Последиците од мерките за штедење во Европа

04.08.2023 01:52
Последиците од мерките за штедење во Европа

Европејците во 2008 година генерално заработуваа 10 проценти повеќе од Американците. Минатата година Американците заработуваа 26 проценти повеќе од Европејците. Еден текст кој неодамна беше објавен во Wall Street Journal потврдува дека Европејците се сè посиромашни, не само како колектив, туку и поединечно. Овој шокантен пресврт е последица на незамапетените мерки за штедење кои европските влади им ги наметнуваа на своите економии по избивањето на големата глобална криза во 2008 година.

Програмите за штедење не ги погодуваат само ранливите популации на кои во тешки времиња им е потребна поддршка од државата; тие предизвикуваат и пад на обемот на инвестициите. Во секоја економија колективната потршувачка секогаш е еднаква на колективниот приход. Со значајно намалување на јавната потрошувачка во момент кога приватната потрошувачка веќе била во пад, европските влади дополнително го забрзаа опаѓањето на вкупниот приход.

Дали треба да нè чуди тоа што европските компании одбиваат да инвестираат во капацитети за производство на производи за кои потрошувачите веќе немаат пари? Мерките за штедење воведени по 2008 година го соборија нивото на инвестициите на целиот континент и ја турнаа Европа во секуларен пад.

Програмите за штедење секогаш прво и најтешко ги погодуваат јавните инвестиции. Заради релативната нееластичност на другите обврски на државите, како што се пензиите и платите во јавниот сектор, овој сегмент на фискална потрошувачка е најлесна мета кога треба да се ревидира буџетот. Трајните економски последици кои денес се видливи во Европа се резултат на долгорочните ефекти на мерките за штедење на инвестициите, како и погубното влијание на агрегатната побарувачка и приватната потрошувачка.

Повеќе од една деценија по избивањето на кризата нивото на јавните инвестиции во еврозоната (искажано како процент од агрегатниот приход) е помало од која било напредна економија или економски блок. Ако ја исклучиме Ирска (зашто нејзиниот БДП го вклучува и приходот на мултинационалните компании кој никогаш не доаѓа до Ирците), Германија, како најмоќна европска економија, се наоѓа на самото дно на листата европски земји според обемот на вкупните инвестиции.

Ако се занемарат луксузните добра (сегмент во кој доминираат компании како што се LVMH, Hermès, Porsche и Ferrari) и фудбалот, Европа полека се претвора во економско џуџе. Моќната автомобилска индустрија во Германија сè уште успева да го одржи нивото на производството, но додадената вредност што ја остварува е во долгорочен тренд на опаѓање.

Инвестициите во зелените технологии се недоволни. Батериите, вештачката интелигенција и дигиталните технологии, кои се двигател на глобалниот раст, ја заобиколија Европа. Не толку одамна, во 1990 година, на Европа отпаѓаа 44 проценти од глобалното производство на полупроводници; денес тој удел опадна на 9 проценти (САД произведуваат 12 проценти). Напредните технолошки компании речиси исклучиво се американски или кинески. Меѓу дваесетте водечки технолошки компании само две се европски - АМСЛ и САП.

Пандемијата предизвика привремено ублажување на мерките за штедење. Фискалните правила во ЕУ се суспендирани и државите издвојуваа големи суми за помош на загрозените компании. Најавено е формирање Фонд за опоравување, што многумина брзоплето го протолкуваа како хамилтоновски момент за европската економија. Но тоа, секако, не се случи (како што предупредував своевремено).

Пандемијата предизвика уште една глобална криза која ја ослабна позицијата на Европа во однос на Америка. Не само што одобрената помош во Европа беше помала од пакетот за помош усвоен во САД, туку и вкупниот ефект на секое потрошено евро на тој начин беше значително помал зашто европските влади пред сè им помагаа на компаниите, за разлика од САД каде поголем дел од парите директно им беше исплатуван на граѓаните. Бидејќи во време на криза компаниите помалку се подготвени да трошат пари (освен за купуање сопствени акции) отколку што тоа е случај со граѓаните, европската програма даде значително послаби резултати отколку што можеше да се очекува врз основа на висината на исплатените износи.

Економските историчари еден ден ќе ги анализираат финансискиот крах од 2008 горина, кризата на јавниот долг кој следеше потоа и пандемијата, како низа добри прилики кои не ги искористија европските елити зашто прибегнуваа кон мерки за штедење секогаш кога ќе им се укажеше можност за тоа. Повеќето коментатори бараат објаснување во ирационалниот страв од инфлација (на пример, сеќавањата на Германците на инфлацијата од времето на Вајмарската република), макроекономската некомпетентност и слични фактори. Секогаш тврдев дека мотивот пред сè е вкоренетото класно непријателство кон европските работници.

Независно од причините, факт е дека сега Европа се подготвува да ја повтори истата грешка и тоа во најлош можен момент. Додека нашите индустрии и инфраструктурата пропаѓаат заради недоволните инвестиции низ годините, САД поминуваат низ инвестициски бум благодарение на политиките на претседателот Бајден кој понуди огромни субвенции за компаниите (вклучувајќи ги и европските) подготвени да инвестираат во Америка, главно во зелените технологии.

Од друга страна, Европа планира да одговори на својот вообичаен начин: со повторно воведување фискални правила кои ќе значат враќање на политиките за штедење, истите оние кои веќе предизвикаа релативно осиромашување на Европа. Не е тешко да се погоди што следува. Веројатно ќе има разговори за основање инвестициски фонд со кој Европа треба да им парира на новите индустриски политики во Америка. Но, како и во случајот со Фондот за опоравување, конечниот резултат ќе биде разорачување и уште подлабока поделеност.

Бидејќи Европа ги губи позициите, а нејзиниот нето извоз во Америка и Кина продолжува да опаѓа (меѓу другото и заради политиките за „намалување на ризиците“ кои САД ѝ ги наметнаа на Европската унија), европските протекционисти ќе ги дочекаат своите пет минути, а бесот повеќе ќе го насочуваат кон Кина отколку кон Америка. Покрај високата цена за премин од евтиниот руски гас на скапоцениот течен природен гас кој се набавува од Мексиканскиот залив, може да се очекува и раст на цените на соларните панели (кои засега единствено Кина може да ги понуди по ниски цени), а тука е и вкупниот трошок за зелената енергетска транзиција.

Аналитичарите во Европа сè уште се преокупирани со грижите заради инфлацијата, што е разбирливо ако се има предвид дека нашите конгломерати ја искористија доминантната пазарна позиција да ги зголемат профитите додека трошоците за живот на населението се зголемуваа. Но под површината на економските случувања во Европа се крие една поголема опасност - тоа е новата рецесиска динамика на која веќе укажуваат податоците за паричната маса и вкупните инвестиции.

Човек не мора да биде пророк да да предвиди што ја чека Европа кога повторно ќе се насочи кон мерките за штедење. Животот во Европа ќе биде сè поскап, реалните заработки ќе опаѓаат и ќе има сè помалку квалитетни работни места. Како идеја и како ентитет, Европа ќе продолжи да се движи по сè потесната патека на која веќе десет години се наоѓаат повеќето работници во Европа.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Niv Bavarsky

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото