Сеќавање на револуцијата

18.09.2023 01:01
Сеќавање на револуцијата

Како и многумина на моја возраст, во последно време често размислувам за најважните настани во мојот живот, не само на личен план, туку и во поширок општествен контекст: на кој начин силите кои го обликувале тој контекст влијаеле на мојот живот и ги одредиле моите уверувања?

Нема сомнеж дека за најголем дел од мојата генерација, како на исток така и на запад, пресвртен настан беа културните револуции од шеесеттите и седумдесеттите години на 20-от век. (Од оваа генерализација морам да ги изземам земјите од Третиот свет зашто не знам доволно како западните културни револуции влијаеле на тамошните идеологии и општетсвените норми).

Во мај и јуни годинава беше одбележана 55 годишнината од мајските случувања (Les événements de mai). Минатата недела навршија 55 години од инвазијата на Варшавскиот пакт на Чехословачка, која доведе до раѓање на модерното дисидентско движење во Советскиот сојуз, кога осум луѓе на Црвениот плоштад во знак на протест кренаа транспарент со кој се осудува инвазијата.

Револуцијата ја дочекав во формативните средношколски години. Сè што се случува на таа возраст, дури и ако не е револуционерно, силно влијае на остатокот од животот. Влијанието е уште поголемо ако тие настани се револуционерни. Мојата генерација дотолку имаше среќа што овие случувања беа револуционерни пред сè на полето на културата. И Кина во исто време минуваше низ културна револуција, но тоа беше револуција од поинаков вид, повеќе идеолошки обоена и многу покрвава. Во секој случај, настаните во Кина не беа помалку значајни од културната револуција на западот.

Што беше остварено преку оваа револуција? Беше намалена општествената дистанца помеѓу богатите и сиромашните, што е големо достигнување; сексот беше ослободен, жените се изборија за подобра општествена положба и теренот беше подготвен за денешното прифаќање на родовата еднаквост и сите сексуални преференции во редовите на либералните елити; револуцијата донесе еднакви или слични граѓански права за црната популација во САД; и драматично беа променети и поедноставени правилата за облекување, што дополнително придонесе за општествено изедначување зашто веќе не беше можно да се погоди нечиј општетсвен статус врз основа на облекувањето.

На западот и комунистичкиот исток револуцијата беше слична, но имаше различни ефекти. На запад ги ублажи класната поларизација и класните антагонизми. Јас ја дочекав во Белгија каде учев средно училиште. По доаѓањето во Белгија ми беше јасно дека се работи за класно стратификувано општетсво во кое девојките од богатите семејства се забавуваат исклучиво со момчиња од исто така богати семејства. Правилата беа познати. Но револуцијата со текот на времето ги промени и уште во првата половина на седумдесеттите веќе не беше така. Се случи длабока општествена промена за која верувам дека успеа да опстане.

На исток, каде класните разлики беа помалку нагласени или сосема укинати со политичката револуција од крајот на четириесеттите години, новата револуција донесе визија за слободата. Покажа дека во непосредна близина постои еден многу послободен и поразновиден свет и тоа како реална можност, а не само како утопија. Тоа го инспирираше отпорот кон власта и ширењето на чувството за слобода - две нешта кои беа анатема за комунистичките режими кои инсистираа на конформизам и послушност.

Долгорочните ефекти на револуцијата се видливи преку примерот на генерацијата која стапи на власт дваесетина години подоцна. Не е вообичаено да се ставаат Бил Клинтон и Михаил Горбачов во иста реченица, но двајцата се одличен пример за она што го имам на ум. Клинтон е производ на рушењето на класните бариери во општественото напредување, исто како што Горбачов беше производ на популарните идеи од 1968 година, вклучувајќи ја идејата за социјализам со човечко лице. Тоа се уверувања кои влијаеле на Горбачов во студентските денови, што е потврдено во мемоарите на Зденек Млинар и „исповедите“ на Горбачов.

Уште една важна одлика на оваа револуција е тоа што таа не беше левичарска само според споменатите општествени ефекти, туку и по тоа што од заборавот го извлече младиот Маркс (чии рани списи заради околностите за првпат беа објавени токму тогаш, 100 години откако ги напишал) и така ја обнови верата во демократскиот социјализам.

Најголемиот предизвик за закоравените псевдомарксистички режими на истокот дојде од левицата. Што е уште поважно, зад нападот стоеше младиот Маркс, основач на политичкиот систем на кој се повикуваа властите. Не е случајност што речиси сите лидери на револуцијата во источна Европа потекнуваа од движењето на комунистичката младина: целиот Праксис во Југославија, следбениците на Лукач во Унгарија, Јацек Курон, Адам Мичник и Лешек Колаковски (некогаш припадник на сталинистичката левица) во Полска, Ота Шик и Александар Дубчек во Чехословачка.

Според ефектите револуцијата беше слична на реформацијата: ги освежи и реафирмираше изворните идеолошки уверувања и така го осветли јазот помеѓу уверувањата и реалноста. Подоцна истите лидери, како и остатокот од општеството, ќе се поместат кон десно: во правец на национализмот или класичниот либерализам. Тоа не ќе беше можно ако првиот отпор не го иницираше левицата чија критика беше идеолошки повалидна отколку ако доаѓаше од дискредитираната десница. Сакам да кажам дека во 1968 година источноевропските режими беа опремени за одбивање на нападите на десницата; но не беа подготвени да се соочат со нападите на левицата и навидум аполитичниот предизвик на ѕвонарките, долгите коси и гласната музика.

Од друга страна, на западот по рушењето на некои од општествените бариери и воспоставувањето барем привидна еднаквост, револуцијата, на повеќе начини, заврши онака како што завршија и револуциите од 1848 година, кога беше прокламирана формална политичка еднаквост, со тоа што во случајот на револуцијата од 1968 година беше прокламирана формална општествена еднаквост. Во двата случаи економскиот јаз се продлабочи дополнително. И покрај тоа, по 1968 година, економските разлики станаа поприфатливи отколку што беа пред револуцијата, кога револуционерите тврдеа дека нееднаквоста е последица на класните разлики. По револуцијата, економските разлики се прифатени како рефлексија на разликите во способностите и вложениот напор - накратко, како рефлексија на разликите во заслугите. Тогаш на сцена стапуваат две иконски фигури на револуционерната генерација која ќе направи пресврт кон неолиберализмот: Бил Клинтон и Тони Блер. Левицата практично ги ратификуваше традиционалните позиции на десницата претставувајќи ги како производ на здравиот разум и на тој начин им помогна да се всадат подлабоко.

Левичарскиот напад на западните режими заврши со валидација на ставовите на десницата кои дополнително зајакнаа со надминување на зависноста од традиционалната класна поддршка која некогаш беше тешко да се оправда. Навидум антикапиталистичката револуција од 1968 година создаде свет во кој капитализмот се чувствуваше побезбедно и позаштитено од кога било. Јошка Фишер, на местото министер за надворешни работи на Германија, го надгледуваше првото борбено ангажирање на германските вооружени сили по Втората светска војна; Боб Дилан доби Медал за слобода; Мик Џегер стана витез. Сите овие промени впечатливо ги илустрира фактот дека Џереми Корбин, единствената релевантна политичка фигура на западот која остана верна на идеалите од 1968 година, денес изгледа како ископ од некое далечно политичко минато.

Политичките ефекти од револуцијата на почетокот се разликуваа на исток и на запад, но на подолг рок беа речиси идентични. Како што видовме, на истокот нападот дојде од левицата, што ја ограничи можноста на режимите да одговорат. Со текот на времето социјализмот со човечко лице беше отфрлен како идеја, всушност, отфрлена е идејата за социјализмот во каков било облик. Конечниот исход на еволуцијата на истокот која го имитираше развојот на настаните на западот, беше нешто што Вацлав Клаус го опиша како „капитализам без придавки“. Со поддршка од сè помоќните националисти кои во меѓувреме станаа посилни, додека во 1968-та главно беа неважни, либералите успеаја да ги срушат комунистичките режими. (Тоа не значи дека го негирам значењето на подготвеноста на САД да завојуваат со комунистите на која било точка на планетата; тврдејќи дека се срушија одвнатре, впрочем сакам да кажам дека во 1989 година комунистичките режими веќе немаа што да им понудат на своите поданици.)

Револуцијата - со важен исклучок на споменатиот национализам - главно го обликуваше светот во кој повеќето од нас живееја до Големата финансиска криза од 2008 година, пандемијата од 2019-та или војната во Украина 2022-та - без разлика кој од овие настани ќе ги одвои епохите една од друга. Како и да е, денес се наоѓаме во сосема поинаков идеолошки свет.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Josef Koudelka

Извор: https://branko2f7.substack.com/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото