Иднината на банкарството

10.04.2023 12:22
Иднината на банкарството

Оваа банкарска криза е поинаква. Всушност, сегашната криза е многу подлабока од онаа од 2007-08. Тогаш пропаста на банките кои пропаѓаа една по друга можевме да им ја припишеме на распространетите измамнички дејства, предаторското кредитирање, заговорите на агенциите за рангирање, сомнителните банкари и на уште посомнителните финансиски деривати – а сето тоа беше последица на демонтирањето на регулаторниот режим за време на мандатите на политичарите одгледани на Волстрит, како министерот за финансии Роберт Рубин. Причините за денешните проблеми на банкарскиот систем имаат сосема поинакво потекло.

Да, банката Silicon Valley (SVB) неразумно го прифати екстремно високиот ризик на каматните стапки иако работеше главно со неосигурани големи клиенти. Да, Кредит Свис зад себе има долга и грда историја на соработка со криминалци, измамници и корумпирани политичари. Но, за разлика од 2008 година, овојпат немаше потреба да замолчување на свиркачите, зашто банките (главно) се придржуваа до поостри прописи воведени по 2008 година и билансите секогаш им беа во релативно добра состојба. Исто така, телата надлежни за надзор на банкарскиот сектор во САД и Европа овојпат не можат да речат дека беа измамени како во 2008 година.

Всушност, сите контролни агенции и централни банки одлично знаеја што се случува. Имаа целосен увид во моделите на банкарското работење. Јасно гледаа дека тие модели не можат да го преживеат значајното зголемување на долгорочните каматни стапки во комбинација со масовното повлекување депозити. Но не преземаа ништо.

Дали навистина не предвидоа дека ќе има наплив во банките на испаничени големи клиенти со неосигурани депозити? Можеби и не. Вистинската причина зошто централните банки не преземаа ништо во однос на ризичните деловни модели на комерцијалните банки е многу попоразителен: таквите деловни модели всушност се производ на постапките со кои централните банки се обидоа да го санираат финансискиот крах во 2008 година. За тоа беа сосема свесни и законодавците и креаторите на политиките.

Политиките имплементирани во САД и Европа по 2008-та – државен социјализам за банкарите и штедење за сите останати – создадоа два ефекти кои го обликуваа финансијализираниот капитализам во последните 14 години. Прво, со тие политики беа затруени парите од западните земји. Последица беше тоа што повеќе нема единствена номинална каматна стапка која може да ја поврати рамнотежата помеѓу побарувачката и понудата на пари и во исто време да спречи нов бран пропаѓање на банките. Второ, бидејќи е јасно дека не постои единствена каматна стапка која ќе обезбеди стабилност на цените и финансискиот систем, западните банкари претпоставија дека во случај на враќање на инфлацијата централните банки едноставно ќе ги зголемат каматните стапки и ќе им одобрат средства кои се потребни за да ги спасат банките. И беа во право: се случува токму тоа.

Пред тешкиот избор помеѓу сузбивање на инфлацијата и спасување на банките многу од централните банки очекуваат да го направат и едното и другото: да продолжат со зголемување на каматните стапки и да ја продолжат политиката на социјализам за банкарите усвоена во 2008 година. Ако не се промени ништо друго тоа е единствениот начин да се спречи понатамошно паѓање на банките како домино. Затегнувањето на монетарната јамка околу вратот на општеството и пружањето финансиска помош за банкарскиот систем е единствена стратегија која истовремено може да ги задоволи интересите на кредиторите и банките. Тоа е и најсигурен начин да се осуди поголем дел од општеството на непотребно страдање (заради високите цени и високата невработеност, иако би можело да се избегне и едното и другото) и да се создадат услови за следна банкарска катастрофа.

Да нема забуна, отсекогаш знаевме дека банките се проектирани да не бидат безбедни и дека сите заедно сочинуваат систем кој е структурно неспособен да ги почитува правилата на функционалниот пазар. Проблемот е во тоа што досега немаше алтернатива: банките беа единствен канал преку кој парите стигнуваат до луѓето (преку благајниците, филијалите, банкоматите итн.). Општеството е заложник на мрежа приватни банки кои ги монополизираа сите облици на плаќање, штедење и кредити. Но денес технологијата ни пружа добра алтернатива.

Замислете централната банка на секој граѓанин да му додели бесплатен дигитален паричник – што е всушност бесплатна банкарска сметка која носи камата според меѓубанкарската стапка на централната банка. Бидејќи сегашниот банкарски систем функционира како антисоцијален картел, централната банка би можела да премине на технологија на облак и така да овозможи бесплатни дигитални трансакции и штедење за сите. Од нето приходите може да се финансираат важни јавни добра. Ослободени од обврската парите да ги чуваат во приватни банки и прекумерно да плаќаат за привилегијата за користење на системот, луѓето би стекнале слобода да избираат дали и кога сакаат да ги искористат услугите на приватните финансиски институции кои посредуваат во распределбата на ризикот помеѓу заемопримачите и заемодавачите. Дури ни тогаш нивните пари не би ја напуштиле безбедноста на централните банки.

Крипто-братството ќе ме обвини дека предлагам централна банка во служба на Големиот брат кој ќе ги следи и контролира сите трансакции. Дури и ако го занемариме лицемерието на таквата забелешка – тоа се истите оние кои бараа централната банка веднаш да интервенира и да ја спаси Silicon Valley (SVB) од пропаст – не можеме да го превидиме фактот дека министерствата за финансии и многу државни агенции веќе имаат пристап до нашите трансакции. Приватноста би била посигурна ако сите трансакции беа концентрирани во централната банка под надзор на контролно тело, на пример комисија за монетарен надзор, која би ја сочинувале случајно избрани граѓани и експерти од широк круг на професии.

Банкарскиот систем каков што се подразбира и прифаќа денес како единствен можен, не е можно да се поправи. Тоа е лоша вест. Сепак, веќе не сме принудени да зависиме од приватна, рентиерски устроена мрежа на банки која е погубна по општеството, барем не онака како што досега зависевме од неа. Дојде време да го демонтираме банкарскиот систем кој е невозможно да се поправи, а кој им служи само на сопствениците на имот и акционерите на штета на мнозинството.

Рударската индустрија на потежок начин откри дека општеството не ѝ должи трајна лиценца за уништување на планетата. Време е да им одржиме слична лекција на банкарите.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Corrie Parks

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото