Изложба и книжевен бал – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“

22.09.2023 08:56
Изложба и книжевен бал – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“

Второто издание на Маалскиот фестивал во организација на КСП „Центар – Јадро“ официјално ќе биде отворено со книжевен бал и изложба на дела изработени на работилницата за креативно пишување за млади, „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.

„Без разлика дали ќе дојдете во тиква или во бела и раскошна кочија, во 19 часот ќе се запознаете со книжевни ликови создадени од тон имагинација на учесничките Маша, Мила, Мелиха, Анабела, Анастасија, Деспина, Теодора, Лара, Лејла, Сара и Сара (сè се женски)“ - велат од организацијата.

Самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, коса со супер моќ… се само дел од книжевните ликови, гости на балот, направени аналогно или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилски формули.

Ликовите и нивните приказни се многубројни и посебни, книжевно-имагинарни светови. Во нив ќе може да се влезе преку малите книгички – фанзини, кои споделуваат кирилица надвор од рамките на дигиталното објавување и комерцијалното издаваштво.

Што се фанзини? Мала книгичка или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски според техниката „направи сам“ , а обработува одреден културен феномен, како, на пример, литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување. Еве, на пример, ние пишувавме за чувства“, велат организаторките.

Учесничките, како што појаснуваат, ги изработија фанзините под менторство на уметниците Дарко Алексовски и Јован Јосифовски преку сечење, лепење, цртање и колажирање.

„Бал не е бал без музика, а за тоа ќе се погрижат диџеите Индог и Мартина Пенева. Дојдете да се журкаме заедно".

Дводневната работилница за креативно пишување за млади „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на кирилица“. Маалскиот фестивал е под покровителство на Асоцијацијата „Јадро“, Општина Центар и Министерството за култура.