Бедата на личното искуство

03.07.2023 00:45
Бедата на личното искуство

Во немилосрдната трка за вниманието на јавноста и парите на огласувачите, сопствениците и уредниците на медиуми користат разни средства и тактики. Притоа главно не се внимава премногу за статусот на стандардните новинарски жанрови, видови и рубрики. Така, меѓу „жртвите“ на намерите на монетизацијата на нашето внимание се најде и традиционалниот новинарски вид: интервјуто. Интервјуата не исчезнаа, само во незанемарлив број случаи се преименувани. Значи, повеќе не читаме интервјуа, туку исповеди. Од деловна перспектива, преименувањето не зачудува: исповедта сугерира изнесување на сопствената интима, лични тајни или пикантерии кои инаку ѝ се недостапни на пошироката јавност и со самото тоа се атрактивни.

Меѓутоа, тука не станува збор само за прилагодување на деловните одлуки на вечната и непроменлива љубопитност на масата која ја интересираат исклучиво личните животи на познатите и помалку познатите, а не нивните општествени и политички ставови. Дури и ако се работи само за тоа, политичката димензија не изостанува. Популарноста на разните содржини кои нудат исечоци од животите на богатите и славните се заснова на одреден вид класен воајеризам. Недостапните животни навики секогаш се интригантни, а ги поттикнуваат и мечтаењата за класна мобилност. Таквите соништа секогаш се политички. Но, како што рековме, тука не станува збор само за тоа туку и за симптомот, како што би рекле интелектуалците од традиционалните културни институции - духот на времето.

Имено, живееме во време кое го обележува мошне специфична „хиерархија на вистината“. Мошне често како привилегиран толкувач на реалноста - социјална, здравствена, историска, климатска - се третира личното искуство или личното сеќавање. Поамбициозните обиди за „објективно“ согледување на реалноста се деградирани на разни начини. Постојат политички проекти кои во нив гледаат манипулации на елитите, а постојат и политички идеи кои во нив гледаат лажни алибија за теоријата за класна доминација. Со оглед на тоа дека реалноста ни е структурно недофатлива и дека секоја склоност кон нејзино „објективно“ опфаќање води кон некаков вид тоталитаризам, ни преостанува само да се потпреме на објективноста на пазарот и ценовните сигнали и автентичноста на сопственото искуство кое никој не може да ни го оспори.

Трансформацијата на интервјуто во исповед е само еден од примерите за фаворизирање на личниот пристап како толкувач на реалноста. Познатиот италијански историчар Енцо Траверсо во новата книга „Singular Past: The ‘I’ in Historiography“ се занимава со подемот на субјективистичкиот тренд во историографијата. Пишувањето историја „во прво лице“ доживеа значајна популарност изминативе децении и ги олабави крутите правила на дисциплината. Траверсо смета дека овие придонеси можат да бидат интересни и вредни и дека секогаш треба да се доведува во прашање „објективноста“ на историографијата, но дека структурно нè оневозможуваат во поисцрпното разбирање на минатото.

Траверсо смета дека воспоставувањето на неолиберализмот како фаза на капитализмот придонесе за привилегиран третман на индивидуализмот и конкуренцијата.

Честата превласт на личното над општественото, објективното или научното, доживеа кулминација за време на пандемијата. Иако, со оглед на заразноста, се работи за случај кој по дефиницја бара општествени решенија, отпорот кон вакцинирањето се засноваше речиси исклучиво на сакралноста на личната одлука. Таквата сакралност на личната одлука поинаку се „манифестираше“ со оглед на класната припадност. Оние од пониските класи ја користеа таквата аргументација за најпосле да можат да си приуштат некаков ефективен отпор кон „елитите“, а оние од повисоките класи едноставно не сакаа да бидат дел од поширокиот општествен проект: приватниот лекар, скапата диета и личниот тренер ќе го направат своето.

На привилегиран третман на личното искуство не е имуна ни левицата. Постојат бројни „сцени“, атмосфери и движења на левицата во кои со премолчен декрет сте лишени од можноста да имате став за некоја тема ако не сте ја почуствувале на сопствената кожа. И во таа смисла самата премиса не е спорна: жртвата на дискриминација или некој што искусил некаква општествена траума нужно мора да стане субјект на политичко превладување на општествените односи кои генерираат дискриминација и трауми. Меѓутоа, од тоа не произлегува заклучокот дека единствено тие смеат и можат да зборуваат за причините на општествените проблеми. Исто така, таквата поделба на улогите ги претвора од субјекти на промена во сведоци на трауми. И доведува до крајно проблематична ситуација во која левицата веќе не е инфраструктура за солидарност за сите загрозени туку само сцена на која се одвива натпревар по загрозеност. Кој ги „покрива“ најзагрозените групи, тој е најавтентичен претставник на левицата. Не е спорно дека на таа личност ѝ е најтешко, но така сигурно не се гради движење кое ќе ѝ го направи животот полесен.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jazz Keillor

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото