Пет држави во светот кои немаат реки

26.07.2022 01:56
Пет држави во светот кои немаат реки

Во светот кој се дели на речиси 200 држави, природните ресурси не се поделени „солидарно“. А во светот во кој сè почесто се зборува за недостиг на вода, некои држави се сосема лишени од нешто што често се подразбира, а тоа се реките.

Додека Русија има илјадници реки, една голема и богата држава нема ниедна.

Земји без ниедна река има повеќе отколку што некој може да замисли, околу 15, а ова се некои од нив.

Либија: Реките доаѓат и поминуваат

Северноафриканската пустинска земја не може да се пофали со ниедна постојана река.

Она со што може да се пофали е таканаречената Голема река, која е направена од човечка рака. Станува збор за огромен систем на цевки кој ја наводнува земјата по должина и ширина, и сочинува 70 проценти од изворите на питка вода во Либија.

Некои го сметаат за најголем во светот, а поранешниот либиски лидер Муамер ел Гадафи го нарекуваше светско чудо. Потфатот е навистина импресивен.

Бахреин: Стабилна нула

Островското Кралство Бахреин, исто како и Либија, нема постојани реки. И покрај тоа, податоците за периодот помеѓу 1972 и 2017 година посочуваат дека нивото на површинските реки останало стабилно: „околу нула милијарди кубни метри годишно“.

Саудиска Арабија: Десалинизацијата како решение

Се претпоставува дека земјите кои оскудуваат за вода се пустински земји, па не зачудува што на листата се земји од Арапскиот полуостров. Сепак, она што зачудува е тоа што толку голема земја, која се простира на површина од 2 150 000 квадратни километри (значи, речиси 40 пати поголема од Хрватска) нема ниедна единствена река - а сепак обезбедува вода за 34 милиони жители.

Речиси половина од водата за пиење се добива со десалинизација на морската вода. Многумина се прашуваат дали тоа е решение за иднината на светот, во кој сè повеќе зборуваме за недостиг на вода.

Ватикан: Најмалата држава во светот без реки

Толку блиску, а сепак толку далеку - би можело да се каже за минијатурниот Ватикан, кој сам по себе нема река, но од италијанската река Тибер е оддалечен околу 400 метри.

Тибер сè почесто е предмет на јавни дебати заради загаденоста на водата, па можеби Ватикан и не е несреќен што нема река. Нешто губиш, нешто добиваш - во случајов добиваш грижа помалку.

Малта: Голиот бисер на Медитеранот

Покрај Ватикан и Монако, кои се толку мали што податокот дека немаат реки не е баш шокатнен, Малта е третата и последна европска земја која нема ниедна река.

И покрај тоа, нема ниедно (постојано) езеро. Ако погледнете сателитска снимка од овој остров среде Медитеранот, ќе забележите еднолични сиво-кафени тонови, со по некој белег зеленило.

Сепак, секогаш имаат поглед кон морето и се веселат кога прогнозата ќе најави дожд.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://punkufer.dnevnik.hr/