„Трансцеденција” – изложба на Јана Николовска

23.04.2024 08:45
„Трансцеденција” – изложба на Јана Николовска

Денес, 23 април, во 20 часот во КИЦ - Скопје ќе се отвори првата самостојна изложба на Јана Николовска - „Трансцеденција”.

„На оваа изложба сакам да ве поведам на едно патување. Сакам да тргнеме од крајот кон почетокот. Сакам сите да нурнеме длабоко во себе” – вели уметницата Јана Николовска.

Изложбата има за цел да направи едно патување низ различни димензии на човечката психа и внатрешност, презентирајќи пет видео инсталации со звук во простор.
Влегувајќи од сала во сала, посетителите ќе преминуваат од една во друга сфера од изложбата. Бидувајќи во секоја сала, инспирирани од видео инсталациите, посетителите ќе бидат во еден дух на себе-спознание и интроспектива. Идејата е да видео инсталациите допрат до душата на посетителите, отварајќи простор за размислување за самите себе си, начинот на кој живееме, битисуваме и постоиме.

Двете сали со видео инсталации се метафори за внатрешниот, метафизички свет кој постои истовремено со надворешниот свет - физичкиот свет. Со тоа што посетителите ќе влезат во едната сала со видео инсталации, тие ќе влезат внатре во себе, во внатрешниот свет, па излегувајќи од неа тие ќе пристапат во надворешниот свет. Кога посетителите ќе влезат во другата просторија со видео проекции, тие повторно ќе влезат во себе, и повторно, излегувајќи од просторијата, тие ќе бидат во надворешноста - чувствувајќи ја поврзаноста и рефлексијата на двата света кои постојат симултано и зависат еден од друг, алудирајќи на важноста на вршењето на интроспектива и поврзувањето со себе си.