Четири сценарија

21.07.2023 01:42
Четири сценарија

Во моментов во оптек се четири можни сценарија за непосредната иднина на глобалната економија. Три од овие четири сценарија носат сериозни ризици и потенцијално далекусежни последици за глобалните пазари.

Најпожелно сценарио е „мекото приземјување“ кое може да се очекува ако централните банки на развиените економии успеат да ја намалат инфлацијата на два проценти и притоа не предизвикаат рецесија. Втора можност е „полумеко“ приземјување, достигнување целна инфлација со релативно блага и кратка рецесија.

Третото сценарио е тврдо приземјување. Враќање на целната инфлација, но со долготрајна рецесија и потенцијално погубна финансиска нестабилност (кога поголем број банки и економски актери со високи коефициенти на задолженост ќе се соочат со проблем при отплата на долговите). Ако планот за задолжување на инфлацијата предизвика длабока економска и финансиска неизвесност, можно е и четврто сценарио: централните банки да се откажат од целната вредност и да се помират со висока стапка на инфлација, со што би ризикувале поттикнување инфлаторни очекувања и придвижување на спиралата за трка помеѓу надниците и цените.

Како што стојат нештата во моментов, еврозоната технички веќе е во рецесија, имајќи го предвид падот на БДП во четвртиот квартал од 2022 година и првиот квартал од 2023, но инфлацијата сè уште е далеку од целната стапка (иако почнува да опаѓа). Обединетото Кралство сè уште не е во рецесија, но растот нагло забави и инфлацијата тврдоглаво останува на високо ниво (над просекот за земјите од ОБСЕ). И во САД дојде до забавување на економската активност во првиот квартал, иако базната инфлација (онаа што ги исклучува цените на храната и енергијата) сè уште е висока (опаѓа, но надминува пет проценти).

Исто така, забавува и закрепнувањето на кинеската економија по пандемијата, што го доведува во прашање проектираниот раст по релативно скромна стапка од пет проценти за 2023 година. И во другите економии во развој растот е релативно анемичен во однос на потенцијалот (со исклучок на Индија), а многу од овие економии сè уште страдаат од висока инфлација.

Кое од овие четири сценарија е најверојатно? Иако во повеќето развиени економии инфлацијата е во опаѓање, процесот не се одвива со посакуваната брзина, делумно и затоа што недостатокот на работна сила и растот на надниците ги зголемуваат инфлаторните притисоци во работно интензивниот сектор на услугите. Исто така, експанзивните фискални политики ја стимулираат побарувачката и придонесуваат за вкоренувањето на инфлацијата.

Тоа на банките им ја отежнува задачата за обезбедување стабилност на цените. Пропадна надежта дека банките ќе се откажат од зголемување на каматните стапки и можеби ќе почнат да ги намалуваат во втората половина на 2023 година. Федералните резерви, Европската централна банка, Англиската банка и останатите централни банки ќе бидат принудени уште некое време да ги зголемуваат каматните стапки пред да ја направат првата пауза. Затоа економското забавување ќе биде сè повидливо, а ќе се зголеми и ризикот од економска контракција и должнички банкарски кризи.

Во исто време, геополитичките случувања - често сосема непредвидливи, како што беше бунтот на групата Вагнер - го туркаат светот во нестабилност, понатамошна деглобализација и сè подлабока фрагментација. Со оглед на недоволното постпандемско закрепнување, Кина веројатно ќе мора да прибегне кон поагресивни политики за стимулација - што може да придонесе за глобална инфлација - или ризикува значителен пад на стапката на раст во однос на очекувањата.

Од позитивна страна, ризикот за поширока банкарска криза е во опаѓање по пропаѓањето на неколку банки во март, а паѓаат и цените на некои стоки (делумно благодарение на очекувањето на рецесијата), што придонесува за намалување на инфлацијата. Затоа се чини дека ризикот од тврдо приземјување (третото сценарио) денес е помало од пред неколку месеци. Со оглед на упорниот раст на платите и базната инфлација која ги принудува централните банки да продолжат да ги зголемуваат каматните стапки, сè поверојатна е кратка и блага рецесија следната година (второто сценарио).

Сепак, и благата рецесија дополнително ќе ја поткопа довербата на потрошувачите и компаниите, што создава услови за продолжена и подлабока рецесија и го зголемува ризикот од финансиски и кредитен стрес. Соочени со можноста второто сценарио да ескалира во третото, централните банки би можеле да се откажат од прокламираните политики и да дозволат инфлација над целната стапка од два проценти во обид да избегнат ризик од понатамошно продлабочување на економската и финансиската криза.

Тоа значи дека монетарната трилема од почетокот на деценијава сè уште е мошне актуелна. Централните банки се пред мошне тешка задача за одржување на стабилноста на цените, стабилноста на економскиот раст (избегнување рецесија) и финансиската стабилност во исто време.

Какви се импликациите од овие сценарија за вредноста на имотите? Акциите во САД како и на глобалните пазари засега покажуваат тенденција на закрепнување во однос на 2022 година, додека приходите од обврзниците се во незначителен пад - што одговара на сценариото за меко приземјување на глобалната економија во кое инфлацијата успешно се сведува на целната вредност без контракции на економскиот раст. Исто така, акциите на технолошките компании во Америка добија значајна поддршка благодарение на прашината која се крена околу генеративната вештачка интелигенција.

Но дури и кратка и блага рецесија - да не зборуваме за тврдо приземјување - ќе донесе значаен пад на вредноста на акциите. Ако во тој момент се повлечат централните банки, тоа ќе ги зајакне инфлаторните очекувања, ќе ги зголеми приходите од долгорочните обврзници и ќе ги намали цените на акциите заради повисоките есконтни стапки за дивидендите.

Шансите глобалната економија да биде погодена од разорен ураган денес се малку помали од пред неколку месеци, но мораме да се подготвиме за тропска бура која може да направи значајна економска и финансиска штета.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Dave Granlund

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото