Одрастот е редистрибуција. Ако си земал премногу, мораш да вратиш

29.09.2023 00:46
Одрастот е редистрибуција. Ако си земал премногу, мораш да вратиш

Кохеи Саито е јапонски филозоф и вонреден професор на Универзитетот во Токио. Саито ги проучува екологијата и политичката економија од марксистичка перспектива. Неговата книга „Капиталот во антропоценот“ го разбуди интересот за марксистичката мисла во Јапонија.

Вашиот централен концепт и политички предлог е комунизмот на одрастот. Дали можете да го дефинирате овој концепт? Зошто не само комунизам или зошто не само одраст? Каква е теоретската или политичката позадина на комбинирањето на овие поими?

За почеток, комунизмот на одрастот не е политичко барање, но и политички повик за замислување свет отаде капитализмот. Имено, се мачиме со капитализмот, особено последниве триесетина години по колапсот на Советскиот сојуз и решенија за проблемите настојуваме да најдеме исклучиво во рамки на капитализмот. Мислам дека денес, со оглед на димензиите на еколошката криза, повторно дојдовме до точка во која мораме да бараме идеи кои го надминуваат капитализмот. Мислам дека овие два мошне провокативни термини - одрастот и комунизмот - се адекватни како повик за заеднички теоретски труд. Ги упатувам моите марксистички пријатели и оние од таборот на одрастот да учат едни од други и да изградат заедничко движење зашто задачата е мошне тешка. Комунизмот, а особено социјализмот, историски е поврзан со изразено продуктивистичките идеи, но таа асоцијација е присутна и денес, особено во САД, како на пример во списанијата како што е Јакобин. Но ако сакаме брзо да постигнеме трансформација во посткапиталистичката економија не е доволно да се вложат значајни средства во електрични автомобили или нови извори на енергија, мораме да го редуцираме бројот на автомобили кои ги произведуваме или количината енергија што ја користиме. Значи, мораме да се откажеме од технофетишизмот и продуктивистичките и конзумеристичките идеи, дури и од оние кои начелно се поврзани со социјалистичките идеи. Мислам дека комунистите на одрастот, социјалистите, марксистите, мораат да го редефинираат поимот изобилство. Од друга страна, промоторите на одрастот не се нужно антикапиталисти. Оние кои се мошне релевантни меѓу нив сметаат дека можеме да ги задржиме пазарот и приватната сопственост и дека е доволно да воведеме некакви даноци и да ги регулираме емисиите на јаглеродот. Мислам дека тоа е неодржлива перспектива и дека за воведување на одрастот е нужно фундаментално да ја преиспитаме основната логика на капиталистичките односи и моќта на парите и стоката. И мораме да планираме. Мораме да планираме што не сакаме и што сакаме. Мораме да ги ограничиме рекламите, да ги забраниме приватните авиони и крузерите итн. И, би рекол, тоа во голема мера е антикапиталистичко барање. Значи, одрастот мора да биде антикапиталистички. И мислам дека комунизмот на одрастот или екосоцијализмот треба да бидат темел на револуционерната политика денес. Па дури и ако го воведеме социјализмот, растот сè уште ќе биде проблем. Некои луѓе мислат дека со надминувањето на законите на капитализмот само по себе ќе дојде до одржливо производство и дека би можело да се произведува и повеќе само затоа што веќе не сме во капитализам. Но не е така.

Небаре планетата сама ќе стане социјалистичка па веќе не би имало проблеми...

Да, да. Некои лоши појави, како фосилните горива, би биле лоши и во социјализмот. Значи, таквите нешта некогаш се занемаруваат во социјалистичката литература и се претпоставува дека надминувањето на капитализмот е предуслов за создавање одржливи технологии. Не сум сигурен. Мислам дека концептот на метаболизмот ни демонстрира дека Маркс ја препознавал оваа основна теза и дека идното општеството го замислувал токму така. Не постои некоја фенси технологија која ќе го надмине законот на природата или пак по технолошки пат да се дојде до некакво покорување на природата. Мораме да го успориме нашиот технолошки оптимизам и така да отвориме простор за дијалог со претставниците на одрастот. Тие всушност го велат истото и истражуваат други можности за среќа, добар живот, задоволување на нашите основни потреби... Еве еден добар пример. Мислам дека мора да работиме помалку. Работиме претешко и премногу часови. Мислам дека ако би работеле помалку, ако поминуваме повеќе време во природа, со семејството, ако се занимаваме со спорт или слична активност, ќе заработуваме помалку и ќе произведуваме помалку, но ќе можеме да се чувствуваме посреќно, да бидеме поздрави и да водиме посмислен живот. Тоа се нештата на кои ние социјалистите би требале да посветиме внимание.

Дали мораме да го користиме поимот одраст? Дали всушност можеме да се вратиме кон класичниот вокабулар и да кажеме дека се бориме за организација на производството врз основа на задоволување на човечките потреби, а не за профит, зашто и здравата и одржлива животна средина денес едноставно е уште една човечка потреба? Ве прашувам зашто поимот одраст е мошне чуден и невешт, звучи премногу академски, и речиси е невозможно да се користи во секојдневната политика или во политичките програми.

И тоа е важно, баш како што кажавте, основните потреби денес ја вклучуваат природата, екологијата. Токму за тоа станува збор кога Маркс зборува за метаболизмот. Нагласува дека луѓето се дел од природата и кога е загрозен метаболизмот со природата, исто така се загрозуваат и условите за нашиот напредок, и затоа Маркс бара екосоцијалистичко општество. Разбирам дека поимот одраст е многу академски но, од друга страна, поимот комунизам е многу негативен. Мојата книга е мошне популарна, но додека пишував уредникот ме предупредуваше да не користам поими како што е комунизмот зашто книгата нема да се продава, но едноставно морав да го користам и концептот комунизам на одрастот зашто стана популарен во Јапонија. И покрај тоа многумина ме критикуваа заради таквиот речник зашто тој ги плаши луѓето и активира разни предрасуди. Како филозоф настојувам да ги редефинирам сликите на овие концепти и да ги направам Маркс, социјализмот и комунизмот поатрактивни. И ми се чини дека донекаде успевам во тоа. Нештата се променети, дури и во САД помладите луѓе бараат социјализам. Се обидувам да придонесам за такви трендови во Јапонија, но и во Европа. Од друга страна, одрастот е само негација на растот и со самото тоа не носи ништо позитивно и затоа го комбинирам со комунизмот за да го направам поконкретен. Се работи за еднаквост, напуштање на БДП како мерка, напуштање на профитот и слично. Но морам да кажам дека ни јас баш не го сакам овој збор зашто е премногу апстрактен. Мораме да најдеме нов термин и сакам да учествувам во такви дискусии со моите читатели. И мошне сум отворен за критика во таа насока. И за нови предлози.

Две поврзани прашања. Првото се однесува на обвинувањето на левицата со кое често се соочуваат заговорниците на одрастот, а тоа гласи дека се работи за „еколошки мерки за штедење“. Како одговарате на таквите обвинувања? Ми се чини дека за нивната уверливост најпрво придонесуваат зелените и еколошките партии во Европа кои често се претставуваат небаре само тие нешто забрануваат, ја менуваат културата на животот и патронизираат, а не нудат ништо за возврат. Второто е стандардното прашање кое не може да се пропушти кога станува збор за одрастот: дека можеме да зборуваме за иста политика за сиромашниот глобален југ и богатиот север?

Полесно е да се одговори на второто прашање. Не тврдам дека глобалниот југ денес би требало да му се „препушти“ на одрастот. Овој концепт заправо го користам против глобалниот север. Северот се карактеризира со прекумерен развој, а југот со недоволен развој. На глобалниот југ му треба повеќе вода, струја, образование, значи му треба раст. Јас сум за раст на глобалниот југ, што значи дека на глобалниот север му е потребен значаен одраст. Секако, тука се и Кина и Индија. Ако Кинезите сакаат да живеат како Американците, нашата планета е готова. Одговорноста на глобалниот север е да претстави нов облик на добар живот, поинаков вид изобилство, инаку Кинезите ќе ги имитираат Американците и тоа не е добро. Секако, таквата одговорност вклучува учење од глобалниот југ и од другите луѓе. Нашата претстава за добар живот и изобилство е дефинирана според комерцијални и капиталистички механизми и мораме да пронајдеме нова концепција на изобилството. Кога станува збор за забраните: не смееш да го имаш ова, не смееш да го имаш она... Некои луѓе кои денес имаат премногу ќе мораат да се откажат од тие нешта и тие се оние кои мислат дека транзицијата кон одрастот е штедење. Тоа значи дека имаат премногу во однос на мнозинството. Се работи за
еднаквост.

Значи, можеме да зборуваме за експропријација...

Да, ха, ха. Кога ќе земеш премногу, мораш да вратиш. Не станува збор за штедење туку за редистрибуција и компензација. Мислам дека ако работиме помалку, ако поминуваме повеќе време со пријателите и семејството, повеќе се занимаваме со хобија и спорт, и ако имаме загарантиран пристап до образованието, здравството, јавното домување, интернетот, што и да е, ќе имаме поинакво чувство на сигурност, поинаков вид среќа и задоволства, и многу луѓе кои страдаат денес ќе бидат посреќни. Мислам дека агрегатното ниво на среќа е зголемено и дека сите би можеле да уживаат во плодовите на развојот и технолошкиот напредок. И тоа не е штедењето туку почесна и поеднаква редистрибуција на богатството. Реализацијата на човечките потреби мораме да ја одвоиме од пазарите и стоките и тука се крие просторот за ново замислување на комунизмот. Комунизмот е она што е заедничко.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Rei Xiao

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото