поповска, 2023).

Алексеј Костовски е графички дизајнер и илустратор. Црта од рана возраст, поттикнат од стриповите и видео игрите. Во средношколските денови создава илустрации, учествува на ликовни натпревари и членува во онлајн заедници, унапредувајќи го знаењето. По дипломирањето на факултетот за Дизајн и Мултимедија се насочува кон илустрација. Kако 3Д артист, аниматор и илустратор работел низа проекти за домашни и странски клиенти.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото