Стрипот е опасен!

11.08.2023 15:57
Стрипот е опасен!

Една од причините за слабиот теориски интерес за стрипот и графичката литература е влијанието на ставовите на двајца високопочитувани научници во 50-ите години на минатиот век: Фредрик Вертхам (Fredric Wertham), американски психијатар со германско потекло, кој во 1954 година ја напиша исклучително влијателната книга Заведување на невините (Seduction of the Innocent), и американскиот писател, филмски критичар, општествено ангажиран мислител и филозоф Двајт Мекдоналд (Dwight Macdonald), кој го срочи популарниот есеј Теорија за масовната култура (A Theory of Mass Culture) во 1953 г. Тие двајца всушност не биле благонаклонети кон целата популарна култура, не само кон стрипот.

Во книгата Заведувањето на невините стриповите се прикажани како опасна кич литература, директно одговорна за зголемениот опсег на криминал и малолетничка деликвенција во 50-ите години во САД. Веднаш по објавувањето книгата станала хит, а интелектуалната јавност, авторитетите во општеството и родителите ја доживеале толку сериозно, што бил предизвикан силен општествен аларм и антистрипска хистерија која резултирала со радикална кампања за цензура и забрана на стриповите. Кампањата била проследена со церемонијални палења на стриповите и нивно јавно жигосување како опасна појава. Фредерик Вертхам уверувал дека графички вознемирувачките слики во стриповите на насилство, секс, криминал, користење наркотици и сл., директно ги поттикнуваат и охрабруваат младите луѓе на слично однесување. Дополнително уверувал дека грозоморноста на цртежите и морбидноста на темите претставуваат нездраво (с)ликовно четиво за младиот човек кое ги поткопува основните морални вредности на општеството. Истото се случува и при скандалозните прикази на абнормални сексуално поведенија и непримерна женска голотија.

Забелешките на Вертхам не се однесувале само на популарните хорор стрипови, крими стриповите и gangster/murder ориентираните наслови, туку и на суперхеројскиот стрип кој дотогаш бил сметан за релативно безопасен. На удар на неговите критики најмногу била изложена издавачката куќа Entertaining Comic, попозната како EC Comics, во сопственост на Вилијам Гејнс (William Gaines), која во 40-ите и 50-ите во САД била специјализирана за воени, научно-фантастични, криминалистички и хорор стрипови. Нивните две најпродавани, според Вертхам и најопасни едиции, биле хорор серијалот Tales from the Crypt и општествено ангажираниот серијал Shock Suspen Stories.


Доктор Вертхам ја започнал својата борба против стриповите уверувајќи во нивната штетност за децата уште во доцните 40-ти на минатиот век кога ги објавил статиите: Horror in the Nursery во магазинот Collier's и The Psychopathology of Comic Books во научното списание American Journal of Psychotherapy. Во 1954-та година кога се појавила неговата книга Заведувањето на невините, започнувајќи ја вртоглавата продажба со зборовите „Hitler was a beginner compared to the comic book industry“ - ѓаволот веќе ја однел шегата.

Вертхам бил непоколеблив. Во заедничкото дејствување на супер-херојот и неговото супер-дете помошник (преземено од популарните стрипски радиодрами и од наративната радио потреба од уште еден протагонист), Вертхам видел опасна, незрела и морално ужаснувачка суптилна промоција не само на хомосексуалноста, туку и на хомосексуалната педофилија. Неговите анализи биле особено сосредоточени на Бетмен серијалот во кој препознал загрижувачко портретирање на односот помеѓу Бетмен и Робин како латентна и несомнена хомосексуалност која потсвесно ги поттикнувала младите кон истата. Во суперхеројскиот серијал Wonder Woman Вертхам препознал нешто уште повонмирувачко. Не само што самостојноста на оваа суперхероина го потсетувало на лезбејски модели на однесување кои ги охрабрувале младите девојки на самостојност, независност и сл., туку суптилно со нејзината способност и начин на справување со непријателите (врзувањето со ласото на вистината), авторот на стрип-серијалот Wonder Woman - Вилијам Марстон (William Moulton Marston), по зборовите на Вертхам, промовирал застражувачки сексуални аберации како што се BDSM и други парафилии (анг. bondage, discipline, sadomasochism). Вертхам во анализите на Супермен тврди дека е тој неамерикански и недемократски дизајниран лик со големо S кое безмалку потсетува на типографијата на нацистичкиот Schutzstaffel или на германскиот SS и дека неговото решавање на политичките проблеми со сила е апологија на тоталитарните фашистички општества.

Грозоморноста на сликите, особено од серијалите на EC, каде воопшто не недостасувала експлицитност на абјектните и зазорни визуелни сцени, како на пр. култната насловна страна со бодењето на окото од Mister Mystery број 12, била најсилното оружје на Вертхам. Книгата му изобилувала со стрип-панели и илустрации како неспорно сведоштво за неговите толкувања и коментари. Меѓутоа, издавачот, сакајќи да се поштеди од можни тужби од стрип-издавачите, не ја објавил комплетно и во детали стрипографската база на Вертхам. Во книгата се објавени само триесетина илустрации.

Заведувањето на невините во САД предизвикала жестока реакција на одредени граѓански кругови и родителски организации: почнале интензивни ритуални палења на стриповите во училишните дворови, политички протести на граѓански организации и родителски здруженија, информативни емисии кои ја подгревале антистрипската хистерија и уверувале дека директен причинител на малолетничката деликвенција се стриповите. По сите овие општествени превирања следувало вклучување и на највисоките политички тела во државата и носење радикални политички одлуки во однос на стриповите. Сенатот на САД формирал поткомитет за истражување на малолетничката деликвенција и тој во 1954 година одржал сослушувања на стрип издавачите.

Во име на издавачите на сослушувањето сведочел Вилијам Гејнс, сопственикот на EC Comics, кој во една инквизициска атмосфера, однапред јавно осуден, на Вертхамовите забелешки за вината на стриповите од страна на сенаторите и на нивното посочување на морбидните и зазорни насловни страни на стриповите од EC Comics, безуспешно одговарал дека децата и младите читатели знаат да разликуваат фикција која ги забавува, па макар и била крвава, од реалноста и општествената одговорност. Вилијам Гејнс се обидел да посочи во неговата воведна реч дека стрип издавачите имаат уставно право на интелектуална и креативна слобода и дека сенаторите и сите загрижени граѓани не само што не треба да стравуваат од овие забавни содржини, туку и дека со неоснованата грижа се потценуваат огромниот број пристојни и примерни млади луѓе и вљубеници во стриповите, и се доживуваат како монструмчиња кои прикриено и злобно одвај чекаат да го прочитаат стрипот и да тргнат во деликвентната акција. Одбранбениот говор на Вилијам Гејнс завршил со следниве зборови: „Вистинските чудовишта не ни читаат стрипови“.

Медиумите во САД не се фокусирале на аргументите на Вилијам Гејнс; напротив, во The New York Times следниот ден на насловната страна е објавена сензационалистичката вест за непристојната размена на ставови на Гејнс со сенаторот Кифер: на забелешка на сенаторот за тоа дали е вкусно на насловна страна да има визуелен приказ на крвава секира и обезглавена жена, Гејнс одговара: за хорор стрип – да. Медиумите го портретирале Вилијам Гејнс како неморален и бескрупулозен издавач, па тој и неговите стрипови станале пример за севкупното стрип издаваштво во САД.

Издавачите, свесни за целата атмосфера на линч и општествената немилост, и под политички притисок за целосна забрана, во 1954 година решиле да организираат автоцензорско тело и да усвојат автоцензорски код (правила што може да се објави, а што не). Тој автоцензорски документ е наречен 1954 Code Authority.

После ова стрип издаваштвото доживела стрмоглав пад. Согласно Comics Code Authority како документ произлезен од самоиницијативното волонтерско тело на издавачите, задолжено за самоцензура и преглед на секој стрип, стрип авторите и издавачите добиле (само)забрана да го презентираат криминалот на начин кој ќе предизвика симпатии, (само)забрана да ги преставуваат полицијата, судиите, владините функционери и претставниците на институциите на САД на начин кој ќе предизвика непочитување на нивниот авторитет. Дополнително биле обврзани во секој стрип доброто да го победи злото, а криминалецот да се најде зад решетки. Биле забранети стрип сцените со насилство, терор, хорор, обилно крварење, крвави и ужаснувачки убиства и криминални дејства, изопаченост, похота, садизам и мазохизам, сцени со зомби, мачења, живи мртовци, вампири, вукодлаци, канибализам и гулови. Недозволени станале и приказните кои содржат исмевање, вулгарност, простотилак и цинизам. Се донела и целосна забрана на било каква алузија, цртеж или приказ на незаконска или абнормална сексуалност, проследена со забрана за фигурално нагласување на физички квалитети на жените и мажите.

За среќа, во слободоумното општество како САД оваа цензура и стрипски конформизам предизвикала констернација. Наместо општествена ангажираност и зафаќање со политичките теми и критики, стриповите биле претворени во апологии на семејните и политичките конзервативни вредности, во неинвентивно досадни мелодрами, сапуници со банални романси и наивни приказни кои воопшто не ја разигруваат детската фантазија.

Таквата цензорска состојба траела релативно кратко, но отворила простор за алтернативната стрип сцена во која стриповите останале медиум кој ги покренува општествените прашања, ги изразува социјалните трендови, говори за надминување и преосмислување на моралните норми и правила, ги руши закоравените културни традиции и стереотипи, изразува политички ставови и стравови, филозофски ги рефлектира биолошките пориви и егзистенцијалните немири застапувајќи нови филозофски погледи и животни вредности.

Овој општествен потенцијал на стрипот, кој за време Comics Code Authority го одржувале само алтернативните стрип магазини како MAD, Arcade, Zap Comix и др., го препознале и mainstream стрип-издавачите и авторите, но и новите власти во САД по 70-ите години на минатиот век. На замолница до стрип-издавачите од страна на Министерството за здравство на САД за заедничка борба против растечката епидемија на хероинска зависност, DC и Marvel ги публикуваат 1971 година стриповите Snowbirds Don't Fly и Green Goblin Reborn како епизоди од серијалите за Green Lantern и Spider-man во кои експлицитно ја портретираат и осудуваат злоупотребата на наркотичките средства. На тој начин, во името на поголема општествена и морална цел, успешно и општествено ангажирано ги нарушуваат правилата на Comics Code Authority, по што тој престанува да важи и стрип-авторите и издавачите повторно ја добиваат креативната и интелектуалната слобода.

По овие ground-breaking настани, стрипот како поп култура која ја презема историската должност да биде нова економска, политичка и општествена сила, почна да ги преиспитува и жестоко поставува социјално-политичките прашања на тоа време: расизмот во САД, сиромаштијата и големото раслојување, политичката корупција на елитите, конзумеризмот, генерацискииот вредносен јаз, сегрегацијата, односот кон домородците, пренаселеноста, религиските култови и сл. Во новите околности и со препознавање на општествено-политичката сила на стрипот од страна на јавноста, се покажало дека книгата Заведување на невините Фредерик Вертхам повеќе ги завела и однела на погрешна патека политичарите и самопрогласените образовни авторитети во САД, отколку што го разгатнала стрипот како нова и влијателна поп-културна појава.

Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)

Уредување: П. В.

ОкоБоли главаВицФото