Папата во борба со конзервативците

08.09.2023 00:27
Папата во борба со конзервативците

На неодамнешната средба на папата Фрањо и исусовите свештеници во Лисабон на Светскиот ден на младите, еден свештеник го праша папата како се чувствува кога американските бискупи отворено го критикуваат начинот на кој ја води Римокатоличката црква. Тогаш, на изненадување на присутните, папата на сосема невообичаен и особено груб начин нападна дел од американските кардинали и бискупи.

Имено, ги обвини дека се заостанати, но мошне организирани и реакционерни. Рече дека инсистираат на тесна, застарена и непроменлива визија за Католичката црква и дека не ја прифаќаат целосната ширина на посланијата на Црквата и потребата за промена на доктрината со текот на времето.

„Би сакал да ги посетам овие луѓе дека заостанатоста е бескорисна. Правејќи го тоа, ја губите вистинската традиција и се насочувате кон идеологиите за да добиете поддршка. Со други зборови, идеологиите ја заменуваат верата“, истакна папата и додаде: „Наместо да се фокусираат на грижа за сиромашните и заштита на околината, тие исклучиво се залагаат за забрана на абортусот и дискусии за сексуалноста.“

Искривен поглед на доктрината

Папата Фрањо и претходно предупреди дека некои од водечките американски католици се претвориле во културни војници, а не во пастори, нудејќи им на верниците искривен поглед на доктрината на Црквата наместо здрава, добро заокружена вера. Ги нарече „индиетристи“, или заостанати луѓе кои не разбираат како можат да се развиваат моралот и верата.

„Овие американски групи“, рече папата, според транскриптот од состанокот од 5 август кој го објави католичкиот весник La Civiltà Cattolica, „наместо да живеат според доктрината, според вистинската доктрина која секогаш се развива и донесува плодови, тие живеат според идеологии.“ Заклучи: „Ако не ја промените насоката кон напред, одите назад... А учиноците на моралот се разорни.“

На забелешката дека тој конфликт би можел да предизвика раскол во Црквата, папата Фрањо воопшто не се вознемири туку мирно одговори: „Се молам да нема раскол, но не сум исплашен.“ Од почетокот на понтификатот папата Фрањо повторува дека црквата е дел од историјата, но не е нејзина тврдина и дека треба да се отвори и да биде меѓу луѓето за да размислува и да одговори на нивните предизвици.

Папата укажува на погрешни приоритети

Исто така, уште во 2022 година осуди значаен број групи на интерес - особено во САД - за кои рече дека сакаат „да им ја затнат устата“ на реформите на Вториот ватикански собор од шеесеттите, кој настојуваше да ја направи црквата попристапна за католиците. Обраќајќи им се на португалските свештеници истакна дека црквата низ вековите променила многу свои гледишта, на пример, за ропството и смртната казна.

Ако Црквата не се менуваше, раскажа неодамна еден германски бискуп, сè уште на клада ќе ги палеше наводните вештерки и интелектуалците кои ги пробиваа границите на науката. „Визијата за доктрината на црквата како монолит е погрешна“, истакна папата Фрањо. „Кога одите наназад, ги правите нештата затворени, одвоени од корените на црквата, а тоа го нагризува моралот“, рече папата.

Така за некои проблемот со мигрантите е само секундарно прашање во споредба со „тешките биоетички прашања“. Фокусирањето на прашањата за сексуалниот морал наместо на прашањата за социјална правда е во конфликт со неговата визија за вистинска црква.

Американското конзервативно лоби

Иако повеќепати беше во конфликт со американските бискупи, овојпат папата во пресметката отиде подалеку. Кога пред неколку дена на собирот на исусовците во Чиле рече дека го нарекуваат еретик, многумина сметаа дека тоа е претерано, дека постои отпор кон неговата политика, но дека конфликтот со архиконзервативците сепак не е толку разгорен.

За посетата во Африка во 2019 година рече дека добро финансирани верски и медиумски групи, заедно со еден дел од американските кардинали и бискупи го поткопуваат неговиот понтификат. Заклучи дека „му е чест што го нападнале Американците“. Уште тогаш можеше да се насети дека тој конфликт отиде предалеку и дека веќе нема да има нормална соработка помеѓу папата и американската Католичка црква која ја предводи ултраконзервативното лоби.

Дел од аналитичарите сметаат дека папата Фрањо стана поостар и послободен по смртта на Бенедикт XVI, кој беше симбол за католичките конзервативци и кој отворено му се спротивставуваше. Освен тоа, папата кој има 86 години и не е со добро здравје, пред своето заминување сака сосема да се осигура дека ќе дојде до реални промени на доктрината.

Борба за угнетените малцинства

Лучета Скарафија, историчарка и поранешна уредничка на ватиканското списание, утврди дека папата чувствува дека има малку време па реагира и зборува побрзо од претходно. „Тоа е многу важно. Низ годините стекна и поголема самодоверба зашто сфати колку силни следбеници има“, рече.

Во својата апостолска опомена од 2018 година на темата светост, папата Фрањо напиша дека грижата за мигрантите и сиромашните е подеднакво света како и противењето на абортусот. „Нашата одбрана на невините неродени, на пример, мора да биде јасна, цврста и страствена. Меѓутоа, подеднакво свети се животите на сиромашните, веќе родените, бедните, напуштените...“, напиша.

Ги повика свештениците да примаат и служат луѓе кои се хомосексуалци, разведени и повторно венчани. Ужаснатите екстремни конзервативни критичари веднаш го обвинија папата дека ја разводнил верата со нејасен пасторален акцент кој ги замаглува - или понекогаш ги брише - црковните традиции и централните начела.

Некои свештеници споменуваат раскол

На разговорот во Португалија призна дека одржувал чести, топли состаноци со трансродови лица, што дополнително ги разгневи ултраконзервативците. „Она што воопшто не ми се допаѓа е тоа што на таканаречениот грев на телото гледаме со лупа“, рече, според англиската верзија на транскриптот објавен во La Civiltà Cattolica.

Кардиналот Рејмонд Берк, поранешен американски надбискуп и ватикански службеник кој се смета за идеолог и водач на американските католички конзервативци, предупреди дека неодамнешната бискупска синода во октомври може да доведе до раскол во Црквата.

Имено, таму ќе учествуваат и лаици, вклучувајќи и жени. Во книгата, која сугерира дека состанокот ќе ја отвори Пандорината кутија со проблеми, кардиналот Берк напиша дека таквата соработка води до „збрки и грешки, заправо до раскол“.

„Папата предизвикува теолошка анархија“

Во јавното писмо објавено неодамна, бискупот Џозеф Стрикленд предупреди дека многу „темелни вистини“ на католичкото учење би биле оспорени на синодата и злокобно најави неизбежен раскол. Оние кои „би предложиле промени на она што не може да се промени“, предупреди, „се вистински расколници“.

Пречесниот Џералд Мареј, њујоршки канонски адвокат и свештеник, кого папата Фрањо го обвини за „ѓаволско дело“, одговори дека папата сака да ја искористи синодата за да го одбрани својот проект од критики. Полибералните свештеници и католиците лаици ги поздравуваат настојувањата на папата да забрза и либерализира одредени аспекти на црковната доктрина.

Истовремено, реакционерните кругови во рамки на Католичката црква остро се противат на неговиот отворен пристап во однос на муслиманските мигранти, неговата загриженост за животната средина и неговиот благ однос кон разводот, соживотот и хомосексуалноста. Таткото Томас Вејнанди, поранешен главен секретар на Одборот бискупи за доктрина во САД, го обвини папата Фрањо дека предизвикува „теолошка анархија“.

На синодата ќе учествуваат и жени

На синодата на почетокот на октомври ќе се соберат сите бискупи, ќе се дискутира за црковната политика и учењата. Во работниот документ на Ватикан од јуни се наведува дека ќе се дискутира како Црквата да се направи погостољубива за ЛГБТК+ лицата и разведените католици. На синодата за првпат ќе бидат присутни лаици, од кои половината ќе бидат жени. Папата исто така одлучи дека тие првпат ќе можат да гласаат.

Денот пред почетокот на синодата, на 30 септември, папата Фрањо на 21 бискуп ќе им подели кардиналски шапки. Истакна дека новите кардинали ќе ја претставуваат универзалноста на глобалната црква и нераскинливата врска помеѓу папата и бискупиите ширум светот. Од 21 нов кардинал, 18 се помлади од 80 години и ќе имаат право на глас во конклавата кога ќе се избира нов папа.

Така кардиналскиот избор ќе има вкупно 127 членови. А тоа е значително над границата од 120 членови која ја постави папата Павле VI. Но и папата Јован Павле II и Бенедикт XVI исто така не се придржуваа до ова ограничување.

Диверзитет во Кардиналскиот собор

Откако беше избран во 2013 година, папата Фрањо го преуредува Кардиналскиот собор во подготовките за следната конклава која ќе го избере неговиот наследник. Соборот го направи поинтернационален, помалку европски, помалку куриски, повеќе пасторален и помалку идеолошки. Како и секој папа пред него, така и папата Фрањо именуваше кардинали кои го поддржуваат неговиот проект за модерна црква.

Откако ќе ги именува новите кардинали на следниот конзисториум во Кардиналскиот собор ќе има дури 72 проценти од 137 кардинали кои ги постави тој. Бидејќи за избор на нов папа е потребно двотретинско мнозинство, кардиналите кои ги именуваше би можеле да изберат некого дури и ако сите останати кардинали гласаат против.

Останаа само 7 проценти кои ги именуваше папата Јован Павле II и 21 процент кои ги постави папата Бенедикт. Како резултат на таквата политика на папата Фрањо, географската застапеност во Кардиналскиот собор драматично се промени во корист на земјите во развој.

Кардиналите од земјите во развој

Дури околу половината кардинали доаѓаат од овие земји, во споредба со 35 проценти кои учествуваа на конклавата во 2013 година на која беше избран папата Фрањо. Најмногу се зголеми бројот на кардинали од Азија и Африка, а најмногу изгуби Италија, која со 24 проценти од кардиналите, падна на 11-то место.

Многу изгуби и источна Европа која од некогашните 9,4 проценти падна на 5 проценти. Благодарение на тоа европскиот контингент меѓу кардиналите кои го избираат папата падна од 52 проценти во 2013 година на 38,7 проценти.

Папата Фрањо успеа да го трансформира Католичкиот собор, а на сличен начин тоа го направи и со Хрватската бискупска конференција, во која останаа само неколку бискупи кои ги именуваа папата Јован Павле II и папата Бенедикт XVI. Еден странски дипломатски претставник во Ватикан оцени дека папата Фрањо е мајстор за стратегии кој ги постигнува своите цели „криејќи се и со лукавство“.

„Папата е навистина одлучен и цврст“

Порадо ги преместува луѓето отколку директно да се соочува или да ги отпушта. Но повремено покажуваше дека не се крие од директен конфликт и успешно се соочуваше со предизвиците од неговото владеење зад кои беше кардиналот Берк од Редот Малтежани. „Не се повлекува, навистина е одлучен и цврст“, па така одлучно одбива да промовира одредени надбискупи во кардинали кои не му се по волја и така им го ускратува правото на глас во конклавата која го избира папата.

Во други случаи едноставно ги чекаше и прифаќаше оставките на бискупите кога достигнуваа возраст за задолжително пензионирање. До неодамна сите ватиканолози тврдеа дека папата ќе го обезбеди своето наследство ако успее во конклавата да внесе што повеќе кардинали кои го поддржуваат и кои се негови истомисленици. Очигледно успеа во тоа, но тоа не значи дека за следен папа ќе биде избран либерален реформатор.

Имено, полибералните кардинали, особено оние од Африка и Азија немаат нужно прогресивни стојалишта за жените и хомосексуалците. Тие можат да бидат економски либерални, но културни конзервативци.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.telegram.hr/