Отворање на изложбата „Дрвото на животот” на Панче Ѓорѓиев

23.04.2024 07:00
Изложба на Панче Ѓорѓиев во галерија „Метаноја”

Во четврток, 25 април од 19 часот, во галерија „Метаноја” (ул. Максим Горки бр. 19) ќе биде отворена иложба на уметникот Панче Ѓорѓиев насловена „Дрвото на животот”.

Во својата рецензија за изложбата Коста Милков вели: „Од самите наслови на сликите и сценскиот приказ, јасно е дека Ѓорѓиев е одлично запознаен со библиската содржина. Самите слики сведочат дека познавањето не е само интелектуално, туку и интимно. Сликарот продрел во содржината, но и содржината продрела во него. Не само што креативно-интерпретативните изрази на уметникот ја формираат композицијата на секоја слика, туку и обратно. Избраната библиска приказна или сцена интуитивно го формирала уметникот. Низ сликите, тој ја раскажува приказната за тоа како Бог станува еден од нас и со тоа го остварува колективниот сон на луѓето велејќи им, „Богови сте” (Псалм 82:6; Јован 10:34)”.

Панче Ѓорѓиев завршил педагошка академија во класата на Проф. Ристо Калчевски и Данчо Ордев. Учествувал во повеќе групни изложби во Македонија и во странство, а реализирал и 12 самостојни изложби. Неговите дела се наоѓаат во повеќе приватни колекции во земјава и во странство. Работи како професор по ликовно образование во ООУ „Маршал Тито” во Муртино и ООУ „Борис Трајковски” во Моноспитово.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на мај 2024 година.